Кон излезот

Народот во Дојран одлучи да не се прикажува филмот „Во царството на сетилата“, затоа што е небезбеден за гледање. Како што одлучи дека водата во Дојранското Езеро е безбедна за бањање. И за пиење.

Навистина е прекрасно чувство да се разбудиш во земја без политичка криза. Просто во воздухот се мириса опуштеноста на луѓето. Птиците црцорат на гранките на зелените дрвја, сонцето ги грее, пчелите вредно збираат полен, комарците касаат двојно повеќе од вообичаено, а сонцето фрла нова светлост врз барокните згради. Општа релаксација.

Ако не беше така, немаше да можеме ни да замислиме дека Дојран, годинашниот град на културата, ќе се сети да ја одбележи 40-годишнината од премиерата на филмскиот контроверзен класик на Нагиса Ошима „Во царството на сетилата“. Така што ќе го прекине емитувањето на филмот! Поради експлицитните сексуални сцени. Кои се, нели, небезбедни за гледање за нашата релаксирана, традиционална, многудетна демохристијанска младина.

И во право се организаторите што ја прекинаа проекцијата на филмот. Доволно сум возрасен да се сеќавам на сите македонски политички кризи последниот половина век. Се сеќавам и на периодот на перманентна политичка криза, во времето на моите тинејџерски години, кога со часови моравме да чекаме во редици. За да купиме кино-билети за филмот „Во царството на сетилата“ на Нагиса Ошима. Криза беше тогаш, па немаше кој да го забрани филмот, па некои од нас го гледаа и по неколку пати. И, еве, последиците се видливи. Го оставивме општеството да се прпелка по подот и да ги прави токму оние активности на кои е посветен споменатиот филм.

Инаку, според објаснување на организаторот, филмот самоволно го прекинал нивни „помлад колега“, по барање на публиката. Штета што не бев присутен како публика. Ќе побарав, на пример, пет илјади евра, па претпоставувам дека некој „помлад колега“ од организацијата ќе ми ги дадеше. Или вработување. Или сериозни месечни примања. Или да прекине да се објавува целулитот на Ким Кардашијан.

Се сеќавам на периодот на перманентна политичка криза, во времето на моите тинејџерски години, кога со часови моравме да чекаме во редици. За да купиме кино-билети за филмот „Во царството на сетилата“ на Нагиса Ошима. Криза беше тогаш, па немаше кој да го забрани филмот.

Затоа што публиката, односно граѓаните, односно народот во овие времиња без политичка криза се – закон. Народот ќе одлучи. Имаше, велам, некои времиња што тогаш се нарекуваа „Случување на народот“ и народот решаваше за сѐ – што сака големиот водач. Од тоа кои светци се најважни до тоа кој од внатрешните непријатели ќе биде уапсен. Еве, и кај нас народот во Дојран одлучи да не се прикажува филмот „Во царството на сетилата“, затоа што е небезбеден за гледање. Како што одлучи дека водата во Дојранското Езеро е безбедна за бањање. И за пиење.

Иако злобниците велат дека забраната на филмот е токму нус-ефект од пиењето дојранска вода.

Не знам дали на онаа битолска свадба се служеше дојранска вода, па невестата се сликаше со ловечки калашников. На крајот од краиштата, човек се учи додека е жив. Да не беше таа свадба и таа невеста, вработена во МВР, никогаш немаше да знам дека навистина постои ловечки полуавтоматски карабин. Веројатно наменет за моментите кога пред ловецот ќе истрча крдо срни, за да може во еден потег да ги потепа сите.

И научив што значат оние стихови во песната „Слушам кај шумат шумите, буките“, каде што оној капиданот, војводата Костадин, се жени за една „Македонка поробена“ – „…со коњи да не тропате, со пушки да не фрлате“. Ете, затоа Костадин не сакал мајка му да ги слушне другарите (сватовите) и да разбере дека син ѝ се оженил за девојка со ловечки полуавтоматски карабин.

Во отсуство на политичка криза секогаш главни прашања се со кој вид оружје ќе се мажи службеничка на Министерството за внатрешни работи

Во отсуство на политичка криза секогаш главни прашања се со кој вид оружје ќе се мажи службеничка на Министерството за внатрешни работи

Како и да е, главната општествена дебата се разви токму по ова прашање – дали на сликата бил калашников или ловечки карабин. Поттекстот е јасен – во ред е ако беа во прашање пиштоли и пушки, ама калашников! Зошто е важно ова прашање? Затоа што во отсуство на политичка криза секогаш главни прашања се со кој вид оружје ќе се мажи службеничка на Министерството за внатрешни работи. Додека во времето на политичката криза имавме неверојатно содржајни и општествено битни дебати.

Да не беше таа свадба и таа невеста, вработена во МВР, никогаш немаше да знам дека навистина постои ловечки полуавтоматски карабин. Веројатно наменет за моментите кога пред ловецот ќе истрча крдо срни, за да може во еден потег да ги потепа сите

Благодатите на излезот од кризата ги почувствувуваа и полицајците од Полициската станица во Општина Кривогаштани. Тие од општината добија мотоцикл „веспа“, 50 кубика, што во голема мерка ќе ја зголеми нивната ефикасност во секојдневната работа. Се разбира, по тој повод беше приредена и пригодна свеченост со важни гости од метрополата. Бидејќи, нели, мора соодветно да се обележи влегувањето на ПС Кривогаштани во XXI век. И, со тој чин, конечно, магарињата кои, како дваесетвековен изум за превоз на полицајците, можат да влезат во македонската богата историја.

Да не беше ова ефикасно решавање на политичката криза немаше да знаеме ниту што се медиумски реформи. Тоа да ти значело СДСМ да именува уредник на информативната програма сто дена пред избори. Додуша, ако изборите се одвиваат со ова темпо и со оваа фреквенција, по два пати годишно, тоа и не е занемарлив мандат. Од друга страна, ова решение имплицира дека времето кога СДСМ ја имаше моќта да именува директори, уредници, па и уредници на информативни програми е Периклово доба за македонското новинарство. Само што тоа тогаш никој не ни го кажа.

Од денешна перспектива појасно се гледа што мислеше некогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ кога на својата магистерска теза ѝ даде наслов преземен од натписите на големите стоковни куќи „Кон излезот“. Ете, и тој самиот бавно, ама сигурно оди кон излезот. Претпоставувам дека откога ќе излезе, ќе ја подготви неговата докторска теза со наслов „Излегов“.