Игра мечка…

Денес (понеделник), Центарот за управување со кризи ќе решава дали во Општина Маврово – Ростуше ќе се воведе кризна состојба. Затоа што, види чудо, во Националниот парк „Маврово“ се појавиле – мечки! И сега тие го загрозуваат имотот, животот и здравјето на локалното население.

Лесно можам да замислам дека мечките направиле свој Центар за управување со кризи и прогласиле кризна состојба во нивното пребивалиште поради големата наезда на – луѓе. И решиле повторно да си ја повратат својата територија. Зашто, да го парафразираме директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанчо Ангелов, мечките ги сакаат луѓето, ама повеќе ги сакаат мечките. Неблагодарно е да се иселат веќе сериозно раселените села, ама мечките лесно би можеле да заклучат дека е неблагодарно да дозволат да се загрози и нивниот опстанок.

Според Стојанчо Ангелов, во Националниот парк „Маврово“ имало меѓу 160 и 180 мечки. А, според некои проценки, требало да има 70 мечки! Значи, повеќе од половината се – вишок! Зошто? Според чиј проценки се ограничува бројот на еден, и тоа загрозен животински вид?

Работата можеме да ја превртиме вака: Во Општина Маврово – Ростуше има меѓу 160 и 180 викендички (секако дека ги има многу, многу повеќе, но оваа бројка е ставена само како аналогија), а, според некои урбанистички планови, би требало да има 70. Значи, повеќе од половината се – вишок! И што ќе правиме со тој факт. Ќе прогласи ли општината вонредна состојба за да го заштити Националниот парк?

Стручњаците велат дека приближувањето на дивите животни до човековите станишта е нивниот одговор на човековото однесување – отпадот што се шири околу населбите и не се чисти

По дефиниција, мечките не јадат луѓе. Ги повредуваат, ги убиваат, ама не ги јадат! Од друга страна, мечкиното месо набавено од криволовци уште важи за еден од најскапите и најегзотични специјалитети што може да се најде на човековата трпеза.

Пред некои десетина години, ми кажуваше еден пријател, по потекло од едно планинско село, како селото го решило проблемот со мечките што му доаѓале во посета. Во селото буквално ништо не вирее, така што еден од главните извори на приходи им е медарството. Ми вели пријателот дека во раните утрински часови низ прозорецот го гледаш мечокот како влегува во дворот, го крева капакот од сандакот со пчели и ја става шепата внатре барајќи мед. Не прави штета само со медот, туку практично го уништува целото улиште. Пријателот ги опколил сандаците со жица. На едниот крај жицата ја поврзал со акумулатор, а на другиот крај со појак транзистор. Кога изутрината ќе дошла мечката, ќе се сопнела од жицата и така ќе го вклучела транзисторот, наместен на најгласно на некоја турбофолк радиостаница. Мечката по правило ќе се исплашела и ќе избегала. Сѐ до моментот кога конечно ќе се откажела од намерачениот плен. Не е пријатно, вели пријателот, во четири изутрина да те разбуди Аца Лукас, ама, сепак, е подобро отколку да останеш без мед и пчели.

Слични проблеми имаше еден друг познаник некаде од Источна Србија. Соочувајќи се со проблемот, човекот решава да ѝ плаќа рекет на мечката. Тој произведува три вида мед. И сега врз сандаците со мед остава три чинии со мед, по една од секој вид. Мечката доаѓа, го јаде медот и си заминува. И човекот и мечката се задоволни. И медот, помалку или повеќе, на број.

Освен што, според зборовите на пријателот, сега му се појавува друг проблем. Муштериите разбрале кој вид мед мечката го сака, и сега го бараат само него. А тој не може да произведе поголеми количества.

Со овие примери сакам да кажам дека постојат инвентивни начини како да се реши проблемот со мечките, на заемно задоволство, што би се рекло. Секако не со отстрел или со врзување на муцката на мечката со синџир и нејзино носење по панаѓури.

Стручњаците велат дека приближувањето на дивите животни до човековите станишта е нивниот одговор на човековото однесување – отпадот што се шири околу населбите и не се чисти, дивите депонии со органски отпад, неправилното одделување на ѓубрето… сето тоа го менува и начинот на исхрана на животните.

На крајот на краиштата, ние сме држава за која селектирањето отпад е една од најголемите мистерии во човечкото однесување. Да беше само селектирањето, ние уште не сме совладале како правилно се одложува ѓубрето.

Не се сеќавам во која американска држава беше, дали во Мичиген или во Орегон или во некоја трета, не е ни важно, воведени се драконски казни за ненавремено изнесување на кантите за ѓубре, токму за да не дојдат мечките во населените места.

Има барем уште една причина на која имам и самиот сведочено – неодржување на шумите и зелените површини околу селата. Тие сѐ повеќе стануваат шикари, преполни трње и непроодни ниту за луѓето, ниту за животните. Сѐ додека и таму не дојде човекот и не изгради некаков „ресорт“.

Ние сме држава за која селектирањето отпад е една од најголемите мистерии во човечкото однесување. И не само тоа, ние уште не сме совладале како правилно се одложува ѓубрето

На крајот, не е лошо да се потсетиме дека кафеавата мечка не е заштитен вид само во Македонија. Таа е европски заштитен вид. И иако и таму во далечната Европа законите дозволуваат отстрел на заштитените видови кога тие ги загрозуваат луѓето, никому ни на крајот на умот не му паднало да организира државен мечкоцид под превезот на „кризна состојба“.

Не знам што ќе реши Центарот за управување со кризи или што ќе реши Владата на Република Северна Македонија, иако претпоставувам дека ќе го одберат наједноставното решение што му е примерено на човекот – да убива. Бидејќи сите други решенија, на пример прихрана на животните, како што предлага Анима мунди, средување на животната средина, придржување до урбанистичките планови, зачестено прибирање отпад или некои други инвентивни решенија не се популистички и не носат гласови на некои евентуални избори.

Но, како што мене ми изгледаат работите, да не испадне на крајот како во песната на „Леб и сол“: „Разни бељи прават деца, сите ќе ги папа меца“. Повеќе би сакал да биде како во онаа народната, кога го пратиле дедо во планина мечките да го изедат, ама мечките не го изеле, туку дедото се вратил со полна торба мечиња.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија