Навивачки трупи

Колумна на Сашо Кокаланов

Се сеќавам, имав некои пет години, кога баба ми нè седна во воз мене и мојот две години помал братучед и нè однесе на одмор во приморското хрватско гратче Опатија, на југот од Истра. Ова место го биеше добар глас дека има клима што е вистински лекар за проблематични синуси. Моите, додуша, беа добри, јас на одморот се шлепав покрај помалиот братучед, но баба ми имаше секогаш добри и убедливи аргументи („што ако е здрав, нека дише детето морски воздух, нема да му шкоди”) – и ете ме мене во возот на тогашните југословенски железници.

Сè тоа супер, ама… Ама, не беше баш толку идеално за мене, имав еден мал проблем. Да се разбереме, немав јас ништо против здравиот морски воздух и не дека не верував оти Опатија е супер во август, само што баш тогаш, на 14-от ден од коловоз поточно, тоа лето осумдесет и второ, почнуваше југословенската прва фудбалска лига, а никој од моите дома не можеше да ми даде цврсти гаранции дека и во Опатија ќе можам да слушам пренос на радио.

Сакајте си ги клубовите, навивајте, полнете си го и вие вашето ковчеже со спомени и анегдоти за оваа чудна страст кон најважната работа на светот. Ама бидете што подалеку од навивачките групи. Тие се одамна најобична депонија на национализам и на омраза, тие се најголемиот гнилеж што се плетка околу спортот

Радиопреносите од мечевите на Вардар ги слушав отприлика од истиот момент кога застанав на две нозе и успеав да го дофатам копчето на радиото, што ќе каже доста рано во животот, и тој ритуал за мене беше речиси религиозен. Бев инфициран од таа љубов од најрана возраст и ако баш мораше неделното попладне да се помине на планинарење на Водно, на пример, не спиев на тоа уво дека секој втор на падините на планината имаше транзисторче за да слуша пренос – јас си носев свое.  

Не сакав да одам, значи, за Опатија, но, какви права има едно петгодишно дете, па уште и во осумдесеттите години на минатиот век. И ете ме мене намуртен во купето со спална соба, со насолзени очи дека нема да слушам Динамо – Вардар. Не кој било Динамо, од Винковци или од Панчево, туку загрепскиот, тогашниот шампион на Југославија.

За среќа, сепак, баба ми беше неверојатна жена – енергична, снаодлива и нестварно посветена на своите внуци. Уште при сместувањето во хотелот, речиси со тон на наредба им рече на оние од рецепцијата – „Во недела на детево да му обезбедите радио“. На зачудените погледи, веднаш додаде – „Треба да слуша Вардар“.

Тоа беше ужасен меч за слушање, кај на хрватски, па уште и Вардар загуби 0-3. Одморот за мене се претвори во една голема неприлика (иако Опатија беше навистина совршена во август) зашто не можев да се симнам на појадок, ниту да поминам покрај рецепцијата, а некој од рецепционерите да не почнеше да ме задева – „Слабо, вардарац, слабо“, „Који је оно био резултат, вардарац, јел два ил три нула“… и други зајадливи дофрлања, на кои одговарав или со исплазување на јазикот (ако не ме гледаше баба ми) или само со остар заканувачки поглед (кога ме гледаше).

Подоцна, кога пораснав доволно за да стасам самиот до Градскиот парк и да го изговорам она легендарно: „Чичко, може со вас?“ (упатено за сите чичковци што влегуваа на Јужната трибина без детска придружба), се одлепив од транзисторот и почнав самиот да одам на стадион за да се уверам дека не ме измамиле омилените радиорепортери Ивко Панговски и Бранко Давидовски (дека Вардар постојано напаѓа, а овие другиве обично даваат голови без игра и шанси).

Уште некоја година подоцна, со првите мозолчиња од пубертетот, веќе бев на западната трибина, со тазе формираната навивачка група „комити“ и редовно останував без глас бодрејќи го клубот. Во кеса со веќе сосема избледено лого од „Југотон“, ене ги, ги чувам сè уште сите билети од натпреварите на Вардар.

Ги гледам и сега кога го истурам пред вас дел од ова „ковчеже“ со анегдоти и спомени од детството. Знам што значат навивачки страсти, ги разбирам, сум ја носел таа кожа на бескрајни емоции на радост и тага. И денес ја носам.

Клубовите, не само што ни се обележани со национализам, туку навивачките трупи што се врткаат околу нив претендираат сите да нè поделат на „комити“ и „шверцери“. Ако им дозволиме да ни ги прошверцуваат таквите намери, цената што ќе ја плаќаме ќе биде ваква страшна, а валута ќе бидат изгубените млади животи

Сакајте си ги клубовите, навивајте, полнете си го и вие вашето ковчеже со спомени и анегдоти за оваа чудна страст кон најважната работа на светот. Ама бидете што подалеку од навивачките групи. Тие се одамна најобична депонија на национализам и на омраза, тие се најголемиот гнилеж што се плетка околу спортот.

Дури е погрешно да се нарекуваат навивачки групи, повеќе личат на национал-шовинистички трупи.

Не мораше да се случи убиството на младиот навивач на Вардар за да почнеме гласно да зборуваме за ова, доволно е еднаш човек да отиде на натпревар, па да види дека „комити“, „чкембари“, „шверцери“, „балисти“ и другите ними исти, се само добра камуфлажа за сеење отров меѓу младите, а често се и партиски дувла, испостави за извршување валкани задачи.

Свирепото убиство на младото момче од Кисела Вода е доказ дека тие банди камуфлирани со клупски бои немаат ништо заедничко со фудбалот. Затоа е одвратно да се гледаат политичари како во фудбалски дресови се обидуваат да играат на картата на навивачките емоции и на беден начин да се обидуваат да го наполнат партиското ковчеже со некој глас повеќе.

Попрок-ѕвездата Стинг, за кого е одамна познато дека е страстен фудбалски навивач, за еуфоријата што завладеа во Англија по повод пласманот на нивната репрезентација во полуфиналето на Светското првенство, пред некој ден изјави дека не се „пали“ многу на тоа што се случува во Русија: „Многу повеќе го сакам клупскиот фудбал од мундијалите зашто тие се премногу обележани со национализам“.

За жал, ние го немаме тој избор – на Светско секако нè нема, а клубовите, не само што ни се обележани со национализам, туку навивачките трупи што се врткаат околу нив претендираат сите да нè поделат на „комити“ и „шверцери“. Ако им дозволиме да ни ги прошверцуваат таквите намери, цената што ќе ја плаќаме ќе биде ваква страшна, а валута ќе бидат изгубените млади животи.

Баталете тоа!