Кој сум јас?

Колумна на Сашо Кокаланов

Кој сум јас, кој сум јас?
Јас сум интелект.
Покажи риспект.
Влагам во полн ефект.
Мицко ft Тони Зен

Скриената нарцисоидност најчесто се манифестира преку лажна скромност. Кога некој понизно се обидува дека е никој и ништо, а притоа сака да биде ваш водач, може да се обложите дека со одличен успех, да не речам со татковска десетка, ја завршил школата за млади лидери на Никола Груевски.

Но, нарцисоидноста во случајов не е ич важна, зашто таа е само патетичен обид да се прикрие шуплината настаната по пат на шокантното немање став за најважното судбоносно прашање за земјава. Една партија што се декларира за национална, нема став за најважното национално прашање!?

Нема интерпункција што може да ја долови и интонира апсурдноста на идејата на челниците на партијата да се вакумираат на одредено време, залажувајќи се дека ќе им биде дозволена хибернација во најважниот историски миг од АСНОМ наваму.

На митингот во Кичево, Христијан Мицкоски се обиде сите нас да нè увери дека е интелект, кој заслужува риспект, зашто само што влегол во ефект.

А нѐ увери, за жал, токму во спротивното. Дека, имено, и самиот не знае кој е и зошто е таму, дека има скромен политички интелект и речиси никаков лидерски капацитет да презеде каква било одговорност, дека кога зборува најчесто тоа го прави во афект, и најнакрај дека риспектот кај граѓаните му е на нивото што го покажуваат и анкетите.

Или во превод – несмасно злоупотреби стихови на рапер и хипхопер за да ни покаже на јавна сцена дека е најобичен драпер и хулахопер. Кој верува дека целиот референдумски процес може и тој и неговата партија да го поминат според народната „драпај си меот“, да седат отстрана, да си вртат хулахоп и да чекаат некој друг да им ја заврши и нивната работа.

Оваа неподнослива празнотија на постоењето што ја манифестира Мицкоски требало наводно да ја поскапе цената на опозицијата кога ќе треба да лиферува десет гласа за уставните измени. Јас, пак, го мислам токму спротивното – ваков пад на акциите не е забележан уште од 1929 година и почетокот на големата депресија. И мислам дека првиот сериозен берзантски извештај за тоталниот пад на акциите на ВМРО-ДПМНЕ на светските берзи ќе им биде врачен уште в сабота од канцеларката Ангела Меркел.

Тоа, се разбира, ќе се рефлектира длабоко и на домашните берзи, зашто и на најтврдокорните во партијата им е јасно дека паѓањето е лет само во романите. А приземјувањето е болно, некогаш и со трајни последици.

Кој сум јас да му кажам на Мицкоски дека е идиотски иднината на една фамилија да му е поважна од иднината на сите семејства во Македонија? Ова требало да му го кажат родителите и професорите додека бил помлад и си ги градел сопствените вредносни вертикали

Но, од друга страна, кој сум, пак, јас, да му кажувам на Мицкоски.

Кој сум јас да му кажам на Мицкоски дека е идиотски иднината на една фамилија да му е поважна од иднината на сите семејства во Македонија? Ова требало да му го кажат родителите и професорите (тука има и извесни поклопувања), додека бил помлад и си ги градел сопствените вредносни вертикали.

Кој сум јас да му кажам на Мицкоски дека треба да пали свеќа секоја вечер пред легнување, референдумот, сепак, да успее, договорот да се ратификува и да се имплементира додека е во опозиција, за да не мора еден ден тој и неговиот ортак од онаа страна на границата, Мицотакис самите да го ратификуваат и да го проаѓаат на референдуми? Ова веројатно треба да му го каже гласот на разумот, ако го има.

Кој сум јас да му кажам на Мицкоски дека алгоритамот што му го кодираат партиските хакери Протуѓер и Груевски е вирусна програма што може да го зарази и неговиот компјутер? Тоа требало да му го кажат најблиските соработници.

Кој сум јас да му кажам на Мицкоски дека копајќи ѝ на Македонија дупка за меѓународна изолација, може самиот да падне во неа? Тоа, како жесток бранител на македонскиот национален идентитет, требало да го научи од македонските народни поговорки. Но, не е страшно, секогаш има и потежок начин – ќе го научи од германската канцеларка, која е еден од најважните, ако не и најважниот, лидер на семејството на Европските народни партии.

Кој сум јас да му кажам на Мицкоски дека не е во можност да го одбере патот на Виктор Орбан за свој патоказ? Кога би имал елементарно чувство за специфичноста на македонската демократија и на македонското мултикулти општество, и самиот би бил свесен дека Орбановата националистичка и исламофобска реторика само дополнително ја множи со нула и онака слабата коалициска валентност на неговата ВМРО-ДПМНЕ.

Кој сум јас да му кажам на Мицкоски дека алгоритамот што му го кодираат партиските хакери Протуѓер и Груевски е вирусна програма што може да го зарази и неговиот компјутер? Тоа требало да му го кажат најблиските соработници

Кој сум јас да му кажам на Мицкоски дека да ги наведуваш граѓаните да бојкотираат референдум од кој зависи економската иднина на државата е полошо и може да има покатастрофални последици дури и од тоа да ги наведуваш да бојкотираш даноци и други давачки? Тоа нека му го кажат неговите економски и правни советници.

Кој сум јас да му кажам на Мицкоски дека враќањето на Македонија во балканскиот котел на нерешени прашања ја загрозува безбедноста на државата и на нејзините граѓани? Не мора ова никој да му го каже, доволно е ги прочита стратешките анализи на влијателните американски тинк-тенкови.

Еве, на пример, онаа вчера објавената на Стратфор, која навестува сериозна можност за нови конфликти, нестабилност и немири во нашиот регион. (Мицкоски сигурно знае дека овие организации не се како македонските квазиинститути што служат само за да испорачаат партиски нарачани анкети, туку, баш напротив, нивниот аутпут е всушност многу важен инпут во официјалната политика на државата.)

Кој сум јас на Мицкоски да му кажам дека кревката Македонија турната во нови конфликти ќе значи изгубени човечки животи, осакатени семејства, драстично иселување, а во најцрните прогнози и губење на државата ваква каква што ја знаеме? Тој би требало да му го каже совеста.

Кој е Мицкоски да му каже на народот како да гласа? Никој, фала богу. Но, дури и таков наскоро ќе мора да каже дали и како тој ќе гласа. Ќе биде тоа една интересна хипхоп-нумера.