Во наредните денови во ДУИ ќе бидат пред голема одлука. Треба добро да размислат, бидејќи кога е во прашање „Никола“, често им се случуваат грешки. Единствено првата не им беше толку трагична, но сепак ги изложи на голем потсмев поради наивноста и брзоплетоста.
Беше летен ден, 2007 година, кога меѓу врвот на ДУИ во Радуша, на прослава на годишнина за крајот на конфликтот, се појави Тој. Во карирана кошула, налик на оние што ги носат канадските дрвосечачи, ја вклучи „пилата“, испили еден „содржаен“ говор и го бакна албанското знаме.
Беше топло пречекан и прегрнат од сите во раководството на ДУИ. Околу вратот имаше лента со некаква идентификациска картичка, за која подоцна дознавме дека била прес-легитимација. Од ДУИ го најавија како Николас Константинидис, нивен гостин, голем пријател на партијата, новинар од северна Грција и дописник на канадскиот весник „Патридес“, известувач за конфликтот од 2001 година.
Со исти почести Николас беше пречекан и на шестгодишнината од прославата на Охридскиот договор во Гостивар, каде повторно стоеше рамо до рамо со врвот на ДУИ. „Коалицијата“ и љубовта со него можеби ќе траеја и десет години, ако не се јавеа ресенчани, кои брзо ја расипаа таа идила: „Дали сте вие нормални? Каков новинар, каков Николас… Тоа е овој нашиов Никола, син на Младен и Јорданка. Овде во Ресен си го викаме Коле Дијамантот…“
Во ДУИ добро знаат дека овој Никола не е небрусениот ресенски дијамант. Овој е вешто избрусен и со потврдени дијамантски својства – за среќа целосно, 100 % проѕирен
Така Македонија дозна дека почитуваниот странски гостин е ресенчанецот Никола Михајловски, кој во 2003 година го сменил името во Николас Константинидис. Ресечани се пожалија дека бил и проблематичен, ама никој да не сакаше да верува во таа верзија. Повеќето се сомневаа дека се љубоморни што Коле на итарпејовски начин се измајтапил со ДУИ. Но, времето ги демантираше сомничавите. Никола од пред некоја година е на издржување 10-годишна казна затвор за педофилија. Еднаш беше избегал, го најдоа и го вратија во Идризово.
Тоа беше првиот пат кога ДУИ научи дека „није дијамант све што сија“. Но, како во вицот за „мала криза“, ДУИ брзо се опушти, вниманието му попушти и по една година влезе во љубов со друг Никола. Приказната е позната, полна со епизоди за подеми и падови, битки по разни калиња меѓу индијанци и комити, а сега пред дефинтивна одлука дали ќе заврши во сигурна агонија или ќе биде прекината.
Во ДУИ добро знаат дека овој Никола не е небрусениот ресенски дијамант. Овој е вешто избрусен и со потврдени дијамантски својства – за среќа целосно, 100 % проѕирен. И не е некаков дописник, туку Главен уредник на најголемите медиумите во Македонија, главен спин-мајстор, главен дистрибутер на реклами и огласувач, сам свој мајстор во правењето интервјуа, нарачател на пи-ар текстови за себе во странски списанија, главен домашен медиумски кадровик и селектор на подобни и неподобни во новинарството.
И тоа не е се. Тој е и главен архитект, главен урбанист и главен градежник, чиј идеен ракопис стои зад секоја фасада, споменик или зграда на мегапроектот „Скопје 2014“. Тој е и главен стопанственик, инспектор, ревизор, преродбеник, брокер, лустратор… Тој е „сто во едно“. Плус боксер во мува категорија.
Со динамика 24/7, со прикажаниот дијапазон на знаење и дела, тој си избоксува позиција да го третираат како стручњак над стручњаците, економист над економистите, магистер над академиците, политичар над политичарите, дипломат над дипломатите, лидер над лидерите, вистински прототип на универзален сезнајко – од зголемување на лактацијата кај кравите, шетноста на црвеното месо во исхраната, преку главен детектор на меѓународни заговори и регионален сорос-елиминатор, па се до познавање на заштедите при греење со пелети.
Ако сакаме да цепидлачиме, можеме да кажеме дека „единственото“ кое не го научил е – што е демократија, правна држава, независно судство, слободен пазар, слобода на говор и на медиуми, еднаквост, човекови права и некои слични, претежно небитни работи. Но, беа оглед на тој „ситен пропуст“ во образованието, долг е списокот на сите вештини и референци иманентни за Никола, дијамантот со најмногу присвоени карати, и усидрен на централното место во македонската политичка витрина.
Тој не ја крие желбата да ја направи земјата „повторно величествена“, но според негов аршин. И како и досега, воопшто нема намера тоа да го стори на величествен начин, туку преку тотална пресметка со сите што не се согласуваат со него, особено со оние кои го критикуваат. „Си знаат тие како“, им порача тој и на ДУИ, доколку се дрзнат да му свртат грб и да остават сам во неговата последна битка.
И ако во 2007 година коалицијата со Коле ја расипаа група ресенчани доволни да наполнат пансион со капацитет на реномираниот „Преспав“, во 2017 година работата е малку покомпликувана. На дружбата на ДУИ со Коле и се противат илјадници граѓани, што тој ги смета не само за неблагодарни и нелојални кон него и неговото дело, туку за класични предавници со кои, за жал, не расчистил навреме. А нив ги има многу, одамна не ги собира во „Преспав“ и гласно скандираат „Се разбудив“. Гласот им се слуша од Куманово до Зајас, од Галичник до Мала Речица.
Ако сакаме да цепидлачиме, можеме да кажеме дека „единственото“ кое Груевски не го научил е – што е демократија, правна држава, независно судство, слободен пазар, слобода на говор и на медиуми, еднаквост, човекови права и некои слични, претежно небитни работи
ДУИ е во тесно. Купува силиконски затнувачи за уши, ги затвора прозорците, ги тапацира ѕидовите за надворешните звуци да не го нарушат мирот во партиското седиште и акустиката во коалицијата, но се потешко и оди. Ѕвонат телефони, се јавуваат братучеди, роднини од фамилијата, стигнуваат секакви пораки… А на масата, пак, пред централното претседателство на ДУИ некој оставил скалпел.
Сите гледаат во него. Ги потсетува на правилото – ако во првиот чин на сцената видиш обесена пушка, до крајот на претставата сигурно ќе биде употребена. По таа логика, што би значел скалпелот? Ќе се сече ли во последниот чин папочната врвца со Коле? Мнозинството се изјаснува. Лидерот точно го знае расположението.
Сепак, конечната одлука ќе се донесе некој друг ден. Зема весник да се релаксира. Вниманието му го привлекува наслов: „И од смог може да се прават дијаманти“. Веста е на Блумберг: „ Холанѓанец ја проектирал кулата „Smog free tower“ која го прочистува воздухот во кинеската престолнина. Преку процес на јонизација, кулата ги привлекува малите честички од воздухот и ги филтрира. Бидејќи повеќе од 40% од собраното е јаглерод, со помош на висок притисок ја претвора супстанцијата во дијаманти“.
Лидерот ѕирка низ прозорецот. Тешката магла и густиот смог надвиснати над хоризонтот, драматично го предупредуваат дека треба да бидат расчистени. Особено маглата во последното соопштение од партијата на Коле дека ќе си остане дијамант и без помош на ДУИ.
Се чини, дојдено е времето за вистински ДУИнг бизнис!