Новиот неуспех на Македонија е повеќе од симболички

Колумна на Харалд Шенкер

Денеска најдов еден леток во моето поштенско сандаче. Беше реклама за нов сервис за достава на пици. Покрај непрецизниот натпис на англиски („нарачајте и чекајте ваша вкусна храна“) имаше и попуст од 20 отсто на сите производи.

Една мала ѕвездичка ме упати на фуснотата, каде што видов дека понудата истекла пред повеќе од шест недели. Дали би нарачал од нив? Секако дека не. Седумдесет проценти од впечатокот се добива од тоа како изгледате, 20 проценти од тоа како звучите, а 10 проценти од тоа што ќе кажете, тоа е златното правило на Еди Изард. Поедноставно кажано, изгледот е важен, и во секојдневниот живот, но и во политиката, и тоа многу повеќе.

Деновиве, главниот настан од кампањата во Македонија против насилството врз жените беше осветлувањето на владината зграда со портокалови светла.

Кога го видов тоа, веднаш ме потсети на „Шарената револуција“, кога балони со боја се фрлаа врз зградата и кога стана познат слоганот „Ружна ви е владата“. Ова е истата зграда, направена како дел од хорор-филмот на поранешниот премиер Никола Груевски, наречен „Скопје 2014“, во кој се остварија сите архитектонски возможни кошмари, и кој ќе нѐ прогонува уште некое време.

Зградата е олицетворение на архитектонско силување, со кое модернистичката фасада се покри со нешто што на германски се вика „Zuckerbäckerstil“, или „стил на свадбена торта“. Дури и Сталин би се засрамил од тоа. Не можам да замислам понесоодветна надградба на оваа изопаченост од нејзиното користење како сцена за кампања против насилството врз жените.

По цела година размислување, владата одвои 1,5 милиони евра за борба против загадувањето на воздухот. „Wow“, би рекол. И кога мојот мал син ќе направи такво нешто, обично му велиме „браво“

Но, ова е само најновата таква случка. Сегашната влада вложува многу во пиарот, но изгледа дека не ја разбира моќта на симболите. Да се задржиме уште малку на владината зграда. Не е во прашање само фасадата, туку целиот ентериер беше сменет за да го задоволи малобуржоаскиот сон на Груевски за величественост.

Кога новата влада се всели таму, веќе имав чувство дека тоа е почеток на крајот на нејзините тврдења дека сѐ ќе прави различно од порано и дека ќе биде различна. Колку симпатично ќе изгледаше да има привремено владино седиште, колку повеќе луѓе ќе поверуваа во наративот на нов почеток…

Но, тоа не се случи, и сега мораме да ги гледаме како седат во тие мегаломански и многу лошо изградени сали, кои врескаат од криминал и корупција.

Тука е и оградата. Старата зграда беше дел од отворен простор, луѓето имаа слободен пристап  до платформата пред објектот и до паркот до него. Груевски симптоматично изгради огромна ограда, можеби еден од најсилните симболи на неговиот режим – ние не сакаме отвореност, ние се плашиме од луѓето.

Сегашната влада, која веќе не е ни толку нова, вети дека ќе ја отстрани оградата. Потоа го повлече ветувањето образложувајќи го со трошоци. Има ли полош сигнал? Сум слушнал од повеќе луѓе дека сѐ што треба за да се тргне оградата е дозвола. Може да ја снема за еден ден.

Замислете неколку стотици луѓе со пили како им се нафрлаат на железните прачки. Сега е веќе доцна. Револуционерниот жар одамна исчезна и ѝ го отстапи местото на реалполитиката на поранешните активисти кои станаа функционери.

Да се префрлиме на остатокот од  „Скопје 2014“. По смената на владата, една (да, ЕДНА) статуа беше отстранета. Да, беше формирана и комисија за да ја процени законитоста на изградбата на другите згради и објекти и да предложи решенија.

Резултати? Па, комисијата работи. И ќе продолжи да работи и откако зградите и статуите ќе ѝ подлегнат на ерозијата.

Ова ќе се случи мошне бргу. Направени се најмногу од гипс и од евтини материјали. Како што веќе знаеме, Македонија е најзагадената земја во Европа. Скопје, како нејзина горда престолнина, е на врвот во својата лига.

По смената на владата, една (да, ЕДНА) статуа беше отстранета

Наместо да излезе со некој голем удар, со сет-мерки што веднаш ќе може да дадат резултат, особено кај аерозагадувањето, владата се крие зад некаква комплексност на проблемот. Кога велам владата, во овој случај мислам и на централната и на локалната, особено на власта во градот Скопје.

Да, знаеме, комплицирано е, но комплициран е и односот со гласачите. Ако не им покажете резултати, барем покажете им дека правите нешто.

По цела година размислување, владата одвои 1,5 милиони евра за борба против загадувањето на воздухот. „Wow“, би рекол. И кога мојот мал син ќе направи такво нешто, обично му велиме „браво“.

За 1,5 милиони евра можеби би можеле да ги бојадисате таваните на владината зграда во сино. Ефектот би бил ист. Добро, барем лошиот воздух ќе го уништи „Скопје 2014“.

Тоа што му треба на овој град е радикално свртување. Но, сѐ што владата направи досега е што покажа солидарност со бизнис-интересите на тие што профитираат од загадувањето. Сите во градот знаат кои се големите индустриски загадувачи.

Дали барем еден од нив бил натеран да го реши проблемот? Секако дека не. Потребна е и радикална промена во сообраќајните политики, и центарот на Скопје да биде ослободен од автомобили, стари камиони и од автобуси. Приоритет треба да им се даде на пешаците и на велосипедите.

Патната инфраструктура мора да се смени за да ги одвраќа луѓето од користењето автомобил низ градот. Јавниот сообраќај треба да се преосмисли. Тоа не значи дека „повторно треба да се открие тркалото“. Само дека треба да се седне и да се сработи нешто.

Дали барем еден тротоар бил ослободен од паркирани возила? Но, тогаш каде кутрите деца би ги паркирале своите поршеа?

Тука се случува пропаѓање на моќта на симболите. Луѓето не се глупави, тие го разбираат ад-хок карактерот на предложените мерки, гледаат дека не постои визија во нив. За една година, практично ниеден зелен простор не беше создаден или вратен.

Од скопските општини, само една има мораториум за градење, па дури и тој е некако несигурен. Владата не прави ништо за да покаже дека ѝ се спротивставува на градежната мафија. Напротив, неколку случаи чудно мирисаат и ги тераат луѓето да се прашаат да не има некакво соучество тука.

Понатаму, секако, тука е и бегството на Груевски. Ова не смееше да се случи во држава со оваа големина. Но, некомпетентноста и доброто вмрежување завршија работа. Најсилната шлаканица што можеше да се замисли врз лицето на владата се случи во еден викенд. И дали тука гледаме симболичен гест?

Неуспехот мора да има политичко лице, некој мора да преземе одговорност. Наместо тоа, сѐ си продолжува како ништо да не се случило. Во тек е истрага, а ќе се формира и комисија. Можеби таа ќе може да ги координира седниците заедно со комисијата за „Скопје 2014“.

Неуспехот мора да има политичко лице, некој мора да преземе одговорност. Наместо тоа, сѐ си продолжува како ништо да не се случило

Недостигот од политички инстинкт и од основно разбирање на комуникацијата ја чини владата многу. Намалената поддршка од гласачите е видлива. Некое време премиерот Зоран Заев застануваше напред, како лицето на владата, и преземаше одговорност за сѐ што ќе се случеше или што немаше да се сработи.

Но, тоа се истрошува, како што сѐ повеќе ветувања се прекршуваат.

Едно од тие ветувања беше борбата против корупцијата. Луѓето сѐ уште чекаат на еден симболичен гест што ќе ги убеди дека владата е сериозна во своите намери.

Наместо тоа, коалицискиот партнер си работи по старо веќе една деценија, антикорупциската комисија сѐ уште не е (ре)формирана, реформите во администрацијата стагнираат, а се фрлаат пари на лажни вработувања од претходната ера.

Во поголемиот дел од изминатава година, владата и администрацијата изгледаа дека се загубени во деталите.  Севкупната доминација на прашањето за името со Грција доведе до запоставување на сѐ друго. Време е да се разбудат и да почнат да работат.

А тоа вклучува и правење видливи промени. Покажете им на луѓето дека сте сериозни и покажете им зошто. Дајте им причина да веруваат во вас и да веруваат дека може да успеете. Почнете да изгледате различно и да работите различно.

Почнете да се откачувате од практиките на претходниот режим. Како поинаку мислите да си го вратите кредибилитетот?

Како што ги завршувам овие редови, се појавува нова вест на мојот екран. „Вицепремиерот почнал да оди на работа“. Тука се откажувам.