Конкурс за уметност

Деновиве, една фејсбук-инсталација, ако може тоа така да се нарече, на уметникот Тони Попов предизвика, не би рекле бура, туку, ете, неколку бранови меѓу овдешните ликовни уметници, или барем кај оние што јас ги следам на оваа социјална мрежа. Попов, имено, на својот фејсбук-налог организираше јавна аукција на негов ликовен портрет на поетот Радован Павловски.

Портретот (акрил на картон, според објаснувањето на авторот) се продаваше со почетна цена од 50 денари и со ограничување на наддавањето до 300 денари, за која цена беше и продаден. И уште беше назначено дека средствата добиени од аукцијата ќе бидат употребени за купување „комплет книги“.

Ова, во суштина, беше реакција на неодамна објавениот конкурс на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), во кое се бараше учесниците да достават свои ликовни портрети на академикот Павловски. Најуспешните трајно (?) ќе бидат изложени во просториите на ДПМ, а нивните автори ќе бидат наградени со – комплет книги.

Како што разбрав, по реакцијата на ликовните уметници, а и по реакцијата на нивното здружение, Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), ДПМ веќе го повлекол својот конкурс.

Но, без оглед на неговото повлекување, прашањата што ги отвори овој конкурс останаа неодговорени. Јас ги разбирам иронијата и протестот на Тони Попов за вреднувањето на ликовното дело, како и реакциите на неговите колеги што главно се движеа во насоката дека ова е девалвирање на нивниот труд. Јас разбирам дека ликовните уметници имаат поголеми трошоци од другите индивидуални уметници (бои, четки, платна, простор за создавање итн.) и дека од државата, при можна изложба можат (евентуално) да се надеваат на галериски простор и покривање на трошоците за каков-таков каталог. И затоа е тој гнев што нивните трошоци и нивниот труд се плаќаат во – компензација со книги?

Но… Со овој конкурс се отворени и други прашања? На пример, колку воопшто вреди еден културен производ? И што е тоа културен, а што уметнички производ? Да земеме вака: иако ДПМ не наведува за каков комплет книги станува збор (колку се тоа книги, од кои автори, кои изданија итн.?), што ако станува збор за комплет книги токму од Радован Павловски? Дали комплетот книги од Радован Павловски е помалку вреден од неговиот портрет? Дали помалку, подеднакво или повеќе труд, енергија и трошоци се вложени во тие книги или во портретот на авторот? И дали воопшто може да се воспостави некаков еквивалент меѓу различни уметнички творби?

Дали е уметничко дело кога Енди Ворхол мултиплицирано ќе ги наслика супите „кембел“? И дали е уметничко дело портрет на Радован Павловски, добиен по пат на конкурс на ДПМ?

Не е ли навреда за писателското дејствување ако Тони Попов како максимална цена на својот „производ“ ја наведе сумата од 300 денари, која ќе биде наменета за купување „комплет книги“, кога е познато дека по таа цена се продаваат релативно поевтините книги (по парче, а не во комплет)?

На овие прашања, се разбира, нема релевантен одговор. Впрочем, ако ДПМ сакало да ја зголеми колекцијата уметнички портрети од македонски писатели, можело на слична аукција да ги понуди достапните комплети книги и парите да ги употреби како награда на избраните автори! Ама, не го направиле тоа. Зошто? Затоа што знаат дека и нивните книги во принцип се потценети и дека никогаш нема да соберат соодветни средства за атрактивност на конкурсот. Па, затоа се оди на нешто што вообичаено се нарекува „натурална размена на добра“ – ние имаме книги, вие имате слики, па ајде да се размениме.

Финансиската егзистенција на уметниците е секако важно прашање, но остануваат отворени, би рекле и многу други поважни прашања. Дали е (нарачан) портрет на одредена личност од страна на ДПМ уметничко дело? Знам дека сега ќе ми биде забележано дека речиси целата ренесанса е направена по нарачка, дека „Мона Лиза“ е нарачка, дека Микеланџело работел по нарачка… Но, основното прашање, сепак, е: што е уметничко дело?

Дали е уметничко дело кога Марсел Дишам на почетокот на минатиот век ќе изложи писоар во некоја галерија? Или ќе ѝ доцрта мустаќи на Мона Лиза? Дали е уметничко дело кога Енди Ворхол мултиплицирано ќе ги наслика супите „кембел“? И дали е уметничко дело портрет на Радован Павловски, добиен по пат на конкурс на ДПМ?

Се разбира, во прашање се критериуми и субјективно толкување на делата, па дури и без оглед дали тие критериуми ги поставуваат писатели или кој и да е. Една од основните дефиниции на уметноста е да предизвика вознемиреност, емоција, замислување, некаква реакција кај консументот на тоа дело.

На крајот излегува дека тука воопшто не станува збор за каков било уметнички поттик (па нека биде и преку нарачка), туку само за обид да се добијат некои слики што ќе се закачат на нечии ѕидови

Ако делото не предизвикува или главно не предизвикува никаква емоција, тогаш тоа се карактеризира како кич, шунд или индустриска конфекција. Имате низа такви примери. Од слики од типот „Плаче дете на гробот на мајка му во Андалузија“ преку „Бротчиња на морскиот залез“, па сѐ до сликите што се изложени во некоја продавница за мебел, на пример. Такви примери можат да се набројат и во литературата, но и во која било друга уметност.

Претпоставувам (велам: само претпоставувам) дека идејата на ДПМ не била да се направи портрет на Радован Павловски крај писоар или со шамија на главата (или со каков било обид на уметникот да даде некое свое толкување на Павловски), туку да биде што поверен на некој од неговите фотографски портрети, односно да – личи на себе. Дали таков портрет ќе предизвика некаква вознемиреност кај неговиот гледач? Или нема?

Овој текст, се разбира, нема наравоучение.

Дилемата е зошто воопшто ДПМ распишало ваков конкурс (особено ако се знае дека актуелниот претседател на ДПМ, Христо Петрески, меѓу другото е и ликовен уметник со низа изложби зад себе)? Зошто, на пример, не нарачало од некој уметник портрет на Радован Павловски, ако веќе решиле да го имаат тој портрет? Еве, зошто не направиле средношколски конкурс за портрет на Павловски? Убеден сум дека има низа квалитетни и талентирани млади луѓе на кои би им било чест нивниот портрет да биде изложен во просториите на Друштвото.

На крајот излегува дека тука воопшто не станува збор за каков било уметнички поттик (па нека биде и преку нарачка), туку само за обид да се добијат некои слики што ќе се закачат на нечии ѕидови.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија