Некрофилна одговорност

Медиумите јавуваат: украдена е надгробна плоча на градските гробишта „Бутел“ во Скопје. Некој месец порано беше објавено дека се украдени две бронзени бисти од истата локација. Министерството за внатрешни работи презема мерки за расчистување на случаите.

Не видов дека АД „Бутел“ се огласија со некакво соопштение. Можеби сметаат дека безбедноста на гробиштата не е нивна одговорност. Или, не дај Боже, дека се работи за некој вид некрофилија или манипулација со семејствата на ожалостените. Се разбира дека не станува збор за „прибавување противправна корист“, а за некој вид корупција уште помалку.

Кој датум сме денес и кога се случи трагедијата во Кочани? Да, прашањата се реторички и секој одговор или заклучок е одвишен

Ако мислите дека сум циничен во овие случаи, тогаш треба да ги прочитате или да ги слушнете изјавите на портпаролката на Владата на Република Северна Македонија, Марија Митева, а богами и на нејзиниот шеф, премиерот Христијан Мицкоски, во однос на кочанската трагедија.

Не сакам тука да зборувам за најавите за формирањето работна група што ќе ја следи „состојбата со повредените“ (Сашо Клековски), за нов директен телефонски број каде што ќе можат да се обраќаат повредените и нивните семејства за своите потреби, за отстапувањето на одморалиштето „Пониква“ за потребите на повредените, за тоа дека луѓето од кабинетот на Мицкоски се во постојан контакт со семејствата од Кочани… Само ќе прашам кој датум сме денес и кога се случи трагедијата во Кочани? Да, прашањата се реторички и секој одговор или заклучок е одвишен.

Некои би рекле дека подобро подоцна отколку никогаш. И веројатно би биле во право. Само ако се нема она горчливо чувство дека сево ова се прави сега, не како институционален одговор на ситуацијата, туку како резултат на притисокот на јавноста. Или, што мене ми звучи уште поверојатно, како предвремено почната кампања за претстојните локални избори.

Одговорност и зошто не?

Не, нема да се занимавам тука со она што и онака ѝ е работа на владата, а богами и досега ѝ беше. Во случајов, повеќе ме интересира нивната цинична, да не кажам безобразна употреба на термините „одговорност“ и „некрофилија“.

Портпаролката вели дека се „непримерени“ изјавите на родителите на починатите во кои се бара одговорност од функционерите! Зошто се непримерени? Зошто да не се бара одговорност од функционерите? Од кого да се бара одговорност? Немам баш рационален одговор на ова прашање, ама затоа можам да понудам неколку можни варијанти.

Прво (1), затоа што портпаролката (веројатно и комплетната влада) смета дека станува збор за апсолутно безгрешни и бескрајно чесни луѓе. Второ (2), следствено, сите други се виновни, само не сме ние. Особено се виновни оние што владееле пред нас. Трето (3) затоа што портпаролката (веројатно и комплетната влада) не знае што е тоа одговорност. Или четврто (4) затоа што од одговорноста се бега како од запалена дискотека во Кочани.

Моралот, пак, не е работа на законите, туку работа на култура. Ако сакате, и на традиција, на која толку многу се повикува владејачката партија

Одговорноста не е биолошка, туку социјална категорија. Таа не се добива со раѓање, туку се учи. Малите деца, на пример, не ја разбираат оваа категорија. И го учат нејзиното значење уште од најраната возраст. Затоа и законските акти не предвидуваат (целосна) одговорност за малолетни лица. Но, ако не ја совладате содржината на овој поим, сите шанси се дека засекогаш ќе останете неодговорен. Некој што ќе мисли дека е апсолутно безгрешен и бескрајно чесен. Односно ќе го толкува светот според сопствените „закони“, аршини и волја.

Натаму, одговорноста не е само пред законот, таа не е само прекршочна или кривична. Таа е многу повеќе – морална. Конечно, законите се менуваат и одговорноста некако неретко испарува некаде. Дали преку собраниски автентични толкувања на законот, дали преку аболиции или амнестии, дали преку непрепознавања на вистинската или преку некој вид корупција или употреба на моќ, важно најчесто тоа се случува токму кај „безгрешните.“

Моралот, пак, не е работа на законите, туку работа на култура. Ако сакате, и на традиција, на која толку многу се повикува владејачката партија. Нема да ги спомнувам скандинавските земји или Јапонија, тоа навистина ќе нема никаква смисла. Ќе спомнам една држава од Западен Балкан, ќе ја спомнам Црна Гора.

Се сеќавам кога во Беране или во некој друг црногорски град почина една родилка на породување. Речиси, во истиот момент, нивниот министер за здравство поднесе оставка. Уште пред да се испита случајот, пред да се направат оние комисии и инспекции.

Човекот едноставно рече дека е недозволиво во неговиот мандат да почине родилка и дека тој повеќе не се чувствува достоен да ја врши таа функција. И сигурно не бил во породилната сала кога починала несреќната жена. Црногорците тоа го нарекуваат „чојство.“ И ние имаме термин со исто значење: „човештина.“ Само што не се сеќавам кога последен пат сме го употребиле во контекст на власта или луѓето од власта.

Политика на смртта

Но, ако зборот „одговорност“ не го слушаме баш пречесто во јавниот говор, тогаш „некрофилијата“ се повторува речиси хорски. Го употребува премиерот Мицкоски, го употребува портпаролката Митева, го употребуваат повеќето функционери од власта, а богами и нивните медиумски епигони. Би рекол, без основно познавање на значењето на зборот. Едноставно, им се допаднал или им личи дека ако го употребат и каде што треба, и каде што не треба, ќе изгледаат поумно од вообичаено.

Интересно е дека секогаш кога ќе се спомене зборот „некрофилија“, а особено ако се спомене во комбинација со „одговорност“, тогаш речиси задолжително се споменува некоја трагедија. Најчесто е тоа пожарот во модуларната болница во Тетово, а многу ретко, речиси никогаш трагедијата во Кочани.

Премиерот мора да знае дека сѐ е политика и дека политиката не е резервирана само за него и за политичките елити

Во своето вчерашно обраќање пред Унијата на млади сили, премиерот Мицкоски, нарекувајќи ги опозиционерите „некрофили“, со ништо не предизвикан, ги споменува случаите со Смилковско езеро, малата Тамара и Мартин Нешкоски. Настрана што и овие случаи од времето на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ останаа неразјаснети или барем делумно неразјаснети. Ако сакам да се послужам со речникот на владејачката партија, тогаш, со мирна душа, можам да кажам дека и тука се работи за „некрофилија.“

Токму поради овие случаи и многу како нив, мантрата „одговорност мора да има, ама да ги пуштиме институциите да работат“ изгледа толку многу цинично. Кои институции? Оние во кои, освен владејачката врхушка, никој нема доверба? А сериозно е прашањето и од каде власта ја црпи оваа доверба.

Вели Мицкоски дека едно граѓанско движење во Кочани полека се претвора во политичко. Небаре не станува збор за семејствата на жртвите и нивните поддржувачи што бараат правда, туку за некои играорци што го увежбуваат „пајдушко.“ Но, ако сакате, дури и секој фолклорен ансамбл, и тоа како води политика. Не само репертоарска, туку политика за опстанок, за простор, за носии, за прокиснување на покривот, за подобрување на условите за нивна работа…

Премиерот мора да знае дека сѐ е политика и дека политиката не е резервирана само за него и за политичките елити.

И уште вели дека на кочанските протести се споменувале „катни гаражи, водоводни канализации, исполнети и неисполнети ветувања и сѐ така по ред“, ставајќи го тоа во контекст на следните локални избори. И веднаш потоа вели дека интензивно работи на проект што „ќе биде од историско значење“ за Кочани. Што е тоа? „Исполнети и неисполнети ветувања“? Локални избори?

Имам лоша вест за премиерот: на Кочани му е доста од историја. Нешто требаше да се направи досега.

Многу веројатно е дека на скопските градски гробишта ќе продолжат да се крадат бисти и надгробни плочи, а МВР и натаму ќе презема мерки. Што би се рекло, во оваа држава не можеш на раат ни да умреш. Да живееш, па никако.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија