Има нешто крајно контрадикторно и апсурдно, ај да не речам и болно, во сите тие Калимеро-приказни од типот – нѐ негирате, нѐ мразите, нѐ оспорувате, нѐ газите итн, а ние сепак успеавме да станеме центар на светот. Како тоа Европа, курвата Вавилонска, да се изразам патриотски коректно, и нѐ мрази и не нѐ сака, а истовремено истите тие македономрсци ни довериле организација на еден од најзначајните нивни настани годинава.
Чиниш, македонската фаланга со копја упаднала во седиштето на УЕФА во Нион и го зела насила Суперкупот од тие што нѐ мразат и оспоруваат. Или вистина веруваме дека ептен нѐ мразат, ама кога ја виделе македонската убавица и гордост, арената Филип втори, паднале на газ и извикале: О, вие клети Македонци, ве мразиме, но стадионов ви е толку вонсериски убав што едноставно не можеме да му одолееме, држте организацијата!
Не можеме ли барем во таа една ноќ, кога бевме во центарот на нормалниот свет, наместо да се бориме со нашите фрустрации од негаторите, да си речеме нешто сосема друго: Еј, а бе, убаво било да си дел од Европа и од модерниот свет, дај да пробаме да влеземе овде за стално, а не за една ноќ
Стадионот, натпреварот, организацијата, спектаклот синоќа изгледаа светски. Треба да сме среќни поради тоа. Дозволено е и да сме горди, ова не се прилики што мали земји како Македонија ги добиваат често. Но, не можеме ли барем во таа една ноќ, кога бевме во центарот на нормалниот свет, наместо да се бориме со нашите фрустрации од негаторите, да си речеме нешто сосема друго: Еј, а бе, убаво било да си дел од Европа и од модерниот свет, дај да пробаме да влеземе овде за стално, а не за една ноќ.
Спортската редакција на МТВ има насобрано новинарски талент на метар квадратен како ретко која друга редакција во таа куќа. Затоа, ми беше жал кога еден ваков настан, наместо да ги издигне над фрустрациите што за жал сите си ги носиме, коментаторите ги вовлече во традиционалната геополитичка патетика. Зарем немаше да биде поубаво, првата реченица да е во преносот: Македонија вечерва е таму каде што припаѓа, во Европа, денеска сме домаќини на Европа и на светот, да си посакаме никогаш веќе да не бидеме гости таму.
Но, нејсе… Човекот е политичко битие. А спортските новинари се само луѓе. Секој си има своја поетика, само ми е криво кога некој раскошен новинарски талент, ќе одбере патетика за своја поетика.
Македонија, веројатно како и секоја друга држава во светот, има проблеми и нерешени прашања со други земји. Тоа фрустрира и нервира. Но, фудбалските спектакли служат за уживање, а не за лечење на фрустрациите од тие конфликти.
Но, ние си имаме и внатрешни фрустрации, не само надворешни. Ние си имавме вчера и друга битка освен со светските неправди. Имено, кој го изгради стадионот. Вчера, освен Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, на тревата истрчаа и Сојузот на комунисти на Македонија предводена од покојниот Лазар Колишевски, како член на Претседателството на СФРЈ во чие време е изградена Јужната трибина, од едната страна, и Никола Груевски, како премиер на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и партнерите, во чие време е изградена Северната трибина, од друга страна.
Кој е позаслужен од Колишевски и Груевски за Суперкупот? Кој потроши повеќе лични пари и визија? За разлика од битката меѓу Реал и Манчестер, која заврши за 90 минути, оваа, за нас многу посуштествена битка ќе трае се чини 90 години.
Во нормални земји, се подразбира дека граѓаните двојат од своите пари, од својот леб, за да плаќаат различни функционери, кои потоа, повторно со парите на граѓаните, треба да изградат објекти кои потоа ќе им служат на граѓаните.
Годинава имаше финални натпревари и во Лигата на шампионите во Кардиф и во Лигата на Европа во Стокхолм. Нека ми најде прати некој линк ќе ве молам за дебата во Велс или Шведска за време на чие владеење е изграден стадионот, кој менувал столчиња, кој реновирал вециња, кој ставил кров над трибината и од која партија бил мајсторот што ги смени бушоните за да работи семафорот.
А дека градбите не може да оправдаат нечие владеење најдобар показател е Олимпискиот стадион во Берлин. Изграден е од Адолф Хитлер. Се разбира според македонската матрица на размислување. Инаку, да, изграден е за време на владеењето на Хитлер, со парите на германските даночни обврзници, според матрицата на размислување на остатокот од светот. Супер си е стадионот. Но, тоа не може за жал да се каже и за владеењето на Хитлер. Замислете денес за време на секој голем настан на овој стадион, да има твитови од неонацисти: да не бевме ние, немаше да се игра финалето на Купот на Германија. А можеби и има вакви твитови, ама никој не ги рецка.
Знае Грујо, дали ќе прими гол со пета не се важни ни Марко Асенсио од Реал Мадрид ни Маркос Рохо од Манчестер јунајтед, а единствениот Марко што може да го спаси подолго време е длабоко во офсајд
Денеска е 9 август. Оние кои се занимаваат со архитектура и со градби, ќе ви кажат дека на денешен ден пред точно 844 години, или во далечната 1.173 година е почната изградбата на камбанаријата во Пиза, денес позната како Кривата кула во Пиза.
Изградбата траела цели два века, или попрецизно 199 години, па тешко е да се одреди која власт е најзаслужна. Тоа што е важно за оваа кула, освен нејзиниот придонес за експериментите на Галилео Галилеј, е дека е среќен пример за инженерска грешка, која не завршила кобно.
Имено, направени се повеќе градителски пропусти, и во невоедначени темели и во проценката на мекоста на подлогата, па кулата е закривена под агол од 5,5 степени и вистинско чудо е што не се урнала. По многу реставрации и потрошени милиони евра, во мај 2008, по ископувањето на уште 70 тони земја, инженерите прогласиле дека накривувањето на Кулата е запрено за прв пат во нејзината историја, и дека ќе биде стабилна во следните 200 години.
Поентата ми е дека кога архитектот Диотисалви, за кого се верува дека е вистинскиот автор на кривата кула во Пиза, денеска би бил жив и би се прошетал меѓу многуте туристи на тревникот на Пјаца деи Мираколи во ова тосканско градче, сигурен сум дека не би се фалел на Фејсбук оти тој е заслужен за секое туристичко евро. Повеќе верувам дека би гледал со гнев и тага кон закривената кула и би чувствувал грижа на совест за своите градителски промашувања. Но, добро, Диотисалви нема локални избори за два месеца.
Како и да е, Суперкупот помина, фудбалските фанови си заминаа. Некој со насмевка, друг со тага, зависно од резултатот на нивниот клуб.
Груевски веројатно и денеска ќе шета на плоштадот и ќе се воодушевува на „своите“ градби, додека неговите верни поданици и оние помалку верните ама со потпишана меница, и денеска ќе истрчаат илјадници километри до собраниската говорница и назад, за да го спречат падот на Марко Зврлевски.
Знае Грујо, дали ќе прими гол со пета не се важни ни Марко Асенсио од Реал Мадрид ни Маркос Рохо од Манчестер јунајтед, а единствениот Марко што може да го спаси подолго време е длабоко во офсајд.