Груегзит

Бевме Македонија што страда, станавме Македонија што се надева, во недела треба да бидеме Македонија што победува. Не ме интересираат анкетите, ни теренски, ни телефонски. Сакам да ги гледам луѓето в очи, да видам знак дека се свесни и зрели за важноста на одлуката што треба да ја донесат. Без оглед дали се партиски членови, симпатизери, непартиски или до вчера биле неопределени, сите треба да сфатат дека овие избори не предвидуваат некој да биде „публика“.

Состојбата не дава комодитет да се мижи пред реалноста, да се биде неопределен, да се седи на трибините и да се грицкаат семки, оти утре може да гризе совеста.

Не знам дали и колку се информирани, но на оние кои не се, мора да им се предочи дека Македонија денес е во најтешката фаза од нејзиното осамостојување. Помалку е важно за кого гласале до вчера. Важно е за кого ќе гласаат во недела.

Важно е да разберат дека овие избори не се за оваа или за онаа партија туку за клучен избор – длабоки демократски промени или длабока бездна.

Зад параванот секој гласач е сам со својата совест и мора да си го постави прашањето – чие име вреди да се заокружи: симболот на децениската криминализација на државата од страна на една авторитарна врхушка или концепт кој ветува враќање на правдата, еднаквоста, слободата и демократијата?

Состојбата не дава комодитет да се мижи пред реалноста, да се биде неопределен, да се седи на трибините и да се грицкаат семки, оти утре може да гризе совеста

Накусо – дали и натаму во возниот парк на нивната совест ќе го поддржуваат купувањето на најскапиот „мерцедес“ во Југоисточна Европа, најскапата партиска палата во Европа, додека на политичките опоненти (кои не смеат да се третираат како архинепријатели) ќе им следуваат исклучиво ендеци, праќање „у п…. матер“, опслужување со динамит, уцени, притисоци… Или, решително ќе гласаат за сѐ што е спротивно на тој еднопартиски варваризам кон граѓаните.

Ова особено се однесува за членовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои со ништо немаат придонесено за срамните активности на нивното раководство. Тие чесни луѓе во недела се пред двоен избор. Треба да кажат дали сакаат да живеат во приватниот пашалак, во каков што ја претворија државата Груевски и фамилијата, или во правна, слободна и демократска Македонија.

Со тој избор, истовремено ќе пратат и порака дали сакаат да останат следбеници на криминализиран врв кој веќе не ѝ служи ни партијата, а најмалку на татковината. Таква зрелост и еманципаторска свест е исклучително потребна во овој миг.

Да, знам. Дел од заблудените синови се смешкаат под мустаќ, со иронична насмевка што значи „никој ништо не ни може, ако освоиме мнозинство“. Не, драги пријатели, вистината е дека никакво мнозинство на ДПМНЕ нема да ја извлече Македонија од криза. Мнозинството го бара партискиот врв само за да ја ескивира правдата, а не за да ја извлече државата од калта во која ја вовлече.

А, ако нема правна разрешница за криминалот, кризата не само што ќе продолжи туку ќе доживее експлозија, па макар имале и амдиевска доза од 102, 3 посто поддршка од уценети гласачи.

За жал, вчера светот го обиколи веста дека 30-годишен државјанин на Македонија се самозапалил во бегалски камп во Рејкјавик, откако неговото барање за азил било одбиено и исландските власти сакале да го вратат во Македонија. Има ли поголема „препорака“ за тоа каков е животот под овој овој режим, штом некој решил дека е подобро да избере смрт, отколку да се врати во „инвестицискиот рај“ на Груевски?

Човеков имал 20 години кога Груевски дошол на власт. За цели десет години не добил никаква шанса, штом морал да замине. Нашиот „Јан Палах“ својот очај го презентирал на меѓународна сцена, таму каде што Груевски папагалски повторува дека сме први во „дуинг бизнис“ и други слични економски успеси…

Овие избори не се за оваа или за онаа партија туку за клучен избор – длабоки демократски промени или длабока бездна

Еве најдиректна потврда како тој „успех“ се одразува на граѓаните. Утре ќе заминат и многу други, покрај оние што веќе скитаат низ светот со бугарски пасоши и чемер во душата. Таа трагедија нема да запре ако дозволиме и натаму да бидеме купувани со субвенции, функции, бањи, кубик дрва, вреќа брашно, 60 евра…

Тоа ли е нашиот влог за иднината? Тоа ли е цената на нашето „достоинство“ наспроти можноста да бидеме слободни и неуценети граѓани?

Овие прашања треба сите да си ги постават зад параванот, во кој нема камери како што ги лажат гласачите. Нема камери ни во пенкалата. Да имаше, не ќе им бараа да ги фотографираат гласачките ливчиња, за да бидат сигурни дека некои и натаму се нивни партиски заложници, вазали, измеќари…

Не е срамно да се згреши, срамно е човек никогаш да не се коригира, особено кога со свои уши ќе слушне како апсолутна власт апсолутно корумпира, забегува, ги поминува сите граници на нормалното.

Се сеќавате ли каква експлозија од славје имаше на плоштадите низ Македонија во 1998 година, кога СДСМ ги изгуби изборите? Претходно четири години владееше сам, без опозиција, неконтролирано, раскалашено… ВМРО-ДПМНЕ тоа го прави десет години со елиминирање на опозицијата од сите процеси, во неспоредливо агресивна форма и со такви авторитарни манири кои ни оддалеку не можат да се споредат со тогашното поведение на социјалдемократите.

Во 1998 година победи желбата за промени и се покажа граѓанската зрелост. Во недела сме пред ист испит, само во многу потешка ситуација, кога перформансите на државата се вратени назад, многу далеку од елементарните демократски стандарди.

Оваа агонија на денешна Македонија е страницата што во недела треба да ја затвориме и да ја испратиме во историјата. Слободна и демократска Македонија е страницата што треба да почнеме да ја пишуваме од 12 декември.

Првите зборови почнавме да ги запишуваме уште на 24 декември 2012 година, на тој „црн понеделник“ кога Владата ни покажа дека Собранието е нејзин измеќар, дека демократијата е музејски експонат, дека поделбата на трите власти е непостојна категорија, дека судството е партиски приврзок, а институциите празни карабини.

Акумулиравме многу тешкотии, тажни приказни, изгубени животи, сомнителни сообраќајќи, изнаслушавме многу „бомби“, се скандализиравме од безброј варваризми, бесчестие, криминал, упади во приватноста, елиминации на медиуми, на шансите за еднаквост, на правото за достоинствен живот…

Но, сите тие тешкотии и сите научени лекции стануваат наша предност во одлуката за избор. Затоа, кога ќе застанете зад параванот, сетете на прашањето што го постави Никола Младенов: Колку чини слободата? Сетете на малечката Тамара и прашајте се дали нејзиниот живот ќе го прогласите за залудно згаснат или ќе го прифатите аманетот што со смртта таа го остави – да се бориме за животите на сите деца!? Сетете се на Мартин Нешкоски и на неговата крв на плоштадот со која убиствено е прославена победата на ДПМНЕ. Сетете се на чичко Милорад Георгиевски, кој беше казнет со 150 евра затоа што за 20 денари „на диво“ продавал коприви за да си го прехрани семејството.

Како ви изгледа таа реалност погледната низ очилата на лидерот од 60.000 евра? Порозова? Сетете се на сите гладни и сиромашни под картонски и лимени куќарки, наспроти големиот бетонски ѕид што треба да ги скрие водњанските плацови на вождот од погледите на „саканиот народ“, и од Потемкиновата реалност што ја продава пред светот преку скапо платени реклами.

Поразот на Груевски не е пораз на ВМРО-ДПМНЕ туку на криминалните политики на неговото раководство. Неговиот пораз не е пораз на партијата туку нејзино ослободување од срамот што тој го рефлектира врз неа

Сетете се на изгубените животи на полицајците во „Диво насеље“, испратени во акција „за спречување шверц на дрога“. На нивните наредбодавачи службата за достава и натаму непречено им разнесува бело за мал „гушт“, меѓу две акции за одбрана на татковината. Сетете се на сите монтирани случаи и апсења пред камери, кои требаше „на сигурно“ да ги тргнат непријатните сведоци за активностите на власта – од делење изборен кеш, до местенки и елиминации од секаков вид, типични за мафијашко раководење на државата.

Сетете се… Ако не се разбудиме, никој друг нема да ја заврши нашата граѓанска должност. Со гласањето за промени даваме голем влог во прекинување на културата на поделби, која режимот ја користи за децениски да опстојува врз принципот „раздели па владеј“.

Најважно е да бидеме луѓе. Добри луѓе. Тие градат мостови на разбирање и градат држава. Ќе бев среќна Груевски да беше најлош премиер, ама добар човек. За жал, го немавме ни првото, а најмалку второто. Не е важно дали сме Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, теисти или атеисти, вмровци, сдсмовци, непартијци… Важно е да се разбираме и да си посакуваме мир, спокојство и пријателство, а не раздор и пресметки.

Македонија нема да пропадне ако изгуби на натпревар на „Евросонг“, во фудбал, ракомет, кошарка… Но, ќе пропадне ако дозволи да ја изгуби човештината и нејзиниот најголем капитал – луѓето.

Македонија нема да пропадне ако изгуби на натпревар на „Евросонг“, во фудбал, ракомет, кошарка… Но, ќе пропадне ако дозволи да ја изгуби човештината и нејзиниот најголем капитал – луѓето. Сега е токму на тој пат

Сега е токму на тој пат. Власта раздели многу браќа и пријатели, ја поттикна омразата, гневот, нетрпеливоста, избрка многу млади, уби многу надежи. Таков режим не смее да добие шанса да се реинсталира на политичката сцена, затоа што тоа ќе води кон деинсталирање на Македонија од мапата на современи држави.

Поради тоа, имаме исклучително важна задача – обединети да ја вратиме довербата во Македонија. Услов за тоа е тотален „Груегзит“ од политичката сцена во земјава. Членството на ВМРО-ДПМНЕ заслужува демократско водство, а Македонија заслужува демократска иднина.

Поразот на Груевски не е пораз на ВМРО-ДПМНЕ туку на криминалните политики на неговото раководство. Неговиот пораз не е пораз на партијата туку нејзино ослободување од срамот што тој го рефлектира врз неа. Впрочем, Груевски и никогаш не бил персонификација за ВМРО, за жал, дури ни за ДПМНЕ.

Тој е симбол на дното на човечката совест и одговорност, кој дури и големата револуционерна икона Гоце Делчев ја сведе на обичен нарачател на егзекуции преку срамен човечки материјал од типот на Ќосето.Тажно и трагично.

Историчарите срамно молчат за ваквото мизерно толкување на делото на Гоце, скриени во глувчешка дупка. Црковните великодостојници си гледаат во мантиите, во недостиг од одговор за зборовите што логореично и неодговорно ги изговара овој, божем, демохристијанин, кој остана главен мобилизатор за раздор и блокатор на општествената кохезија.

А ние сме желни и жедни еднаш да ја искусиме Македонија целосно сплотена околу заедничките вредности, да разговараме без гнев и непријателства, без одмазда и реваншизми, затоа што граѓаните заслужуваат многу подобро и повеќе од тоа. Тој идеал не смее да биде спречен од еден човек и неговата криминална дружина.

Во тоа име, во име на заедничкиот пат кон демократски промени, за нашата и иднината на нашите внуци, родени или неродени, а веќе длабоко задолжени деца, да заокружиме за промени.

Од тој потег зависи како ќе бидеме запишани во историјата и меморијата на следните поколенија – како предводници или предавници на иднината.