Суд во Хрватска пресуди дека државата мора да му исплати надомест во висина од 106.000 евра на семејството на Јанко Ќакиќ, цивил од српска националност, убиен во хрватската воена операција „Бура“, во август 1995 година.
Пишува: Свен Милекиќ, Загреб
Окружниот суд во Бјеловар, одлучи дека Република Хрватска треба да му плати отштета на семејството на Јанко Ќакиќ, убиен на 20 август 1995 година, објави во вторник порталот indeks.hr.
Судот, во понеделникот, ја потврди пресудата на Општинскиот суд во Шибеник и пресуди дека на ова семејството треба да му биде исплатено 106.000 евра отштета, плус камата.
Ќакиќ бил убиен од припадник на 15 хрватски домобрански полк „Петар Крешимир IV“, во селото Зечево, кое се наоѓа во регионот на Шибеник, по операцијата „Бура“.
Војникот потоа го запалил неговото тело и неговата куќа. Неговото тело е пронајдено, ексхумирано, идентификувано и погребано во 2015 година.
Порталот пишува дека одлуката на судот дошла како резултат на осудителната пресуда на сторителот, кој во 1996 година е осуден на шест години затвор.
Неименуваниот сторител е осуден за убиство, а не за воено злосторство, и по три години во затвор, тој беше помилуван од страна на тогашниот хрватски претседател, Фрањо Туѓман.
Судот во Бјеловар пресуди дека Ќакиќ бил убиен од припадник на хрватските вооружени сили, кој за време на војната бил во воена служба, па оттука одговорноста е на државата, која мора да му плати отштета на семејството.
Јавното обвинителство тврдеше дека во овој случај настапила застара.
Отштетата ќе им биде исплатена на вдовицата на Ќакиќ и на неговите ќерки.
За време на операцијата „Бура“, хрватските сили повратија голем дел од хрватската територија која од 1991 година беше под контрола на бунтовничките хрватски Срби.
Сепак, според хрватскиот Хелсиншки комитет, операцијата резултирала со повеќе од 600 убиени, главно постари цивили и протерување на повеќе од 200.000 Срби.