Како ја преспавме Третата светска војна!

Еден стар афоризам вели дека Третата светска војна ќе ја гледаме на телевизија. Се разбира, ако сме во можност воопшто да гледаме телевизија. И, се разбира, ако тоа не бидат македонските телевизиски канали. Или барем ако Третата светска војна не почнува во викенд.

Во саботата, во времето на најголемата ескалација на кризата во Сирија, кога САД, Велика Британија и Франција здружено ракетираа одредени цели во Сирија и кога во светот најчесто поставуваното прашање беше дали станува збор за почеток на Третата светска војна, Македонија беше во можност мирно да гледа телевизија и така да биде во тек. Со шлагерите од времето на Дуле и Коки!

И додека светот трепереше над развојот на најголемата воена криза од Студената војна наваму ние уживавме во програми од типот „Разбуди се со песна“ или репризи од „Незадолжително“, каде што авторката Берта Додевска нѐ убедуваше во убавините на бугарските бањи.

Најсодржајните информации евентуално можеа да се видат на по некој кајрон каде што гледачите беа информирани со фактот што веќе го знаеја – дека САД, Велика Британија и Франција ракетирале цели во Сирија. И толку. Македонската телевизија барем најави дека пошироки информации ќе даде во 10 часот. Таман кога веќе се знаеше дека кризата нема да ескалира и дека опасноста е помината!

Што ни кажува ова? На пример, дека македонските телевизии имаат цврста програмска шема, која не можат да ја растурат дури и кога почнува Третата светска војна? Особено, нели, ако е викенд. И особено ако таа програмска шема е составена исклучиво од репризи. Или дека уредувачките тимови процениле оти нема да има ескалација и дека не е потребно никакво информирање за нешто што се случува некаде „таму далеку“.

Одговорот, се разбира, е едноставен. Македонското новинарство е „извршителско“ новинарство. Новинарите и уредниците се сведени на прости извршители на однапред зададени (да не кажам: наметнати) работни задачи и секакво нарушување на овој принцип на работа доведува до збунетост и неснаоѓање. Не само во онаа суштинската, содржинска смисла туку и во организациската, односно формалната поставеност на работите.

Македонското новинарство е „извршителско“ новинарство. Не само во онаа суштинската, содржинска смисла туку и во организациската, односно формалната поставеност на работите

Тоа, впрочем, можеше да се види и целиот саботен телевизиски ден. Односно да не се види речиси ништо, освен пренесување вести и информации од странски агенции и извори. Немаше, или јас не забележав, ниту една анализа, ниту еден коментар, ниту едно согледување за, на пример, поставеноста на Македонија во сегашниот геополитички комплекс. Или барем за последиците што ќе ги почувствува земјата ако кризата се засили.

Впрочем, ова е логична последица на долгогодишното девастирање на новинарската професија, а со самото тоа и на целиот медиумски простор. Новинарите се, всушност, најмалку потребните кадри во македонските редакции. Таму, како што веќе е спомнато, најпотребни се вредни извршители, а не мислечки луѓе.

Затоа во нашите медиуми одамна не се негуваат стручни новинари од одделни области туку продуктивни „копи-пејст“ пишувачи. Затоа во Македонија го имаме парадоксот на постоење на три новински агенции (МИА, Макфакс и Мета), а во исто време имаме три и пол дневни весници („Слободен печат“, „Нова Македонија“, „Вечер“ и „Независен“). На пример, во Велика Британија егзистираат две национални агенции, Ројтерс и ПА (Press Association – да не се меша со американската АП, односно Association Press). А и во нашите постојни весници, редакциите се сведени на (не)опходниот минимум новинари, најчесто слабо платени и целосно понижени и дестимулирани во сопствената професија.

Човек би рекол: каква држава – такво новинарство. А може и обратно. Особено во деновите од викендот. Министерството за надворешни работи, на пример, не проследи никаков македонски официјален став во однос на ракетирањето на Сирија. А не дека не се вешти на ваков начин на обраќање на јавноста. Не толку одамна, пред околу две недели, Министерството за надворешни работи издаде соопштение во кое остро ги осудува ракетните напади од страна на Хутите врз градови на Саудиска Арабија!

Можеме слободно да ја преспиеме Третата светска војна и да се разбудиме – со песна,како што ни порачуваат овдешните телевизии

Додуша, оваа остра осуда дојде четири дена по овој инцидент, па можеме да очекуваме дека некаде во вторник ќе добиеме и наш официјален став за случувањата во Сирија. За волја на вистината, вицепремиерката Радмила Шеќеринска на отворениот брифинг (ете уште една уникатна форма во македонскиот новинарски жаргон) рече нешто во стилот дека сме против употреба на хемиско оружје (што, претпоставувам, значи поддршка на ракетирањето на Сирија) и дека е можен нов бегалски бран, односно зголемување на притисокот на границата (што, пак, би требало да значи дека не ги поддржуваме ракетните напади). И толку.

Значи, ако по некој случај некогаш навистина започне Трета светска војна, препораката е – не гледајте телевизија. И онака е сеедно. Всушност, добрата страна од целата оваа приказна е токму таа: можеме слободно да ја преспиеме Третата светска војна и да се разбудиме – со песна (како што ни порачуваат овдешните телевизии).