До одмаздата и по неа

Верував дека на СДСМ барем малку му е јасно зошто доживеа таков дебакл на парламентарните избори. Ама изгледа дека не разбрале ништо. Причини имаше многу, но една од клучните беше леснотијата, сервилноста, политичкиот и дипломатскиот дилетантизам со кои го зграпчија францускиот предлог, во стилот „дај што ќе дадеш“, колку да се провозат на изборите и да се пофалат дека ги отвориле портите кон ЕУ.

За разлика од нивната кусогледост, површност, трчај-мочај политика, Бугарија покажа дека трипати мери – еднаш сече.

Без многу врева, бргу ги отфрли предлозите што ги сметаше за спорни во однос на нејзините национални интереси. Прво го отфрли германскиот, а потоа и португалскиот предлог. Софија кажа „да“ дури кога го издејствува францускиот предлог, со нејзини силни дипломатски напори, партнерска помош и со македонско дипломатско зјаење во празно.

Наместо СДСМ и ДУИ да кажат „не“ по бурните негодувања во земјата за дел од содржината на предлогот, тие изигруваа мудреци и визионери, сигурни дека ќе обезбедат двотретинска поддршка за уставните измени. Не обезбедија ни на балкански начин.

Ако нешто не може да им се одрече на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ е конзистентноста и тогаш, но и сега кога се на власт – дека нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат, еден симплифициран рефрен, кој значи „не, не и не“ за предлог, за кој ниту биле информирани, ниту консултирани.

Оттука, крајно некоректно е СДСМ и ДУИ да ја обвинуваат владата за автоблокада на интеграцискиот процес, бидејќи таа каша тие ја замешаа.

И тешко дека СДСМ ќе закрепне како партија, сѐ додека не сфати дека изборната лавина од гласови за ВМРО-ДПМНЕ беше одговор на социјалдемократската сервилност, на чувството дека СДСМ и ДУИ, стрвни за власт, дозволија секој да си игра со достоинството на граѓаните кога ќе посака и како ќе посака, додека тие беспоговорно и инфериорно климаат со главата, без да прават разлика меѓу конструктивност и сервилност, меѓу визионерство и нааканост, меѓу дигнитет и понизност.

Мелем за рана

Имам впечаток дека и во ЕУ не разбираат сосема јасно зошто до пред седум години длабоко компромитираната партија на Груевски доживеа невиден камбек со новиот лидер Мицкоски. Затоа што, за разлика од отуѓените и арогантни елити на СДСМ и ДУИ, тие го слуш(н)аа тој крик на граѓаните.

Го слушам денеска и Орбан, говори колку е битна националната гордост за секоја нација. Битна е. Ама се плашам дека со фрлање мелем врз македонските концесиски рани (во случајов не мислам на Орбан), во иднина овде може да остварат успех и некои недобронамерници, токсични за нашата декларирана геостратегиска ориентација.

Ќе с’скаaт против ЕУ, користејќи го вакуумот, во кој Унијата рутинирано ќе нѐ потсетува да го спроведеме „последниот“ услов, додека земјата сѐ уште не е закрепната од претходните. Едно е кога за таа мака говорат наши политичари, а сосема друго, кога со такви рефрени некој однадвор се обидува да ги придобие разочараните души. Така се пополнува просторот со токсични играчи, така паѓа интересот за ЕУ, така се топи довербата во фер принципи и еднакви стандарди што Брисел може да ги понуди.

А заради слепо солидаризирање со Бугарија, за жал, нејзините европски партнери навистина ризикуваат да се отвори Пандорина кутија на Балканот. Некои од најгласните иницијатори за бугарското вето веќе денес се многу „загрижени“ дека можел да се засили албанскиот сепаратизам, па сугерираат дека бугарската политика требало да е многу поактивна ако не сака да граничи со Велика Албанија, туку со братска Македонија.

А потсетуваат дека уште во 2020 година имале впечаток оти притисокот бил да се забрза процесот, ама повеќе заради Албанија, отколку заради Македонија.

Одмаздата е најубава кога се сервира ладна

Вакви загрижености во форма на подметнувања имало и ќе има. Ама проблем и на ЕУ е тоа што европска Бугарија, од надредната позиција од која гледа кон нас, не си го чисти дворот од туѓи сателити и саботери на добрососедството.

Ќе ја земам како пример националистичката партија „Преродба“, чиј лидер го нарекуваат Копејкин. Јасно е зошто.

Синоќа, откако пратеници на Преродба, заедно со пратеници на ИТН, направија хаос во бугарското Собрание за да спречат измени на еден закон. Корнеа кабли, исклучуваа струја, туркаа жени вработени во Собранието, или како што рече Кирил Петков – промовираа комплетна простотија. Пратеник на ДПС јавно искритикува: „Кремаљската партија си ја заврши работата“.

Но, истата таа „Преродба“ воопшто не беше Кремаљска партија кога поднесе декларација против навреди од Македонија, а која со амандмански интервенции едногласно ја прифатија сите, дури и оние што постојано се згрозуваат од (про)руските инсталации во неа. Тогаш се фалеа со единството на високосвесната политичка класа. Звучи шашаво, ама функционира.

Дури и големиот евроатлантист Бојко Борисов, лидер на ГЕРБ, вчера, ем ги повика пратениците да зборуваат за Македонија без емоции, разумно и ладно, бидејќи нивната дискусија ќе ја слушаат и партнерите од ЕУ, ем порача дека „одмаздата е најубава кога е студена, ладна“.

Да ликуваш за раздвојувањето на Албанија и Македонија со изрека соодветна за мафијашки речник, не говори добро за тој што ја искажува. Повеќе говори за увереност дека на Бугарија „ѝ се може“, а Македонија ќе мора да трпи бидејќи од Софија ѝ зависи „визата“.

А СДСМ, наместо да се скрие во глувчешка дупка, уште безобразно ја прашува владата – каде ви е планот? Не остана простор за никаков план по кашата што ја зготвија тие и ДУИ. Клучот и планот остануваат најмногу во рацете на ЕУ.

Обврска на Македонија е да бара и да нуди решенија, максимално да се посвети на внатрешното консолидирање, да негува стабилни меѓуетнички односи, да ги игнорира провокациите од источниот сосед, да биде конструктивна и да не се разочарува ако добие уште некој удар под појас. А сите што повторуваа дека реформите не ги правиме заради ЕУ, туку пред сѐ заради нас, еве им шанса, сега нека го покажат тоа.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија