Опсадата на градот

Веста отприлика гласи вака: Блокирана е една од најпрометните сообраќајници во градот, низ која, како што се проценува, поминуваат околу 160.000 автомобили дневно. Според полициските извештаи, блокадата предизвикала енормен метеж и парализа на сообраќајот.

Веста, се разбира, е oд пред околу еден месец и се однесува на блокадата на Лондон, односно на автопатот, поточно обиколницата што поминува преку мостот на Темза, „Кралица Елизабета Втора“. Блокадата ја организирале и ја спровеле активистите на организацијата „Just Stop Oil“ (Само запрете ја нафтата), кои протестираат против експлоатацијата на нафтата во нивната земја.

И сообраќајот во македонскиот главен град е блокиран. Но, од некои сосема други причини.

Приватните превозници во скопскиот јавен сообраќај најавија дека денеска, уште од седум часот утрово ќе ја блокираат раскрсницата кај „Мавровка“, секако една од најфрекфентните сообраќајни артерии во градот, која и во „нормалните“ сообраќајни шпицови знае да го изблокира целиот сообраќај и да им ги изеде нервите на несреќните возачи што во тој момент биле принудени да се однесат од точка А до точка Б во уште понесреќно урбанистички и сообраќајно испланираниот град.

Позицијата на Арсовска се урива токму од ветерот што ја донесе на таа позиција – бесплатен јавен превоз и „најдобра менаџерка на градот“! Токму двете позиции каде што, не само што нема резултати, туку се манифестира прилична неспособност

Причината за блокадата е наводно неисплатениот долг на Град Скопје кон приватните автопревозници (се споменува сума од милион и пол евра), а возачите на приватните автобуси во своите изјави за медиумите, меѓу другото, истакнуваат дека без исплатата на овој долг, тие не можат да ја извршуваат основната дејност, односно не можат да купат – нафта за автобусите!

Во таа смисла, најавен е прекин на сообраќајот и на приградските линии.

Да биде работата уште полоша, некои медиуми најавија дека и Јавното сообраќајно претпријатије ќе го намали бројот на автобусите на своите линии, затоа што наводно – немаат нафта.

Ако на ова се додаде дека приватните превозници немаат одредено траење на својот штрајк, односно на блокадата на градот, туку тврдат дека ќе го блокираат сѐ додека не им се исполнат барањата. Како што сега стојат работите, сообраќајниот хаос може да потрае со денови.

Циниците би рекле дека сега е шансата да се „исчисти“ градот од загадувањето, токму поради драстично намалената потрошувачка на нафта во јавниот сообраќај. Меѓутоа, човек не мора да биде градоначалник на Скопје за да знае дека во услови на нефункционален, па и непостоечки јавен превоз, неминовно е зголемувањето на фреквенцијата на приватните автомобили, што автоматски значи и зголемување на загаденоста на воздухот.

Фразата дека не мора да биде човек градоначалник за да ги знае овие работи, не треба воопшто реторички да се сфати. Имено, според сите параметри на она што би се нарекло „водење на градот“, актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, очигледно не го знае ова. Или барем не знае да се снајде во оваа ситуација.

Она што ја разликува оваа блокада на градот од сличните претходни, не е само во неодредениот термин на траењето на блокадата, туку многу повеќе „аромата на дворските игри“ што се шири од него. Не навлегувајќи во оправданоста на барањата и правото на протест, не може, а да не се констатира дека токму возачите на приватните автобуси, преку нивниот „заштитен лик“, директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, во предизборната кампања беа едни од најгласните поддржувачи за изборот на Данела Арсовска на градоначалничкото место.

Симптоматично е секако и тоа дека овој протест се случува како своевидно продолжение на жестоките кавги меѓу градоначалничката Арсовска и партијата што ја предложи на оваа функција, ВМРО-ДПМНЕ, што на крајот доведе до целосна блокада на работата на Советот на Град Скопје.

Не треба тука да потсетуваме дека овие институционални кавги, кои доведоа до, би рекле, фарсични расправии меѓу градоначалничката и претседателот на Советот на Градот, Трајко Славевски, не се мотивирани од идеолошки, па дури ни од стратешки несогласувања во „менаџирањето“ на градот, туку поради – пари!

Во своите континуирани меѓусебни обвинувања за криминал, на „обичниот“ жител на Скопје не му е најјасно кој навистина ја зборува вистината, а кој ја манипулира јавноста. Она што бездруго му е јасно е дека градот едноставно не функционира и дека и градоначалничката, а и Советот немаат никаква контрола врз процесите во градот. Дури и приватните превозници најавуваат тужба против Арсовска.

Ама не за наводниот долг од милион и пол евра, туку за – клевета!

Во исто време, владејачкиот СДСМ, заедно со своите партнери, која е опозиција во Градот, се однесува – сеирџиски! Како да не знае да ја искористи ситуацијата или како да очекува нивните „архинепријатели“ самите да се изедат и да ја завршат „валканата“ работа во нивно име. Новиот министер за локална самоуправа, некогашниот скопски градоначалник Ристо Пенов дури најавува дека државата финансиски ќе ѝ помогне на градоначалничката да го „извлече“ Скопје од очигледната катастрофа.

Она што, сепак, е прилично јасно е дека кусата политичка кариера на Данела Арсовска е – завршена! Тоа, се разбира, не ги теши скопјани, кои и натаму ќе се задушуваат во загадениот воздух и во сообраќајниот метеж.

Да биде иронијата поголема, позицијата на Арсовска се урива токму од ветерот што ја донесе на таа позиција – бесплатен јавен превоз и „најдобра менаџерка на градот“! Токму двете позиции каде што, не само што нема резултати, туку се манифестира прилична неспособност. Меѓу другото, какво било менаџирање подразбира и меѓучовечки односи, а Данела успеа да се испокара со повеќето нејзини поддржувачи.

Лично не можам прецизно да го лоцирам моментот кога ВМРО-ДПМНЕ премина од целосно некритично воодушевување од сопствената кандидатка за градоначалничка до уште поеуфоричното критикување на нејзината (не)работа. Постојат проценки дека станува збор за „откажување на беспоговорната послушност“ на градоначалничката кон партиските одлуки, иако не е јасно кои тоа стратешки одлуки ВМРО-ДПМНЕ воопшто ги има за главниот град на земјата.

Впечатокот е дека љубовта заврши со тендерот за пречистителната станица за ЈП „Водовод и канализација“, односно кој да ги стави „рачињата во мед“, што би рекла градоначалничката.

Она што, сепак, е прилично јасно е дека кусата политичка кариера на Данела Арсовска е – завршена! Тоа, се разбира, не ги теши скопјани, кои и натаму ќе се задушуваат во загадениот воздух и во сообраќајниот метеж.

Сепак, да ја завршиме веста за блокадата на сообраќајот на Лондон. Еден од учесниците во блокадата објасни дека таа има поголем ефект на обиколницата околу градот, отколку во самиот град. Знаете зошто? Затоа што луѓето во градот користат – јавен превоз. Ефикасен и исплатлив јавен превоз!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија