„Дали имаме селективно судство? Секако дека имаме! Имаме ли партизирана администрација? Да, имаме! (…) Ова се прашањата што се отвораат во Извештајот и сигурно дека нашето општество треба да ги дискутира. Дали мислите дека сите во ДУИ се ангели? Зар не ја злоупотребуваат власта? Дали се ангели и сите во ВМРО-ДПМНЕ? Не! Ако сакаме напредок и влез во ЕУ, треба да бидеме самокритични и транспарентни“.
Тоа го изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред речиси една деценија, кога во 2014 година ги коментираше главните забелешки во Извештајот на Европската комисија за (не)напредокот на Македонија.
Сѐ што кажал тогаш, важи и денес, освен што партнер на ДУИ од јуни 2017 година не е ВМРО-ДПМНЕ, туку СДСМ. Дали и денес имаме селективно судство? Имаме! Тогаш, зошто од 2014 ни потрошија уште една деценија од нашите животи, за повторно сѐ да биде исто?
Во што и да се впуштил Мерко, сигурно не бил сам и без логистичка поддршка од партијата, која во 2020 се пофали дека направила внатрешен партиски ветинг
Само во таа, од реформски аспект промашена деценија, четири кадри на ДУИ во континуитет биле министри за правда: „огнениот“ Блерим Беџети министерувал од јули 2011 до јули 2014; Аднан Јашари oд јули 2014 до април 2016; Валдет Џафери од април 2016 до јуни 2017; и Билен Салиу од јуни 2017 до јуни 2018.
Ќе речат – па министерот нема простор за директно влијание врз предметите во судовите и обвинителствата. Да, ама големиот број дискрециски овластувања за давање лиценци за вештаци, извршители, нотари и прозорецот кон затворскиот систем, се коридори каде што има безброј можности за коруптивни влијанија. А кога тие ќе се поврзат и со партиски спонзорираните избори на судии и обвинители, и нивното вмрежување за потребите на владејачката каста, пајаковата мрежа на корупцијата и трговија со влијание станува комплетна. Тип-топ.
Затоа барањето на ДУИ за „сеопфатна истрага“ по сеопфатното забошотување на истата со години, е класична демагогија. Но, ДУИ и нема друга излезна варијанта, освен да глуми. Во што и да се впуштил Мерко, сигурно не бил сам и без логистичка поддршка од партијата, која во 2020 се пофали дека направила внатрешен партиски ветинг. Значи, Мерко излегол комплетно чист, штом во 2021 година по четврти пат го кандидираа за градоначалник.
Плус, сета претстава за наводна загриженост во ДУИ се случува кога зад вревата со Мерко се случуваат мега аквизиции, меѓу кои и онаа со трговскиот центар Соравиа… Со просечна заработувачка човек не може да купи ни 25 квадрати во тој трговски центар за цел работен век, ама 25-годишен внук на партиски лидер можел да купи 90 проценти од него.
Со просечна заработувачка човек не може да купи ни 25 квадрати во тој трговски центар за цел работен век, ама 25-годишен внук на партиски лидер можел да купи 90 проценти од него
И сега предлагаат ветинг, што би било уште една играчка за ново замајување. Се знае како оди тоа – формирање работна група, доставување предлози, дебата, разгледување компаративни искуства, избор на модел, избор на мониторинг врз процесот, и – поминала уште една деценија. Граѓаните повеќе немаат трпение да бидат посматрачи како елитите се менуваат на власт, а власта ништо не менува.
Ветинг не се прави вербално или на хартија. Вистински ветинг е кога сегашните редовни институции ќе утврдат дали и кои обвинители или судии ги кочеле предметите за Мерко и ќе ги повика на одговорност. Па, еднаш да видиме сино комбе и пред вратите на правораздавачите и нивните газди во извршната или во закондавната власт.
Во целата оваа трагедија, најкомичен е т.н. Судски совет, нелегитимното тело со верник на неговото чело, кое бргу се заинтересира за случувањата во Струга. И мислат дека така ќе си обезбедат алиби зашто ќе „нема време“ да расправаат за одговорноста на судијата Енвер Беџети, што беше тригер за серијата скандали во Советот.
Уште полесно може да се претпостави како ќе изгледа сеопфатната истрага на институциите. Само што ќе почне во јули, ако почне, (бидејќи „ќе мора“ да се соберат голем обем на податоци), ете го дошол август, кога правосудството оди на колективен одмор. Кога ќе се врати, којзнае дотогаш кој лик ќе излезе од „барабанот“ на Стејт департментот. Мерко ќе биде бајата приказна според овдешниот манир „секое чудо за три дена“, и повторно ќе го гледаме како мува не го лази, како што не го лазеше ни вчера, кога телевизиските камери го покажаа неговиот насмеан и спокоен лик.
Амбасадорката Агелер, во неколку наврати потенцираше колку многу средства САД инвестирале во обука на кадри во македонското правосудство, а недостигаат резултати. И таа е во право. Но, на амбасадорката ѝ недостига еден клучен податок: колку средства во истите кадри инвестирале противниците на правната држава во Македонија?
Денес наликуваме на подморницата „Титан“. По тридецениско пловење во длабоки и матни води, сега сме токму на чекор до идентична имплозија
Не сакам да ги потценувам напорите на САД, но домашната инвестиција во „обука“ на правосудни послушници мислам дека е неколкукратно поголема. Се мери во станови, деловни објекти, хациенди, кеш, сето тоа внимателно распредено на имиња на далечни роднини овде и во странство, за да бидат целосно сигурни дека се надвор од опсегот на каков било ветинг.
Затоа и бараат ветинг. За ништо да не се најде, за да се направи уште една хименопластика, како потврда за невиноста на засегнатите партии. И затоа денес наликуваме на подморницата „Титан“. По тридецениско пловење во длабоки и матни води, сега сме токму на чекор до идентична имплозија, до фаталниот епилог да го допреме истото дно на кое лежи и „Титаник“, симболиката на нашето алтер его.
Пораката на САД е јасна, а „назначениот“ Мерко е само илустрација кон поширокото друштво до кое е испратена. Тој што не сака да ја разбере, веќе ја свири својата лебедова песна.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија