Нашата мала орбита

Искрено, многу помалку ме интересира како ЕК ќе го оцени напредокот на Македонија и дали ќе даде „чиста препорака“… Поважно од екстерните оценки е како ние самите интерно ќе се оцениме и како ќе се мотивираме за квалитативен скок напред. Дали ќе станеме свесни колку сме назад од светот и веков, и дали ќе се отрезниме од митовите кои и натаму можaт драматично да ни ја поткопуваат иднината. За да ја стопираме стагнацијата, првин треба да утврдиме каде сме, и каде сакаме да стигнеме во овој современ и глобализиран свет. Ако и понатаму ги држиме очите ширум затворени, никогаш нема да дознаеме.

Како симболична компарација каде сме, ќе се послужам со една илустрација. Истиот ден кога овде беше објавена информација дека властите во Скопје размислуваат дали да го продадат градскиот пајтон, од другата страна на Атлантикот приватна компанија лансираше супер тешка ракета-носач „Фалкон хеви“, со која во орбитата полета и корвета од марката „Тесла“.

Една недела претходно кај нас беше успешно лансирана само веста дека не функционира автобуската линија до Солун. Со тоа, нашата сообраќајна орбита остана строго дефинирана од Куманово до Гевгелија и од Тетово до Охрид. Ако на тој пат не ви се испречи „голема мечка“ (шумска) или „црна дупка“ (асфалтна), со голема веројатност овие космички далечини можете да ги поминете само за двојно повеќе  време од она со кое „Фалкон хеви“ стигнува на својата далечна „екс“ дестинација.   

Патем, веста за можната продажба на пајтонот беше само мало интермецо во шумата од информаци за четвртвековната битка за името, идентитетот… Е тука е она најважното. Сѐ ми се чини дека овие од компанијата „Спејс екс“ што ја лансираа ракетата, како да сакаат да кажат дека идентитет се гради со знаење, развој, наука… Притоа создаваат и голема забуна.

На пример, како би го дефинирале во овој контекст „идентитетот“ на Илон Маск од оваа компанија којашто ги пробива границите на возможното со нејзината приватна вселенска програма? Маск е роден во градот Преторија во Јужноафриканската Република, а има државјанства на ЈАР, САД и Канада.

Функционираме како заглавени во шупа од која се гледа само до плотот на комшиите, и целата наша оперативност се сведува на акции на тој мал хоризонт, од точка А до точка Б, во која (не)успехот се мери според тоа чија коза побрзо ќе цркне

Како според овие национални одредници идентитетски да „дефинирате“ човек, кој по својата изворна суштина е наднационален сонувач? Тоа е категорија што не познава ни земски ни небесни граници, ни графи за националност, државјанство, јазик. Тие стануваат ирелевантни во свеста за еден глобализиран свет и предизвиците да се исчекори и подалеку од него.  

Имено, најголемата разликата меѓу земјите и луѓето не произлегува од нивниот национален идентитет туку од подготвеноста нивните лични и национални потенцијали да ги стават во погон за глобален напредок и развој. Денес глобалниот напредок е главен белег на идентитетот. Не случајно, првите придавки што се додаваат пред имињата на земјите се: „развиената“, „богатата“, „растечката“, „земјата во брз подем“ (развоен, економски или научен), или „сиромашната“, „неразвиената“, „банкротираната“ итн. Нешто како разлика меѓу ракети и пајтони.

И како ова да не е доволно фрустрирачки, па се трудиме што повеќе да се обележиме и омеѓиме во затвореноста. Функционираме како заглавени во шупа од која се гледа само до плотот на комшиите, и целата наша оперативност се сведува на акции на тој мал хоризонт, од точка А до точка Б, во која (не)успехот се мери според тоа чија коза побрзо ќе цркне.

Гледано од оперативен агол на еден „Спејс екс“, дури и нашиот сон интегративно да стигнеме до Брисел наликува на своевидно демоде, ако слободно може да се предвиди дека во годината кога тоа би се случило, на пример, комерцијалниот вселенски туризам веќе ќе биде секојдневие. Додека ние стигнеме во ЕУ, светот ќе патува подалеку од планетава. Зборуваме за резултатни разлики што се мерат во светлосни години. Зборуваме за стандарди кои не е битно ЕУ административно да ни ги штиклира како достигнати туку реално да ги оствариме заради нас. А ги има многу. 

Деновиве, ме запира на кејот на Вардар еден читател, со намера да продискутираме за процесот разговори за името. Вели – „не ми се допаѓа предлогот Вардарска Македонија“… „Ни мене не ми се допаѓа предлогот, а уште помалку Вардар“, му велам додека гледаме во реката „украсена“ со стотици и стотици пластични шишиња, најлонски ќеси, картони, гранки, секаков шут…. Текстот на песната („..ој Вардаре, македонски, ти ја красиш Македонија…“) на никаков начин не се вклопува во грдата слика пред нас.

Ете, и тоа е наш идентитет. И тоа е наш „јазик“ со кој комуницираме со нашата  животна средина во саканата татковина. И тоа сведочи за нашата култура, навики, свест… Вардар и неговото корито е огледалото што го покажува нашиот вистински лик: „патриотски“ креатори на една девастација со повеќе лица – хидролошка, еколошка, градежна, архитектонска …

Во тие пловечки шишиња ние испраќаме „универзална порака“ за тоа кои сме, што сме и какви сме. Вардар е нашата домашна „златна плоча“, легитимација налик на онаа што беше испратена во вселената со „Војаџер“ 1 и 2, во 1977 година. На таа „златна плоча“ беа ставени звуци и слики кои го претставуваат животот на Земјата, наменети за оние кои би можеле да ги најдат тие записи.

За да ја стопираме стагнацијата, првин треба да утврдиме каде сме, и каде сакаме да стигнеме во овој современ и глобализиран свет. Ако и понатаму ги држиме очите ширум затворени, никогаш нема да дознаеме

Селекцијата ја правеше комитет на НАСА, на чело со Карл Саган. Во вселената отпатуваа поздрави на 55 јазици, заедно со музика од Моцарт, Бах, Бетовен, австралиски абориџински песни, индијански, кинески, индиски, јапонски, грузиски.., звуци на дрвени флејти од Соломонските Острови и од Перу, звуци на ударалки од Сенегал, на гајди од Азербејџан, повеќе песни меѓу кои и „Излегол Дељо ајдутин“ на бугарската ѕвезда Ваља Балканска, како и разновидни природни звуци на птици, бранови, бебешки плач… Со минатонеделното лансирање на „Фалкон хеви“, на таа златна компилација ѝ се придружи и хитот „Space oddity“ на Дејвид Боуви, кој ќе се репродуцира од автомобилот „Тесла“.

Ние немаме вселенска програма, во земската најчесто се раководиме според правилото „од денеска за утре“, притоа почесто свртени кон вчера, отколку кон утре. Единствената наша врска со нешто надвор од земјината орбита е одлуката на НАСА и Меѓународната астрономска унија од 2010 година, едно од езерата на Сатурновата месечина Титан да го носи името „Охридско Езеро“ во чест на нашето.

Ете, и тоа е нешто. Но, тешко ќе можеме да се тешиме со езеро на Сатурновата месечина, ако не направиме зрела и напредна држава овде на Земјата.  Ако Македонија не ја лансираме во друштвото на стабилни демократски земји, луѓето ќе продолжат да се катапултираат кон некои други паралели и меридијани. Па и речникот на политичарите реално илустрира во каква состојба сме сега. Велат – не смееме да го пропуштиме овој воз (интегративен). Ако го пропуштиме – ќе останеме заглавени, изолирани, ќе се вртиме во место слично како пајтон за локален сообраќај, зашто за глобалните траси нема да бидеме компатибилни.

Затоа, помалку прикаски, повеќе работа. За да полетаме во суштински исчекор, прво треба да атерираме од  од митолошкиот наратив во кој доскоро живеевме. Таа лекција ја учеа и некои наши соседи. Своевремено, Ѓинѓиќ на предавање пред студентите прати порака до „небескиот народ“: „Убаво е да се лета, ама на крајот кога ќе слетате, ќе дојдете на автопат, на наплатна рампа, тогаш ќе видите колку што чинело.“