Претпоставувам дека само некој вонземјанин, дојденец од планетата Нуркон, кого погрешната навигација и расипаниот вселенски брод го натерале да се приземји во Овчеполието, би бил изненаден од одлуката на Уставниот суд за прифаќање на иницијативата со која практично се затвораат сите случаи на СЈО, а целокупната корумпирана политичка елита останува она што беше – слободна и амнестирана оттука до вечноста.
Сите што се барем малку запознаени со приликите во земјата (а тука ја вклучувам и таканаречената меѓународна заедница), знаат дека Уставниот суд, всушност, си ја врши својата работа како толку пати до сега – ја штити законитоста и уставноста на земјата! А единствената законитост тука е токму тоа – заштита на криминалната држава!
Јас ги разбирам (или се обидувам да ги разберам) толкувањата на уважените правни експерти, кои накусо велат дека целата иницијатива всушност е длабоко врзана со човековите права. Имено, не можете некого да помилувате, а потоа да кажете „пу, пу, не важи!“. Демек, така си играте со човечките судбини.
Но, сепак, со една фуснота: нечии човечки судбини се поважни од други човечки судбини. Или, со други зборови, судбините на оние 56 пишман помилувани господа, главно од политичкиот врв на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ изгледа се повредни од судбините на два милиони луѓе (или колку веќе живеат на овие простори). Криминалите за кои се товарат овие поединци и тоа како се од интерес на сите жители на земјата. За нас се работи, за нашите пари, а во крајна инстанца и за нашите животи.
Се разбира, за ова нема да расправа Уставниот суд. Тој ќе биде ненадлежен за поигрувањето со нашите животи на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, кој предизвика вистински народен бунт со својата авторитарна, автократска и пред сѐ неодговорна и глупава одлука да ги помилува политичарите, од кои голем дел уште не беа ни обвинети, или барем не беа јавно соопштени обвиненијата.
Сите што се барем малку запознаени со приликите во земјата (а тука ја вклучувам и таканаречената меѓународна заедница), знаат дека Уставниот суд, всушност, си ја врши својата работа како толку пати до сега – ја штити законитоста и уставноста на земјата! А единствената законитост тука е токму тоа – заштита на криминалната држава
Уставот, очигледно, не е создаден за наша заштита, туку за заштита на и онака недопирливите моќници. Или, да бидам попрецизен, Уставниот суд не е создаден да го штити Уставот и уставниот поредок, туку да ја штити олигархијата. И не знам што не е јасно тука.
Иронијата е во тоа што Иванов го направи овој потег во името на некакво помирување, кое потоа стана пракса. Додуша не претседателска, туку политичка, што е уште полошо. Ироничното, имено, е во тоа што таа политичка одлука на Иванов (кој, патем речено, сѐ уште ужива привилегии какви што обичните смртници не можат ни да сонуваат) беше осудена од сите политички фактори (дури и помилуваните бараа да им се поништи помилувањето), иако веќе следната, односно актуелната влада го примени методот на амнестија, исто така под фирмата „помирување“, а оправдана со интересите на државата.
Сепак, мислам дека вистинската поента на оваа одлука на Уставниот суд ја погоди опозициската ВМРО-ДПМНЕ. И тоа од два аспекти. Првиот е точноста на тврдењето дека станува збор за политичка одлука во интерес на заштитата на политичките елити, а вториот е дека нивното соопштение прецизно го отсликува мајтапењето што политичките партии го прават со своите гласачи. Имено, ВМРО-ДПМНЕ вели дека всушност станува збор за спасување на Зоран Заев, така што ќе се спасат челниците на ВМРО-ДПМНЕ, а оној „одлив на мозоци“ во Будимпешта ќе се врати во земјата како слободен човек.
Своевремено, со такво автентично толкување станавме единствената земја која амнестираше воени злосторства, односно злосторства против човештвото. Всушност, уште тогаш покажавме дека функционираме токму така, надвор од човештвото
Затоа како мајтап изгледа и повикот на премиерот Заев, Антикорупциската комисија да ги „претресе“ судиите. Тоа ме потсеќа на онаа приказна за овчарот што ги стрижел овците. Кога се уморил, си рекол: „Добро е, денес истрижав осум овци, ноќеска ќе ги истрижам другите 200.“ Демек, овие две-три години немаше време да се претресе корумпираноста во судството, па сега во овие неколку предизборни месеци ќе ги средиме работите.
Слично ми изгледа и иницијативата до Собранието од страна на СДСМ за автентично толкување на законот, со што би требало да се превенира штетата од очекуваната одлука на Уставниот суд. Своевремено со такво автентично толкување станавме единствената земја која амнестираше воени злосторства, односно злосторства против човештвото. Всушност, уште тогаш покажавме дека функционираме токму така, надвор од човештвото.
Еве, да кажеме дека Собранието ќе донесе автентично толкување, односно ќе го спречи спасувањето на организираниот криминал (во што и не сум баш убеден), тоа ќе биде знак дека немаме никаква потреба од каков било судски систем. Собранието е доволно – и да носи закони, и да ги спроведува, а богами и да решава судски спорови.
Всушност, немаме потреба од ништо. Ниту од Антикорупциската комисија, на пример, која ќе нема кого да „чешла“, бидејќи тука е Собранието, кое ќе решава кој е корумпиран, а кој не.
Интересен е овој тајминг за вакви политички одлуки. Лично мислам дека ваквата одлука на Уставниот суд е лизгачки старт и против власта, а богами и против опозицијата. Со неа се актуализираат криминалите на претходната власт, а тоа никако не може да ѝ биде од полза на ВМРО-ДПМНЕ, која, иако до некаде ги прочисти своите редови, никогаш не се огради од сопствените криминални политики, ниту вербално, ниту во пракса.
Од друга страна, ваквата одлука ја покажува целата неспремност на сегашната политичка гарнитура да ја контролира ситуацијата и да воспостави некаков (каков-таков) ред во државата. Секако, ова е и клучниот период за нашето приближување до Европската Унија. Односно на нашето оддалечување од европските вредности.
Во таа смисла се заложувам за правда. Правда за Уставниот суд. Тој не прави ништо друго, освен што го чува постоечкиот криминален систем. Затоа, кога ќе размислам подобро, можеби би било најдобро да го дофатиме оној вонземјанин од почетокот на текстот и да си обезбедиме колективна виза за планетата Нуркон. Зашто вакви какви што сме, ни за иселување не сме.