Вести

Грујевски осуден на затворска казна од година и пол

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Една и пол година затвор за поранешниот началник на УБК, Горан Грујевски за незаконско уништување на документацијата за нелегалното прислушување за случајот „Тврдина 2“, пресуди денеска судијката Лидија Петровска од Кривичниот суд. Станува збор за првата пресуда изречена по поднесено обвинение на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Шесте службенички од УБК кои исто така беа обвинети за случајот, добија условни казни, како што бараше СЈО. 

„Денеска СЈО ја доби првата пресуда, обвинетите беа осудени, а ваквата пресуда беше во нашите очекувања“, изјави обвинителката Ленче Ристоска по завршувањето на судењето.

Обвинителството бараше најстрога казна за Грујевски со став дека тогашниот началник на Петтата управа наредил да се уништат илјадници документи и списи за да се сокријат трагите за нелегалното прислушување.

Адвокатите на обвинитите, пак, тврдеа дека во уништувањето документи нема кривична, туку евентуално прекршочна одговорност.  

Грујевски, освен за „Тврдина 2“, обвинет е и за случајот „Таргет – Тврдина“, за уништувањето на опремата за прислушување и за незаконското прислушување на илјадници граѓани. 

Грујевски во моментов се наоѓа во екстрадиционен притвор во Грција заедно со Никола Бошковски, вработен во УБК. Откако им беше одреден притвор за случајот „Таргет – Тврдина“, во јули годинава двајцата избегаа, а беа уапсени на аеродромот во Солун со лажни бугарски пасоши, во обид да избегаат во Будимпешта.

Прво во Солун ќе им се суди за лажните бугарски пасоши, а потоа ќе се одлучува за нивна екстрадиција која македонските надлежни органи веќе ја побараа.

Грујевски може да бара да се повтори судењето за Тврдина 2, бидејќи пресудата беше донесена во негово отсуство.

Од инфографиците на БИРН можат да се видат сите случаи за кои е обвинет Грујевски.