Од евтино кабинетско кафе до најскапо „Блек ајвори“

Суфицитот од владејачка суета, несанкционираниот волунтаризам и дефицитот од искрена волја за дијалог со политичкиот опонент, постепено се претвори во Ахилова пета на Груевски. И не само негова. Тоа ќе биде Ахилова пета на секој политичар кој нема да биде подготвен да ги слушне барањата на опонентите и на граѓаните, за да дебатира за нив и да ги коригира своите политики ако биде соочен со валидни аргументи.

DSC03966

По договорот од 2 јуни, особено по Извештајот за Македонија изработен од експертскиот тим на Европската комисија, станува тажна и карикатурална постапката за предметот „Пуч“, особено во делот на обвинувањата за насилство кон државни функционери. Како почна, а како привршува приказната?

Минатата година Заев на тет-а-тет средба со премиерот Груевски побарал формирање техничка/преодна влада која ќе овозможи услови за спроведување фер и демократски избори, соопштувајќи му дека поседува голем број докази кои покажуваат зошто тоа е неопходно.

Сите четири средби на кои Заев го аргументирал истото барање, по пријава на Грувски во полицијата, биле ставени под посебни истражни мерки. Снимките за некои од нив, јавноста ги виде на Јутјуб.

Од тие средби не произлезе договор туку пријава против Заев за кривично дело „насилство кон државни функционери“, со објаснување од премиерот дека тој бил уценуван од лидерот на СДСМ. Соочен со таа состојба, Заев немаше друг избор, освен да ги објави сознанијата кои ги поседува, преку т.н. бомби, за да покаже дека не се работи за уцена од негова страна туку за фрапантни сознанија во колкава мера државата е киднапирана од партијата на власт, колку е демократски деформирана и институционално искомпромитирана.

Тоа се состојби кои не можат да се надминат на друг начин, освен преку нови избори што никако не смее да ги организира влада за која постојат докази дека спроведувала изборен грабеж во повеќе циклуси.

„Никој не може да ме уценува, ние имаме легитимен мандат од четири години и избори нема да има“, дециден беше Груевски пред пет месеци. Истото го повтори и на големиот митинг во Скопје на 18 мај. Но, на 2 јуни, сепак, потпиша согласност за нови избори во април 2016, на зелена маса, под медијаторство на ЕУ. Со тоа директно ги суспендираше сите обвинувања за уцена од страна на опозицијата.

Во спротивно, би било логично да го поставиме прашањето: Зошто европскиот притисок за разврска на кризата преку нови избори Груевски не го смета за уцена кон легитимно избрана власт и за насилство кон државни функционери? Ако ЕУ сега посредува за договор каков што бараше и Заев, а заврши како четвртообвинет во предметот „Пуч“, не треба ли по истата логика сега и ЕУ да биде петтобвинета за истот случај!?

Но, не е. Токму во присуство на сведоци од ЕУ и САД, Грувски се откажа од четиригодишниот мандат. Фактички потклекна под „уцената“ на Заев, ама откако таа беше медијаторски артикулирана од ЕУ. Се врати на почетокот на приказната, само што во меѓувреме бесполезно сврте многу кругови, изгуби многу време и овозможи целиот свет да разбере за срамот и дострелите на македонската демократија.

Сега, кога „уцената“ е трансформирана во „конструктивен предлог“ за излез од кризата, апсурно е што чмаат во притвор лицата притворени за случајот „Пуч“. Еден веќе издржува затворска казна, на обвинителите и судиите им побелеа косите под јавниот притисок дека како и да постапат, некому ќе му згрешат, па во таа политичко-правна конфузија комбинирано голтаат и критики и налози и „лексилиуми“.

Во исто време, на нивниот клиент – „насилникот Заев“ му е вратен претходно одземениот пасош, за да може да шета по преговарачки рунди од Стразбур и Брисел, каде што во модифицирана форма се договара целта на неговата уцена – преодна влада.

Комплетна конфузија! Приказната за вмешаност на странски служби не ја ни спомнувам, бидејќи одамна е отфрлена и исмеана. Патем, ни ЕУ не би си дозволила да олеснува процес за излез од криза предизвикана од таков билатерален аранжман меѓу Заев и НН-служба. Фактот што власта до денес не соопшти за која странска служба или сила станува збор, особено што врз таква инволвираност ја темелеше целата приказна за шпионажа, само покажува како завршуваат ниските страсти за високи манипулации на јавноста.

Сето ова можеше да заврши и порано и со помалку последици, ако Груевски не го сфаќаше добивањето мандат како ситуација во која победникот зема сѐ, а другите немаат право на ништо.

Суфицитот од владејачка суета, несанкционираниот волунтаризам и дефицитот од искрена волја за дијалог со политичкиот опонент, постепено се претвори во Ахилова пета на Груевски. И не само негова. Тоа ќе биде Ахилова пета на секој политичар кој нема да биде подготвен да ги слушне барањата на опонентите и на граѓаните, за да дебатира за нив и да ги коригира своите политики ако биде соочен со валидни аргументи.

Груевски ја пропушти таа шанса со Заев минатата есен. Тоа што сега го договараат со медијаторство на ЕУ, можеа двајцата да го договорат лани ако имаше барем малку слух, волја и искреност. Груевски немаше. Македонија номинално изгуби уште една година, но реално изгуби цела деценија за потенцијален напредок. За штетите нанесени врз угледот на земјата нема единица мерка.

Целата оваа ситуација, која лани речиси наивно започна со кафе-муабет меѓу Груевски и Заев, за на крајот да кулминира со енормно висока политичка цена на тоа недопиено кафе, ме потсетува на методологијата со која ЕУ ги олеснува кризите, многу слична на методологијата со која се произведува едно од поскапите кафиња во светот – „Блек ајвори“, од кое една шолја чини 50 долари. Цената изгледа уште пострашно, ако се има предвид дека тоа кафе стигнува на маса директно преку слоновскиот измет.

Имено, слоновите редовно се хранат со зрна кафе, кои пак, и по 24 часа остануваат несварени и се исфрлаат преку изметот. Желудникот на слоновите служи како природен сад за ферментација, при што ензимите ги намалуваат горчливите супстанции на кафето. Зрната исфрлени преку слоновскиот измет се мијат и влегуваат во процес на крајна обработка. Резултатот од тоа, е едно од најскапите кафиња во светот.

Денес ние ја плаќаме цената на тоа горко лидерско кафе, кое од евтино кабинетско, достигна цена на едно „Блек ајвори“. Пет месеци ферментираа сознанијата за политичките девијации, три месеци се подготвуваа за анализа на разни нивоа и во разни формати. Два месеца експертски тим на ЕК ги собираше исфрлените крупни зрна за да ги стави во излогот (Извештајот) како доказ за тоа што „вирее“ во Македонија.

Повеќе од еден месец лидерската четворка ги ферментираше и прочистуваше своите ставови од горчливите елементи во преговарачките позиции. До 30 јуни, се очекува лидерите да го испијат и победничкото кафе, од плодовите што ги собираа досега.

Треба да се радуваме што процесот на договор за излез од кризата можеби е при крај. Но, повеќе од тоа треба да имаме свест за тежината на сопствениот пораз, бидејќи тој договор сме можеле и сами да го постигнеме многу порано, без губење време, без резил пред светот, без да бидеме преџвакувана мачна тема во дигестивниот тракт на ЕУ и без да се измачкаме колективно во изметот од нашата несварена демократија.