Букет за смет

Доста е од букети, конфети, празни изјави и лажна беатификација на жeната на Осми март. Немам намера да го намалам историското значење на празникот, но се противам на неговото децениско банализирање овде.

Сѐ е сведено на еднодневно празнење на цвеќарниците и полнење на рестораните. Кога забавите ќе завршат и букетите ќе свенат, се соочуваме со ноторниот факт – времето тече, ништо не се менува. 

Не мислам само на глупавите синтагми од типот „претставнички на послабиот пол“ и варијацијата „понежниот пол“, кои кај нас се одржуваат во вечен живот, заедно со описите „плаче како жена“, „вози како жена“, „настрана жените, ова е машка работа“ и други стереотипи наменети да зацементираат инфериорност во однос на мажите. Toa e само површината на ледниот брег, еден прихрануван наратив, кој кога го игнорираме како недоветен, уште повеќе фаќа залет.

Сѐ уште има случаи на откази на бремени жени, работнички кои во приватниот сектор не добиваат редовно плата, не им се исплаќаат придонеси, немаат здравствено осигурување

Убаво е што шефот на државата како врховен командант за првпат поставил жена аѓутант. Ама во време кога жени во светот активно учествуваат во подолготрајни мисии во Меѓународната вселенска станица, водат држави, меѓународни институции, тоа изгледа како мала утеха.

Во нашево општество, каде предрасудите и стеротипите и натаму имаат амбиција да го околчат „местото на жената“, не е чудно што таа е врамена како предодредена за готвење, чистење, перење, пеглање, набавки и грижа за домот. Неодамна во емисија од хуманитарен карактер, водителка (уште попоразително) зачудена праша здрав маж на околу 50 години: „Зарем сам се перете? Па, зарем нема некоја жена да Ве испере?“

Во почетокот на 90-тите, кога еден премиер ги нарече машините за перење – луксуз (во контекст сосема различен од овој) го качивме на куцо магаре од критики. Ама и кога таа не е луксуз, и кога е потребно да се притисне едно копче за таа да работи, обврската се „врзува“ за жената. Исто како и шпоретот, правосмукалката… 

Ама на пазарот на трудот не е така. Таму предност во секоја смисла имаат мажите. Жена може да донесе и диплома од Харвард и куп сертификати за разни вештини, ама сето тоа паѓа во вода пред непримерното прашање – имате ли деца? Ако речете „не“, следи одговор „мене ми треба некој што нема да оди на пордилно“. 

Да не зборувме дека сѐ уште има случаи на откази на бремени жени, работнички кои во приватниот сектор не добиваат редовно плата, не им се исплаќаат придонеси, немаат здравствено осигурување, а се под разни закани дека ќе го изгубат и тоа малку што го имаат, ако реагираат или пријават. 

И не е само тоа. Што да се каже за несанкционираното родово базирано насилство, кога поради игнорирање или несоодветно постапување по пријави на жените, завршува со фемициди?  

Што да се каже за една провинциска свест, во која е полесно да организираш ромски бал и да спискаш дебели суми за пејачки од соседството заради фалбаџиство со кого си се забавувал, а уво да не те боли ако нема гинеколошка ординација во најсупстандардната општина во Македонија. 

Што да се каже за случајот на Јилдиз Веапоска, од чија голгота научивме дека директор на болница во слободно време ординира во своја нелегална ординација. Што и значи Осми март на жената на која и се извадени три органи при породувањето, а чиј судски процес по трет пат почнува одново? 

Еднаквите права и можности се нешто што се подразбира во општество кое се стреми да биде демократско во вистинска смисла и економски напредно. Тој е букетот што недостига

Што им значи Осми март на жените од јавната сцена (политиката, култура, естрада, медиуми) кои се предмет на дигитално насилство, навреди или говор на омраза, случаи кои не завршуваат со санкции? Што им значи празникот на жените кои немаат заштита од надлежните, а ни покрив над главата, па повеќе и не пријавуваат насилство? Што им значи на жените кои утре повторно ќе одат на работа, каде при исто работно место се помалку платени од нивните машки колеги?   

Потребно е да се вложуват дополнителни 360 милијарди долари годишно за да се постигне родова еднаквост, проценија Обединетите нации. Бројката доволно сведочи колкав е јазот, какви се состојбите и колку средства и напори се потребни за да се постигнат целите. 

Со цветови и изјави препишани од лани, преклани, ништо не правиме. Ова не се прашања за кои треба да се преговара. Еднаквите права и можности се нешто што се подразбира во општество кое се стреми да биде демократско во вистинска смисла и економски напредно. Тој е букетот што недостига. Другите веќе утре може да ги фрлите во смет.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија