Осми март, зошто и за кого?

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Една пријателка што живее во Лондон ми вели дека во пописниот образец за македонски државјани што престојуваат во странство има графа што е преведена како „Head of Hausehold“ (Глава на домаќинството)! Ова поставување на еден од партнерите (сопружниците) во надредена, односно подредена состојба на почетокот од третата деценија на 21 век некако ми се стори како соодветно одбележување на денешниот празник, Меѓународниот ден на жената.

Не се сомневам дека, и покрај пандемијата, и денес цвеќарниците и парфимериите ќе бидат опседнати со купувачи што ќе сакаат на своите мајки, сопруги, пријателки, наставнички, роднини… да им обезбедат мирислив подарок во форма на букет цвеќе, парфем или некаков дезодоранс. Не се сомневам дека на улиците ќе се залелеат штотуку распакуваните пролетни фустани и здолништа и тазе средените фризури. Учениците ќе пишуваат писмени состави за својата мајка. Работодавачите и синдикатите во поголемите фирми ќе им подарат на своите работнички по еден каранфил. По некој директор можеби ќе каже и некој пригоден збор, нешто во смисла дека без женската работна сила немало да ги постигнат резултатите што ги постигнале.

Не се сомневам, значи, дека уште еднаш ќе го банализираме одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, денот кога во сега веќе далечната 1857 година, група храбри жени, текстилни работнички, излегоа на улиците на Њујорк да си ги бараат своите права. Беа растурени од полицијата, но две години подоцна го формираа својот синдикат. И борбата за женските работни и други права не можеше повеќе да запре.

Не се сомневам дека и денес ќе прославиме еден убав мирисен празник. Меѓутоа, сите мириси што ги испуштаат розите, каранфилите, хризантемите, парфемите, дезодорансите… не можат да ја покријат смрдеата во која живееме

На 8 март 1909 година, во истиот тој Њујорк излегоа на протести 15.000 жени, барајќи подобрување на работничките права, но и право на глас. Следната година, на првата Меѓународна женска конференција, по предлог на новинарката Клара Цеткин, Осми март е прогласен за Меѓународен ден на жената. Во 1911 на овој ден, во Австрија, Швајцарија, Германија и во Данска излегуваат повеќе од милион луѓе. Во 1913 година, жените протестираат за мир итн.

Само за споредба, токму ден пред одбележувањето на празникот, во Швајцарија на референдум е поддржан законот со кој на жените им се забранува да носат шамии, бурки и никаб! Законот, се разбира е предложен од десното крило на и онака конзервативната Швајцарска народна партија. Не помогна ниту апелот на сојузната швајцарска влада да се гласа против овој закон. Во Полска е во сила законот за забрана на абортус, дури и во случаи кога станува збор за здравје и можни тешки последици за жената и за плодот.

Што се однесува до Македонија, тука работите не мораат премногу да се објаснуваат. На крилјата на победата над фашизмот, жените во Македонија, како и во цела Југославија, добиваат право на глас во 1945 година. За волја на вистината, тешко е да се говори за право на избор во услови на еднопартиски систем, ама, пак, некаков степен на рамноправност е постигнат.

Во овој контекст треба да се спомене и Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ), сега веќе подзаборавена организација, која направи енормни чекори во еманципирањето на жените, првенствено во јавниот и политичкиот живот. Југословенскиот АФЖ е формиран на 6 декември 1942 година во Босански Петровац, а македонскиот на 15 декември 1944 година во Скопје.

Оваа, од денешен аспект, по многу нешта вистинска феминистичка организација е укината 1953 година, без некои особени или јавно наведени причини. Според некои извори, се сметало дека „еманципацијата на жените оди премногу брзо“ и дека тоа ќе предизвика „политички проблеми“, па организацијата, која е една од основачите на Меѓународната демократска федерација на жените, едноставно е затворена, а подоцна претопена во Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, каде што практично го губи сопствениот идентитет.

Ниту еден парфем нема да го крене општествениот статус на жената. Тоа можат да го направат само храбрите жени и мажи што ќе ја кренат општествената свест за личните, работните и сите други права на индивидуата

Како стојат денес работите? Според Државниот завод за статистика, во најмала рака – загрижувачки. Според проценките на институцијата која ставила на пописниот образец ставка за „главата на домаќинството“, иако родовата поделба е речиси „рамноправна“, што ќе рече дека 50 проценти се мажи, а другата половина жени, сепак односот на вработени е сосема поинаков.

Имено, стапката на вработеност кај жените е 38,1 процент, додека кај мажите овој процент е 56,6. Заводот за статистика наведува дека во 2019 година, 8.316 жени биле работодавачи (26,7 проценти од вкупниот број работодавачи), наспроти 22.812 мажи-работодавачи, односно 73,3 проценти.

Уште полошо стојат работите меѓу таканареченото рурално население, каде што се забележени 86.647 вработени жени (од кои 1.567 работодавачи) наспроти 153.352 мажи (од кои 7.718 работодавачи). Наспроти „традиционалните“ женски сектори, како што е текстилната индустрија или образованието, во јавната управа, на пример, има вработено 13.281 жена и трипати повеќе мажи, односно 39.619. Треба ли да одиме натаму? Еве, уште овој податок: плата над 40.000 денари во 2019 година имале 2.676 жени и 11.403 мажи.

Да, не се сомневам дека и денес ќе прославиме еден убав мирисен празник. Меѓутоа, сите мириси што ги испуштаат розите, каранфилите, хризантемите, парфемите, дезодорансите… не можат да ја покријат смрдеата во која живееме.

Никаков каранфил нема да ја зголеми женската или меѓуродовата солидарност. Ниту еден парфем нема да го крене општествениот статус на жената. Тоа можат да го направат само храбрите жени и мажи што ќе ја кренат општествената свест за личните, работните и сите други права на индивидуата.

Затоа, среќен Осми март за сите што го слават. И во нивна слава!