Игри на среќа

Довербата тешко се стекнува, лесно се губи. Досегашните две влади на СДСМ и ДУИ, во изминатите два мандата, политичкиот капитал го градеа и го заложија на патот кон ЕУ-интеграција, а не кон изолација. И исклучиво од нечинење, дозволија тој капитал да го профуцкаат токму во предвечерјето на важните избори, од кои очекуваа нова поддршка и обновен легитимитет за водење на земјата по тој пат.

По сите кампањи за важноста на ЕУ, заборавија само на една, ама во суштина најважната обврска: прво заврши си ги домашните работи. Овде се случи обратното. Надлежните државни органи паднаа на елементарниот тест за проверка на административниот, политички и дипломатски капацитет околу реализацијата на една техничка постапка – замена на личните исправи со новото име на државата.

Се лизнаа на пасоши, возачки дозволи, налепници NMK… Кој и да е, па и Ајнштајн нека е, не ќе може да ги убеди граѓаните како баш „најевропската влада“ во Македонија ги „почести“ граѓаните со последица – класична изолација и загрозена слобода на движење. И ги остави да се радуваат што единствен прозорец кон светот им останаа Србија, Косово, Албанија, а и тоа е неизвесно до кога би важело. 

Како баш „најевропската влада“ во Македонија ги „почести“ граѓаните со последица – класична изолација и загрозена слобода на движење. И ги остави да се радуваат што единствен прозорец кон светот им останаа Србија, Косово, Албанија

Ова не е форма на ефикасно управување и ја покажува неспособноста на владата и на другите надлежни органи да им служат на потребите на граѓаните. Во прашање не е само доцнењето со процесот на замена на документи во петгодишниот рок (кој почна по две и пол години) и несоодветното планирање на набавките на обрасци. Ако половина од рокот за замена на документи веќе бил отиден по ѓаволите, до денес нема одговор зошто изостанале навремени дипломатски активности и разговори со Грција за обезбедување дополнителен рок, особено што во меѓувреме имаше средби и разговори на македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи токму околу спроведувањето на обврските од Преспанскиот договор. 

Јануарската пинг-понг партија меѓу Пендаровски и Ковачевски по прашањето „кој сега да се јави во Грција“, не само што беше крајно задоцнета, туку на јавна сцена ја завери некапацитетноста за решавање на вакво комплексно прашање, и тоа во 5 до 12. 

Не знам дали властите разбираат еден факт: гневот на граѓаните не е само затоа што немаат можност навреме и достоинствено да си обезбедат документи, што им се оневозможило лекување или работа во странство, што им пропаднало патување, туристички аранжман, туку што живеат во држава во која никој не покажал ни срам, ни одговорност што не може да добијат елементарна услуга. 

Хаос, лудило, комплетен распад… Тоа се дијагнозите што денес може да се слушнат на секој чекор. А знаете ли како гласи посакуваниот „лек“ за таа состојба?

„Земјава плаче за цврста рака што ќе воведе ред, некој што ќе знае да тропне на маса и ќе каже отсега ќе биде поинаку“… Нема некој што не го слушнал овој рефрен во редовите во пасошките одделенија. Ако има некој што не го чул, тој не живее во реалноста, не чекал редови, не бил во потрага по налепница, не го гледал Господ во 4 наутро пред ПС Пролет, не морал да зема слободни денови за да заврши работа, која во другите земји се завршува без да потрошиш повеќе од 15 минути…

А знаете ли кон што води поривот за цврста рака? Не кон ефикасност, туку кон привид на ефикасност инсталирана врз авторитарност, која вешто ќе ги користи и капитализира сите грешки што владата ги направила од нечинење. И чија ќе биде одговорноста за тоа – на оние што оставиле простор тоа да се случи, или на секој што ќе го пополни празниот простор кога гледа дека нема одговорен стопан во куќата?

Наместо железни опинци да искинат за да се најде некакво привремено решение, се занимаваат со фалби дека без надомест ќе било издавањето патни листови за сите државјани што живеат во странство и имаат потреба да се вратат во земјата за да извадат нови патни исправи. Патните листови траат 30 дена, а тоа е период во кој никој не може да добие гаранција дека ќе добие термин да се фотографира, а камоли да го добие новиот пасош. Овие нешта треба да им се објаснат на луѓето за да не заглават овде без можност брзо да се вратат и да си ја изгубат работата во странство. 

Тамам се посомневав дека ДУИ можеби решила предизборно да игра „руски рулет“ со европското право, налетав на еден афоризам од Васил Толевски. „Не смееме да играме ниту руски рулет. Владата ни е западноориентирана“. 

Најлошото е што импликациите допрва ќе се чувствуваат, а во моментов не може ни да се предвиди во кои сѐ сегменти ќе се случат. 

А за да нема дилема за „начинот“ на кој се стремиме кон ЕУ, дополнително се погрижија од ДУИ, со чиј потпис беа заверени две соопштенија по нова злоупотреба на европското знаменце. Во момент кога огромен дел од нацијата без своја вина е без документи и притворена во отвореното одделение на државата, да полемизираш со шефот на државата за непотпишаниот указ на Законот за игри на среќа, е одраз на невидена ароганција, немање свест за потребите и проблемите на граѓаните и доказ дека некои интереси се побитни од декларираните. 

Како да не беше доволно што Европската комисија, во Извештајот за напредокот на Македонија за 2023 година децидно наведе дека европското знаменце треба да се користи само кога се работи за усвојување закони што се директно поврзани со задолжителното право на ЕУ, а не за да се скрати јавната дебата за важни прашања, ДУИ реши двапати да реагира за одлуката на претседателот. 

Пендаровски мораше да објаснува дека ова е првпат ЕУ писмено да реагира против злоупотреба на европското знаменце пред воопшто да биде донесен законот. А и не мораше да објаснува, бидејќи дописот на ЕУ, освен до претседателот, бил испратен и до Владата и до Собранието. 

Дали баш никој од ДУИ не го прочитал? Тамам се посомневав дека ДУИ можеби решила предизборно да игра „руски рулет“ со европското право, налетав на еден афоризам од Васил Толевски. „Не смееме да играме ниту руски рулет. Владата ни е западноориентирана“. 

Добро, го повлекувам зборот.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија