Регион

Ќе се снима филм за Анте Готовина

Анте Готовина / Фото: Бета

Анте Готовина / Фото: Бета

Во Хрватска овој месец започнува снимање на филм за животот на хрватскиот генерал Анте Готовина, кого Хашкиот трибунал го ослободи од обвиненијата за воени злосторства.

Снимањето на филмот „Генерал“, во кој ќе стане збор за животот на Анте Готовина, важна воена фигура во Татковинската војна во Хрватска во 90-тите години, кој подоцна беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства, „започнува во втората половина на февруари“, изјавија за БИРН од продуцентската куќа „Киклоп филм“.

Од таму ни потврдија дека главната улога ќе ја игра познатиот хрватски и холивудски актер Горан Вишњиќ, кој присуствувал на рочиштата на судењето на Готовина во Хашкиот трибунал.

Освен игран филм, чие прикажување е планирано за 2018 година, ќе биде снимена и ТВ серија од 8 епизоди, кои ќе се емитуваат на Хрватската радиотелевизија (ХРТ).

Покрај Вишњиќ, во филмот ќе глумат и познатите хрватски актери, Тарик Филиповиќ, Наташа Јањиќ и Горан Навојец, додека аудицијата за статисти ќе се одржи во градовите Задар и Госпиќ.

Хрватските медиуми во понеделникот објавија дека првата сопруга на Готовина, Колумбијката Химена Далел, ќе ја игра Пенелопе Круз, но оваа информација, сепак не е точна.

„За жал, тоа не е точно. Не знаеме од каде им е на медиумите оваа информација. Би било убаво кога би било можно вакво нешто“, изјавија од „Киклоп филм“.

Режисерот на филмот, 85-годишниот Антун Врдољак, во септември изјави дека би сакал Круз да ја игра оваа улога.

Објасни дека идејата за филмот прв пат ја добил кога Готовина бил уапсен и екстрадиран во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ.

Како што изјави, тогаш „наивно помислил дека би можел да му помогне (на Готовина) со филмот“.

Врдољак потенцира дека филмот „нема да има политичка димензија“ и дека нема да се занимава со околностите на апсењето и екстрадицијата на генералот.

Да потсетиме, Готовина во 2001 година беше обвинет за воени злосторства извршени за време и по хрватската воена операција „Бура“, спроведена во август 1995 година, кога, според извештаите на невладините организации, биле убиени околу 600 цивили од српска националност. По поднесувањето на обвинението, Готовина избега.

Беше уапсен на Канарските Острови во декември 2005 година и префрлен во Хаг на судење.

„Сценариото му беше испратено на генерал Готовина, тој немаше поплаки и не побара никаков надоместок за авторски права“, додаде Врдољак.

„Најдобар избор за улогата на Готовина беше Горан Вишњиќ, затоа што тој е совршено информиран за неговиот живот. Неколку пати досега разговараше со генералот, а беше присутен и на судењето во Хашкиот трибунал“, изјави режисерот.

 

Освен во Хрватска, каде што ќе бидат снимени сцените од детството на Готовина и сцените од војната во Хрватска во 90-тите години во која што тој учествувал, дел од филмот, кој зборува за периодот кога Готовина бил член на француската Легија на странци, ќе се снима во Франција и во Африка.

Откако во ноември 2012 година, заедно со хрватскиот генерал Иван Маркач, беше ослободен од обвинението за воени злосторства, Готовина се повлече од јавниот живот и се посвети на неговиот приватен бизнис – одгледувањето на туна.

Сепак, во мај 2015 година, се согласи да биде член на Советот за татковинска безбедност, тело што го формира претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ и чии членови се пензионирани воени лица и експерти за безбедност.

Во ноември, тој беше именуван за специјален советник за татковинска безбедност на министерот за одбрана, Дамир Крстичевиќ.