Исправен модел

„Сѐ што може да тргне наопaку, ќе тргне“.

                                                                             (Марфиев „закон“)

Ние ја живееме варијацијата на овој закон: „Не се секирај ако нешто тргне на лошо, секогаш може уште полошо“. Доволен е еден протест, и нови поделби колку сакаш.

Уште многу вода треба да протече за да разбереме дека нема „несреќни закони“. Има добри и лоши закони. И може да има среќни луѓе, кои, благодарение на добрите закони, ги уживаат своите права, и да има несреќни луѓе, на кои дел од тие права (или сите) им се ускратени.

Современите секуларни либерални држави, нa своите граѓани им обезбедуваат права и еднаков третман пред законот. Секој поединец може да се потпре на таков зрел институционален систем, кој ги овозможува и ги штити тие права, и секогаш да смета на системска помош доколку тие му бидат загрозени. Кај нас, по принципот на хибридно кокетирање „малку за правата, малку за верски популизам“, поединецот не може да се надева на таква правна сигурност.  

Стравот на луѓето од Црквата дека некоја „минорна трансродова група на тоталитаристички начин ќе му го наметнува својот стил на постоење на севкупното општество, дека ќе се искорени досегашниот модел на човек со сето негово достоинство и историја, и дека ќе се воведе нов модел на човек“, заслужува сериозна опсервација. Од стручен аспект.

За останатото мора да прашам: Што значи синтагмата „модел на човек“? Небаре зборуваме за модел на возило. Немам слушнато досега дека постои модел на човек. Секој човек е различен, уникатен, секој е универзум сам за себе, со различни папиларни линии, различен изглед, различен поглед на светот…

Но, ако „секој човек е Божјо чедо“, тогаш зошто на некои да им биде ускратена љубовта, почитта, правата и разбирањето поради нивната различност? Сигурна сум дека Бог не држи во рацете креда со која исцртува круг во кој ќе се смести „исправниот модел на човек“, а на сите други ќе им резервира гето!

Не, попрво би ги прашал „моралните паничари“: „Уште ли е скаменето вашето срце? Очи имате, а не гледате; уши имате, а не слушате?“

Но, ако „секој човек е Божјо чедо“, тогаш зошто на некои да им биде ускратена љубовта, почитта, правата и разбирањето поради нивната различност?

Секако, во право е поглаварот кога вели дека секуларно општество не значи и безбожно општество. Ама кај нас ситуацијата е малку посложена. Ние имаме многубожно општество, затоа што Бог го испратија „по ѓаволите“ и тие што проповедаат во негово име. Сега имаме армија од политички и криминални богови, во вечен натпревар за превласт и земски богатства. И сите тие се крстат во избрканиот Бог. Заедно и под заштита на владици.

Затоа, тој што обвинува дека некои сакаат „да ја присилат Црквата да зборува со јазикот на некојси светски поредок, кој им е туѓ на словото и на духот на апостолите, на светите отци и на светото Евангелие“, прво треба да докаже дали нашите црковни власти живеат токму во тој дух.

Кога поглаварот за жената вели дека „таа во своите кревки мајчински раце го држи оној што ја одржува во постоење сета вселена, семоќниот Бог“, некој треба да го потсети дека мајчинските раце не се кревки, туку суперсилни.

Да беа кревки, ниту ќе ја одржуваа сета вселена, ниту ќе успеваа да се справат со овдешните бројни предрасуди и лицемерни погледи кон Божјите чеда со Даунов или други синдроми, кон деца со посебни потреби, кон посветеноста на старателски семејства што се грижат за напуштени деца од многу исправни бракови меѓу маж и жена.

Каде е да го слушнеме словото на апостолите за љубов и милосрдие кон сиромашните деца заседнати на градските плочници, гладни и страдни за парче леб? Каде е грижата на Црквата за сите сцили и харибди низ кои поминале верници во нашето општество – трауми од семејно насилство, од присилно склопени бракови, на болни без средства и пристап до лекување, за траумите од меѓуетнички конфликти, од природни катастрофи, од сообраќајќи, од булинг, од мобинг и стигматизации?

Колку верници има што никогаш не ја почувствувале раката подадена од Црквата, а не се ни „зли“ хомосексуалци, ни трансродови лица? И, наместо тој дефицит да се надомести, се гради нов ров. 

Каква штета ќе имаат Црквата и граѓаните/верниците, ако трансродово лице врз основа на изјава ја промени назнаката за пол во личните документи? Тие лица се реалност и имаат реални проблеми при идентификувањето, бидејќи нивниот надворешен изглед не соодветствува со полот наведен во личните документи. И едно лице да е, треба да му се овозможи тоа право.

Не смееме тоа да го третираме како „зло“ или заразна болест што ќе го зафати целото општество и „ќе го расипе“ образовниот систем.  Образовниот систем не се зајакнува со премолчување и нижење предрасуди, ниту со учење за живот под стаклено ѕвоно.

Времињата се менуваат. Ако се менуваат за Црквата, се менуваат и за луѓето. Да можевме да се „конзервираме“ во времето и да зборуваме со словото на апостолите, денес многу нешта на кои се повикува Црквата, ќе беа поинакви.

Најголемата порака што една искрена црква може да ја испрати, е дека Бог имал сочувствителност за сите луѓе и помагал секогаш кога гледал нечие страдање и онеправданост

Црковните великодостојници веројатно сѐ уште ќе беа сместени во некои скромни одајчиња осветлени на свеќи, на магариња ќе патуваа од епархија до епархија а не со суперлуксузни возила. Да беа конзервирани во времето, немаше да ги користат најновите предности на комуникациската технологија и да си отвораат приватни бизниси („љуби го бизнисот свој“).

Ниту да градат висококатници во центарот на Скопје, и да не се сетат дека и таа градба нарушува одредени права на граѓаните/верниците. Им го одзема правото на зелени површини, на помалку загадување, на место за детски катчиња, им го одзема правото на хумано живеење.

Ама за Црквата, некои права се поважни од другите. За да го затскрие тоа во заден план, религијата често ја изедначува со националното, со наследството од предците и слични политизации. И затоа проповедта сѐ помалку има општоинтегративна и етичка функција, и сè повеќе се зголемува трендот на индивидуализација на религијата – луѓето сè поретко или воопшто не одат во црква и на свој начин ја восприемаат религијата, бидејќи не сакаат овој клир да им биде „посредник“ до Бога.

Црквата има право да каже што мисли за сите прашања во општеството, но нема право да го наметнува нејзиниот став. Најголемата порака што една искрена црква може да ја испрати, е дека Бог имал сочувствителност за сите луѓе и помагал секогаш кога гледал нечие страдање и онеправданост. И дека тврдото срце води единствено до расправии и војни, до себичност и уништување на ближниот, бидејќи нема сочувствителност.

Да се обвинува една маргинализирана категорија за грев, за зло и ред други грди нешта е фрлање пепел врз пораката „Не суди, за да не ти биде судено“. Немам што да додадам, освен – „Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија