Претпоставувам дека многумина нема да се согласат со моето тврдење дека овие избори што неодамна се завршија, всушност, претставуваат демонтажа на една политичка логика, која веќе одамна го изгубила својот легитимитет, а кај нас, ете, сѐ уште функционира и има свои следбеници.
Да, ќе кажете дека голем број гласови освои таканаречениот десничарски национализам и партиите што се служат со оваа политичка реторика. И ќе бидете во право. Меѓутоа, без оглед на бројот на гласови или токму поради тој број, тешко може да се каже дека оваа логика беше доминантна меѓу овдешните гласачи.
Се разбира, Демократската унија за интеграција оствари респектабилен резултат (15 пратеници) и иако е тешко да се замисли какво било парламентарно мнозинство без нив, се чини дека сите политички постулати врз кои се базира оваа партија и нејзината програма се исцрпени.
Значи, и покрај изборниот резултат, велам дека нивната предизборна парола за етничко одредување на премиер не е веќе прашање што може да го реши изборниот победник, како што не се ни таканаречената Тиранска платформа, Договорот за добрососедство со Бугарија или каква било политичка опција што се базира на „опстанокот на нацијата“.
Нужно е токму сега ДУИ да партиципира во власта затоа што неминовното прифаќање и имплементирање на европските вредности нема да значи ништо друго, туку токму демонтирање на политиките што ги персонифицираат ДУИ и Али Ахмети
Да се разбереме, не стана Барак Обама претседател на САД за да се потврдат правата на Афроамериканците, туку затоа што Џорџ Буш помладиот и воопшто републиканските политики не им беа по мерка на американските гласачи. Обама стана претседател затоа што неговата програма и неговата политичка реторика му беа најблиски на американскиот гласач, а попатно стана и првиот американски „црн“ претседател („црн“ е во наводници затоа што Обама е „црнец“ според американските сфаќања на работите. Во Латинска Америка, на пример, секако не би бил нарекуван така).
Со други зборови, не ми е тешко да претпоставам дека и во Македонија Албанец може да биде премиер (зошто не?, што би рекле луѓето од ДУИ), но само ако со своите политики биде прифатлив за најголемиот дел македонски граѓани. Приказната дека етничката припадност е некаков „трет избор“ (па, уште од ДУИ!) едноставно не држи вода.
Политичката понуда на ДУИ, која единствено се базираше на колективните, односно етничките права, формулирани преку барањето за Албанец-премиер, во времето кога треба да се отворат преговорите со Европската Унија, е понуда што мириса на некое кај нас веќе свршено време. Токму од овие причини сметам дека е нужно токму сега ДУИ да партиципира во власта, затоа што неминовното прифаќање и имплементирање на европските вредности нема да значи ништо друго, туку токму демонтирање на политиките што ги персонифицираат ДУИ и Али Ахмети.
Ако по некој случај ДУИ остане во опозиција, тогаш нејзиниот национализам може само да се билда и партијата да остане, па дури и да ги зајакне своите политички фундаменти, базирани на таканаречените колективни права. Односно да не ги спроведе неопходните реформи за да може да се снајде во времето што претстои.
Останува да се види дали ВМРО-ДПМНЕ, исто како и ДУИ, ќе остане заглавено во силата на инерцијата или ќе може да се надмине себеси и да ги открие предизвиците на новото време
Повикот на Али Ахмети во Хаг (допрва ќе се види во какво својство) може, исто така, да се толкува како почеток на демонтирањето на ДУИ, односно како обид на таканаречената меѓународна заедница да покаже дека стои зад европските вредности и дека во таа смисла радо би видела една реформирана ДУИ како еден од важните партнери во разговорите што претстојат.
Останува на ДУИ, на нивните внатрешни сили и, во крајна линија, на самиот Али Ахмети да покажат дали ја разбрале пораката. Ако не ја разбрале, јас навистина не знам со каква политичка понуда ќе излезат на следните избори. Целата влада да биде етнички албанска? Со други зборови, ризикуваат, и покрај изборниот успех, набргу да станат политички мртви.
Слична, иако не и идентична судбина ги очекува и ВМРО-ДПМНЕ. Нереално е, се разбира, да се верува во нивното самохрабрење дека ќе бидат во можност да соберат парламентарно мнозинство и да формираат влада. Изгледа нелогично, ама се чини дека тие здушно се борат да ги доуништат своите и онака тенки коалициски капацитети.
Нивната исклучивост во тврдењето дека освоиле најмногу македонски гласови, базирано врз фактот дека во коалицијата што ја предводи СДСМ има четворица пратеници од Беса, не е ништо друго, туку друга страна на паричката на ДУИ, односно една надмината политика, која не може да понуди ништо друго, освен одбрана на некакви колективни права. Нивниот однос кон Преспанскиот договор, кој може да се толкува како „ни риба, ни девојка“, не може да изгледа убедливо ниту за нивниот „тврд“, а уште помалку за „либералниот“ дел од нивното гласачко тело.
Со други зборови, и овој резултат што го постигнаа на неодамнешните избори повеќе се должи на нивната инфраструктура и гласачките навики, отколку на некаква идеологија или политичка понуда.
Останува да се види дали ВМРО-ДПМНЕ, исто како и ДУИ, ќе остане заглавено во силата на инерцијата или ќе може да се надмине себеси и да ги открие предизвиците на новото време. Каков избор и да направат овие две партии, демонтажата на нивните политики е неминовна. Од нив зависи со какви лузни ќе излезат од таа демонтажа.