Регион

Глобалниот карантин добредојден за порнобизнисот во Романија

  • 3
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Се удвоил и бројот на клиенти и бројот на апликации за работа | Илустрација: Игор Вујичиќ

Марсел Гаскоњ Барбера, Букурешт

Александра Маноле, три години работела како „модел“ во компанија што нуди интернет-содржини во живо за возрасни, а од 2017 година, самата отворила таква компанија заедно со уште една колешка.

Нивната фирма, наречена Студио 20 Дабл Д, се одржувала добро на пазарот, но по избувнувањето на пандемијата со Ковид-19, таа е преплавена со апликации за работа и со нови клиенти.

„Бројот на апликации порасна за 100 проценти, а бројот на корисници се удвои“, вели Маноле за БИРН.

„Ова е бизнис што добро работи во вакви времиња“, додава таа.

Романија е глобален лидер во понудата на интернет-содржини во живо за возрасни.

Во време кога голем дел од луѓето во светот имаат намера да останат дома за да се спречи ширењето на новиот корона вирус, посетеноста на сајтовите за возрасни расте. А во САД, од каде што доаѓа најголемиот дел од публиката, тукушто почнува целосното затворање.

„Целата индустрија, вклучувајќи ја и нашата компанија, очекува бројот на корисници и користењето на овие содржини да расте“, вели романскиот ИТ претприемач Алес Блук, технички директор на Скај Прајват, платформа што ги поврзува претплатените модели со клиенти и со сервиси за плаќање по минута.

Посетеноста на порносајтовите се вивнува во март

На самиот почеток на кризата, корисниците на социјалните мрежи правеа шеги, алудирајќи на веројатниот раст на посетеноста на порносајтовите.

Но, тоа се покажа како точно предвидување, откако Порн Хаб, најголемиот сајт за порнографија во светот, во средината на март соопшти дека дневната посетеност му пораснала за 5,7 проценти.

Порн Хаб ја укина претплатата за премиум содржини за корисниците во земјите што се најпогодени од ширењето на Ковид-19. Во Италија, европскиот епицентар на пандемијата, просечната дневна посетеност порасна за 13 проценти.

Но, и други делови од индустријата на забава за возрасни профитираа од кризата, вклучувајќи го тука и преносот со камери во живо.

Нагласувајќи дека тие не се занимаваат со порнографија, и Маноле и Блук велат дека комуникацијата со клиентите преку камери во живо овозможува интерактивно искуство, во кое „моделите“ се потпираат на нивните комуникациски вештини и емпатија. Поголемиот дел од времето за кое плаќаат корисниците поминува во разговор, велат тие.

„Како човечки суштества, имаме потреба да зборуваме со некого, да бидеме слушнати или да се отвориме кон некој друг, без да бидеме осудувани. Честопати полесно се отвораме кон луѓе што не ги познаваме, бидејќи не ни е толку страв дека ќе нè осудуваат“, вели Маноле.

Блук ги опишува овие услуги како „виртуелно искуство со девојка“.

„Нивниот прв инстинкт е да видат гола девојка што само ним им посветува внимание. Но, врската често се трансформира во нешто друго и потоа зборуваат за своите животи и за своите чувства“, вели тој за БИРН.

Сексуалните работници се префрлаат на онлајн-камери

Едно од студијата на компанијата на Александра Маноле | Фото: Студио 20 Дабл Д

Романскиот национален институт за статистика, ИНС, вели дека не собира податоци за бизнисот со интернет-преноси за возрасни во оваа земја, членка на Европската унија.

Според истражувањето на пазарот што го направила компанијата Скај Прајват на Блук, повеќе од 100 илјади жени во Романија работат во оваа индустрија.

„Некои студија имаат пет или десет модели, но работиме и со студија што имаат по 300 модели, а има неколку стотици студија во Романија“, вели Блук. Тој ја рангира Романија на второто место, веднаш по САД, според фирмите што нудат интернет-услуги во живо за возрасни.

Маноле вели дека пандемијата со корона вирусот предизвикала голем раст на апликациите за работа во март од жени што сакаат да станат „модели“ пред камери.

„Многу нови девојки се пријавуваат. Им правиме интервјуа онлајн, како мерка за заштита“, вели таа.

Голем број од тие што сакаат да се вклучат во овој бизнис се сексуални работнички или жени што работеле во салони за еротска масажа. Нивните приходи секнале поради рестрикциите за движење наметнати во целиот свет.

Блук вели дека видел сличен тренд со апликациите кај многу студија со кои работи неговата компанија и во други делови на Европа и во САД и се прашува дали индустријата има капацитет да ги прими сите.

„Студијата, кои работат со високо ниво на професионализам, не би прифатиле многу од нив, бидејќи работите што тие ги знаат се различни од комуникација преку камера во живо. Во оваа работа треба да знаеш англиски и да имаш одлични комуникациски вештини“, вели Блук.

Маноле вели дека еден модел што работи по осум часа дневно може да заработи повеќе од 3.000 долари месечно.

Но карантинот, кој од една страна го зголемува интересот за оваа индустрија, истовремено носи ризик кон потрошувачката моќ на клиентите, бидејќи уништувачките ефекти врз економијата веќе се чувствуваат, вели Блук.

„Нашата загриженост како бизнис сега е поголема, бидејќи ова не е класична криза и не знаеме што ќе се случува“, вели тој.

„Ризикот за нас како компанија е фактот дека оваа криза е посурова од другите и за нашите клиенти“, додава Блук.