Гледате ли претседателе и врховен командант на АРМ, колку е тенка таа граница, која од врвен патриот експресно ве претвори во слабак? Се надевам дека сега ви е појасно оти во оваа земја искреноста и аргументите се единствена причина и повод за брзо да ве сместат во вагоните претоварени со „предавнички џган“.
Вчера уште еднаш јасно се покажа која е границата што ги дели сертифицираните македонски патриоти од слабаците, непријателите и предавниците. Во македонската верзија на демократијата, таа граница е многу тенка и чувствителна, а по структура многу слична на мембраната во евстахиевата туба. Макар и само една реченица аргументирана критика веднаш се доживува како непријатен звук за слушниот апарат на владетелот, кој е наштелуван да прима исклучиво пријатни тонови. Ако неговата ушна мембрана макар и малку се затресе од критика, на производителот на непријатниот звук веднаш му се издава дијагноза лично од Него, како единствен и овластен претставник на македонското Министерство на вистината. Потоа куририте на владетелот вредно и посветено ја шират таа вистина меѓу народот.
Таа државно нострифицирана вистина од вчера гласи: претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, е слабак. Според Министерството на вистината, тој „по секоја цена барал причина да влезе во конфликт со Владата, и со цел да ги елиминира критиките од СДСМ дека не е самостоен, со говорот на Денот на АРМ покажал момент на лична слабост“. Ова го рекле неименувани „експерти“.
Значи, доволни беа само неколку реченици аргументирана критика за буџетот, за стандардот и за пречестото ангажирање на АРМ во санирање на последици од елементарни непогоди, за таткото на нацијата да ги изгуби сите титули и ленти со кои досега го обвиткуваа повеќе од која било регионална или државна мисица.
Гледате ли претседателе и врховен командант на АРМ, колку е тенка таа граница, која од врвен патриот и државник, експресно ве претвори во слабак. Се надевам дека сега ви е појасно оти во оваа земја искреноста и аргументите се единствена причина и повод за брзо ве сместат во вагоните претоварени со „предавнички џган“.
Не знам дали да ви речам „добре дојдовте во клубот“ или да се воздржам, бидејќи не сум сигурна дали вашата аргументирана оценка за состојбите во АРМ (доживеана како остра антивладина критика) е со стабилен став и рок на траење или брзо ќе ја релативизирате правдајќи се пред партијата што ве номинираше за функцијата, дека погрешно сте биле разбран.
Како што пренесуваат куририте, изгледа токму ова последново се очекува од вас. „Иванов сака да се прикаже во друго поинакво светло на крајот од неговото претседателствување, а веројатно не би ја криел ниту среќата ако Владата јавно се скара со него. Така размислува тој, а дали е тоа паметно и дали е коректно кон ВМРО-ДПМНЕ после се она што го направија за него, е сосема друга тема“.
И ова, претседателе, го рекле „експертите“. А штом тие рекле така, секој на ваше место длабоко би се замислил. Со други зборови, од белата палата ви порачуваат дека од вас и натаму се очекува да бидете слабак, но „на вистинската страна“. Да покажете почит кон „тие што направиле се за вас“.
Ви велат дека ним не им пречи да имаат работа со слабак, ако тој слабак им е лојален. Им пречи ако е нелојален. Претпоставувам дека вие добро разбирате за што зборуваат. Од вас се бара воопшто да не заборавате кој ве седнал во фотелјата и кој ве здомил во резиденција на Водно, а целосно да заборавите дека луѓето на кои сте им Врховен командант, а кои предолг период се претворени во работници по потреба за се и сешто, најчесто надвор од нивниот делокруг на задачи.
А, како што точно дијагностициравте во вашиот говор, нивниот ангажман во справувањето со последици од разни елементарни и други непогоди „од исклучок стана правило“. Додека тие за 15 до 16 илјади месечна плата се справуваат со мигранти, поплави, пожари и последици од разни други несреќи, дембели од разни цук-ови и други надлежни за кризни ситуации не виделе ни кал, ни вода, ни суша. Се мотаат по канцеларии, прават стратегии на хартија, ги шетаат високите потпетици и сувите чевли, додека војската со скинати чизми се дави до гуша во секоја непогода што ќе не зафати – од природна до човечка.
Значи, доволни беа само неколку реченици аргументирана критика за буџетот, за стандардот и за пречестото ангажирање на АРМ во санирање на последици од елементарни непогоди, за таткото на нацијата да ги изгуби сите титули и ленти со кои досега го обвиткуваа повеќе од која било регионална или државна мисица
Кога критичката јавност и во првиот и во почетокот на вториот мандат ве предупредуваше дека не смеете да бидете заложник на партијата што ве номинирала, мислеше токму на ова. Дека и вие мора навреме да го исчистите затрупаниот канал што може да ви ја поплави претседателската функција од постојано растечките партиски води кои нерегулирано се слеваат во вашиот двор, оставајќи токсичен смет од нарачки за аболиции и други партиски потреби.
Првиот ден кога со реална причина и повод го чепнавте тој канал, експресно ви испратија порака: дека нема да се откажат од намерата да ве третираат исто како што и вашите неопремени војници ја третираат својата единствена војничка униформа – кога ќе ја соблечат јакната таа станува летна, а кога ќе ја облечат – се претвора во зимска. Така, се книжи дека имаат две униформи, а реално со години носат една иста.
Таа аналогија важи и за вас: кога ќе решите отворено да проговорите за состојбите во АРМ – станувате слабак и човек кој сака да влезе во конфликт со Владата. Со други зборови – непријател. Сепак, вие бевте поштедени од таа директна квалификација бидејќи ви беше првпат, а јасно ви порачаа дека не смее да ви се случи втор пат. Ако се покаете за кажаното и продолжите конструктивно да молчите, ќе бидете на вистинскиот пат да си ги вратите сите „чварки“ од вашите претседателски еполети, кои вчера по кратка постапка ви беа одземени.
Експертите од белата палата, вие најдобро знаете за кои станува збор (овековечени се во првиот ред од делата во масло на платно), оцениле дека „вашата стратегија е пресметлива, бидејќи во првиот мандат на памет не ви паѓало вака да се однесувате со Владата, без чија поддршка ќе било невозможно да победите на изборите“.
Така тие експерти ја оцениле и измериле вашата специфична политичка тежнина: ќе била нула, без додадената вредност што тие ви ја дале. Со тоа најдиректно ја потврдија вистинитоста на повеќегодишните критики дека партијата ве држи како нивен заложник и извршител.
Сум напишала многу критики за вашите претседателски, поточно партиски потези. И стојам зад секој збор. Овој пат, без оглед што тоа е и ваша надлежност и ваша обврска, сепак, за пофалба е доблеста да се осврнете на реалните проблеми со кои се соочува АРМ, бидејќи прашањата за колективната безбедност и условите што влијаат врз неа, не смеат да бидат третирани во зависност од тоа дали ќе повредат нечија суета. Се разбира, очекувавме тоа да го кажете експлицитно и во претходните години, бидејќи проблемите не се од вчера.
Но, имајќи го предвид евидентното заложништво во кое ја извршувате функцијата, што ни најмалку не ја исклучува или намалува вашата лична одговорност за таквиот изграден однос, сепак, сметам дека е помало зло нештата да се кажат некогаш, макар и задоцнето, отколку да не се кажат никогаш.
Доколку Врховниот командант на АРМ молчи за важни прашања поврзани со несоодветните услови во АРМ, тоа би го намалило моралот на војниците и нивните очекувања за подобри услови, а во краен резултат би ги зголемило ризиците за безбедноста. Притоа, беспоговорната подготвеност на војниците за секаква помош, потенцијално би ги стационирала нив на еден сеопшт бришан простор, до степен таа нивна подготвеност да биде целосно злоупотребена. Имено, ги става во ситуација да може да бидат „рентирани“ од кој било локален партиски шериф за разни тривијални активности – од чистење улици, преку носење торби на првата дама, па се до косење на дворот на првата баба.
Се разбира, овде не мислам на вашето семејно опкружување, бидејќи некои други одамна си го легализираа епитетот „први“, главни, незаменливи, безалтернативни… Вие во вториот мандат допрва ќе мора да покажете дали сакате да ја вратите суштината на тој епитет во ваше владение, или повторно ќе наведнете глава за да не биде пресечена од некоја експертска сабја. И за разлика од претходните, се надевам дека оваа одлука ќе биде само ваша.