150 проценти вистина

Извесна влијателна личност на социјалните мрежи, активистка и борец за човековите права и правата на животните (во случајов нема да ја именуваме од причини кои подоцна ќе бидат образложени) објави на својот фејсбук-профил дека девојчето што се удави во Гостивар, бегајќи од куче-скитник, всушност било убиено од својот татко и потоа фрлено во Вардар.

Наспроти фактот дека оваа објава беше релативно бргу избришана од нејзиниот фејсбук-ѕид, таа, како што сувопарно би се изразиле овдешните институции, предизвика вознемиреност во јавноста. А вознемиреноста беше предизвикана затоа што оваа објава, непоткрепена со ниту еден аргумент, сосема некритички беше преземена од куп портали и медиуми, заедно сосе неизбежната фотографија (скриншот) од самата објава.

Не на прстите на една рака, туку на еден прст можеа да се избројат медиумите што ја објавија веста и се обидоа да добијат одговор од надлежните органи дали веста е точна или не. И наспроти острите деманти на СВР Тетово, сепак ја објавија веста (демантот, се разбира, беше ставен сосема на крајот на текстот).

Во ред, истите тие портали и медиуми следните денови почнаа да ги објавуваат демантирањата на официјалните органи, но како што велеа во мое време – објавена вест е како да истуриш пердуви од перница од балкон од петти кат, а исправката на веста има ист ефект како обидот да ги собереш истите тие пердуви и да ги вратиш во перницата.

Но, наспроти целото згрозување врз вака непромислената објава, наспроти јасната свест за сопственото влијание и наспроти последиците што таа ги предизвика, мене ми привлече внимание еден, навидум, небитен или не толку битен нејзин дел што тука ќе биде цитиран онака како што беше наведен на социјалната мрежа: „… – остана ли асален новинар кој ќе земе ова да го истражи?!

Новинар кој сѐ уште има грам свест и совест! Новинар кој е свесен дека нам, на јавноста, ни ја должи вистината и само вистината, колку и да е мачна?! Пуштајте се од оро, дечки, дур е време! Чукнете си ги главите и сфатете дека од нарачани вести што безумно ги пласирате сте директни соучесници во злосторства…“

Без оглед што авторката на објавата практично со ова си дава автогол, односно целиот цитат, всушност, може и се однесува токму на нејзината објава, сепак, парадоксално, таа е целосно во право. Токму некритичкото обелоденување на нејзината објава ја потврдува оваа нејзина изјава. Новинарите, имено, „не си ја чукнаа главата“ и ѝ поверуваа на невидено. И така, и онака направената штета ја мултиплицираа.

Значи, не ја амнестирам авторката за јавно искажаниот збор, бидејќи нејзината објава ја имаше токму таа цел – да предизвика внимание во јавноста, но уште помалку ги амнестирам тие на кои јавниот интерес и буквално им е професија. А потврдата на оваа теза дека новинарите, едноставно, во условите во кои работат, не можат или не сакаат да си го вклучат мозокот, дојде мошне бргу.

Имено, некој ден по бурата предизвикана од фејсбук-информирањето, речиси сите медиуми излегоа со ист наслов: „Заев: Намалување до 150 проценти на казните за прекршоци“! Овојпат не станува збор за избрзана сензација, пренесена од социјалните мрежи, туку за известување од официјална прес-конференција на македонскиот премиер и министерката за правда, Рената Тренеска Десковска.

Како прво, „намалување од 150 проценти“ е еднакво на математиката на Амди Бајрам од „102,3 проценти“, кого поради оваа изјава сите медиуми што ја пренесоа оваа вест, го имаа пратеникот на сериозен подбив. И како второ, Зоран Заев во своето излагање никаде не рече „намалување од 150 проценти“.

Бидејќи себеси се сметам за припадник на старата новинарска школа, не ме мрзеше да го преслушам видеозаписот од прес-конференцијата (денес барем тоа е лесно) и да видам и слушнам што навистина рече премиерот. Да, и тој имаше лапсус, објаснувајќи дека некои казни се намалуваат за два и пол пати, бидејќи исто како и наведените „150 проценти“, не постои намалување од два и пол пати, но тоа не го побива фактот дека некој, од некои причини, ги измислил процентите што потоа 90 проценти од медиумите ги ставија во насловот.

Тој некој во случајов (овојпат нема да го избегнеме именувањето) се вика Македонска информативна агенција, односно официјалната државна новинска агенција. Еве, да кажеме дека станува збор за лапсус од брзање, што, се разбира, и не е некое оправдување за професионална агенција (замислете, на пример, што се случува со вакви лапсуси од брзање кај другите професии – возачи, лекари, архитекти…), како тогаш да се објасни „наседнувањето“ на другите медиуми, кои, барем според закон, покрај новинари, имаат и уредници и лектори. И како тоа истовремено да им се случи на десетици медиуми?

Едноставно, системот е таков. Неолибералниот концепт, кој одамна владее и во медиумскиот простор, ја налага брзината пред објективноста и затоа доаѓаме до оној парадокс дека треба да ја браниме вистината од либерализмот.

Во таа смисла, не треба (би рекол и не смее) Владата да финансира печатени или какви било други медиуми. Доволно е да направи една регулативна рамка каде што новинарите и медиумите навистина ќе бидат вистински информатори. На крајот на краиштата, ако некое кафуле мора да работи по HACCP (хасап) стандарди, тогаш како е можно медиумите да не работат по никакви стандарди. Излегува дека е доволно да имаш компјутер и да замислиш дека си новинар, па да создадеш свој медиум. Дури и под државна капа.

Неодамна во Шведска беше направено едно истражување, според кое, само 20 проценти од тамошната јавност имаат доверба во нивната државна телевизија. Не сакам ни да помислам каков резултат би се добил ако ние направиме слично истражување за јавниот сервис. Веројатно, 150 проценти би имале доверба во него.

Ете, затоа сум против да ја спалиме личноста што ја прошири лажната вест за наводното чедоморство во Гостивар. И затоа не ја именувам. Затоа што ако човек не може да има доверба во професионалните новинарски погони, па дури ни во државната информативна агенција, тогаш зошто би имал доверба во социјалните мрежи? Не сум, се разбира, ни да ја спалиме МИА, затоа што лагата не се сузбива со санкции, затворања и со бесења на столбот на срамот, туку само и единствено со – вистината!