Списите на предметот за „крвавиот четврток“, односно за инцидентите во Собранието на 27 април, од скопското обвинителство се доставени до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое го презема натамошното постапување.
Од скопското обвинителство утврдиле дека „постои содејство на неколку осомничени во целокупните збиднувања во објектот на Собранието во надворешниот појас и во внатрешноста на објектот во целина“. Според обвинителството, станува збор за поголем број кривични дела кои не можат да се припишат само како деликт на масата.
„Основното јавно обвинителство Скопје од досега прибавениот доказен материјал оцени дека во кривично правниот настан кој го истражуваше, потребно е во оваа фаза, согласно законските прописи, да се вклучи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи дел од преземените дејствија од страна на лица инволвирани во настанот се во месна и стварна надлежност на ова обвинителство“, стои во соопштението.
Минатата недела, деветмина обвинети кои се поврзани со инцидентите од Собранието од 27 април кои се товарат за „учество во толпа која ќе спречи службено лице во извршување службена должност”, добија условни казни.