Компанијата „МАМ“ од Свети Николе во април годинава доби согласност од Владата, со потпис на Никола Тодоров како вицепремиер, за одгледување на коноп што ќе се користи во медицински цели. Одлуката беше објавена пред десетина дена во Службен весник.
Еден од двајцата сопственици на оваа фирма е 46-годишниот скопјанец Зоран Додевски, човек кој долги години работи во Сител како извршен продуцент, а истовремено формално се води и како сопственик на сестринската телевизија Сител 3.
Со измена на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци од февруари 2016, во Македонија е легално да се одгледува коноп во медицински или во научни цели. Тоа може да го прават само фирми што исполнуваат посебни услови и имаат одобрение од Министерството за здравство, откако претходно ќе добијат согласност од Владата.
Компанијата „МАМ“ во моментов ја има согласноста и се чека уште амин од Министерството за земјоделство за да почне да работи.
Додевски за БИРН вели дека очекува уште летово да почне со одгледување на ова растение и главна цел ќе му биде да произведува суровина за маслото од коноп, кое ќе го произведуваат поголемите фармацевтски компании во земјава.
Според законот конопот не може да се извезува.
Фирмата ќе го одгледува конопот во оранжеријата на Додевски во Овче Поле, каде што тој веќе две години произведувал домати. Преку локални познавачи на проблематиката, бил на неколку саеми и се поврзал со фирми и со физички лица од Словенија и од Австрија, кои треба да му бидат партнери во овој бизнис.
„Кога сите најавени инвеститори ќе влезат во фирмата, јас ќе имам помала сопственичка улога“, вели Додевски.
Тој уверува дека оваа инвестиција е исклучително негова и на неговото семејство, оранжеријата ја подигнал со личен кредит и отфрла секаква поврзаност на новиот бизнис со фамилијата на Љубисав Иванов – Ѕинго, во чија медиумска империја работи со години.
Официјално засега партнер на Зоран Додевски во оваа компанија е Словенецот, Тилен Реихард од Крањ и според вложеното, Додевски има поголем дел од фирмата, односно вложил 24.000 евра, додека со само 6.000 евра, Словенецот има една петина од фирмата.
Од документите во Централниот регистар може да се види дека Реихард му се придружил на Додевски во фирмата во февруари годинава.
Покрај „МАМ“ во јавноста веќе беше промовирана уште една компанија што ќе одгледува коноп за медицински цели, а тоа е американскиот инвеститор НЈСК.
Оваа фирма веќе има погон во кругот на поранешната фабрика ОХИС и таа беше промовирана годинава од експремиерот Никола Груевски и министерот Тодоров како нов странски инвеститор.