Сеење и жнеење

Се сеќавате ли на вицот – патувал социјалистички лидер во забревтан воз („забревтан“ соодветно на брзините во тоа време), но по извесно време, возот застанал, а тој побарал објаснување.

– Што се случува?
– Нема веќе пруга, овде завршува…
– Тогаш нишајте го возот за да изгледа како да се возиме.

Тие времиња останаа зад нас, ама не и чувството дека се движиме во воз што се ниша во место. Вицот стана наша реалност.

А пред 33 години сѐ почна поинаку – со многу енергија и верба дека свои на своето, на тие 25.713 квадаратни километри ќе ја изградиме нашата, како што велеше претседателот Киро Глигоров, оаза на мирот. А со тоа и оаза на стабилноста, развојот, економскиот просперитет, висок стандард на граѓаните, квалитетно здравство и образование, и раскошна лепеза од можности.

Чија е вината што сме далеку од тоа? На сите нас. Знам, ќе речете – највиновни се политичарите што ги креираат политиките и носат најголема одговорност да ги спроведат ветувањата што ги дале. Но, сите тие политичари – сме ги избирале и ги избираме ние граѓаните. Тие се наша слика и прилика, тие се нашиот одраз во државното огледало.

Нема нешто што не сме виделе на патот до оваа годишнина од независноста – и подеми и падови, и конфликти и помирувања, и солзи и надеж, и чемер и страв, и разни политичари – способни и неспособни, со интегритет и без, превртливи, манипулативни, сите желни да се закитат со епитетот врвни стратези и визонери. А во исто време, дострелот на државата остана прилично скромен.

Судбината како виновник

Како што поминува времето, граѓанските очекувања за границите на можните достигнувања стануваат сѐ помали. Како да се истрениравме да немаме никакви очекувања. Ако нешто позитивно нѐ изненади, се радуваме како мали деца. Кога нема да нѐ огрее сонце, ламентираме дека таква ни била судбината.

За никого не постои однапред предодредна судбина. „Судбината“ си ја кроиме сами. Не е точно дека тоа не го знаеме. Во спротивно, би ги немало оние бројни восклици „конечно да си ја земеме судбината во свои раце“, кои доминираа во разни пресвртни моменти за државата, вклучително и на Осми септември 1991 година.

Треба да бидеме искрени и да си признаеме дека како граѓани сме западнати во малодушност, рамнодушност, разочарувања, дека енергијата ни е „на резерва“, дека сè се остава на високата политика, небаре ама баш ништо не зависи од граѓаните.

А зависи многу. Од најелементарно ниво – каде и како се фрла сметот, каква е грижата за чистотата пред својот праг и улица, кон јавното добро, кон урбаната опрема и околината, до свеста дека граѓаните се суверенот, кој во секој момент може да ги опомене оние што ги избрал ако почнат да аздисуваат. Ако пораките од базата се јасни и енергични, тие најбргу може да го предизвикаат врвот на пирамидата да се преиспита. Кој не се обидел, не знае.

Значи, ако граѓаните не сакаат да дозволат политиката да се претвори во партија шах, во која ќе ги матира коњ, имаат обврска за будност и очи ширум отворени секој ден. Зашто ако се испуштат конците, отпосле не вршат работа ламентирања од типот – на вакви политичари, единствената светла точка во мандатот им е светилката во кабинетот.

А репертоарот на хорските критики е голем. Главниот рефрен е дека од државните вимиња со години цицаат едни исти имиња. Дека политичарите ни го креваат само притисокот, но не и животниот стандард. Дека овде на чесен начин може да се заработи единствено чир. Индивидуално, почесто се молчи, од страв дека на своја кожа ќе ја потврдат изреката дека петлите што најгласно пеат, први завршуваат во котел.

Рутинирано критизерство

Така, наместо камче по камче да го градиме мозаикот на едно одговорно општество, со самосвесни граѓани, чии контролни рефлектори ќе бидат дополнителен компас и за институциите задолжени за контрола на чергата, постапките, законитоста и транспарентноста, кај нас замислата за зрела и демократска дебата по дифолт се заменува со општо хорско критизерство буквално на сѐ и сешто, што ја намалува нејзината острица и вредност.

Така се замаглуваат и обесмислуваат клучните теми и дилеми за кои треба да се разговара во општеството со ладна глава и цврсти аргументи. Не може да очекуваме „ордени“ (напредок) без битки. Не може да ја цртаме траекторијата по која сакаме да се движи државата, градејќи атмосфера – баш ми е гајле, нека му ја мислат тие што се платени за тоа. И да се забавуваме со констатацијата дека демократија е кога граѓанинот слободно може да избира кој ќе го нервира.

Новата влада, од своја страна, има неповторлива можност да стави крај на трендот на постојани „историски“ пресврти по кои земјата повторно се врти во круг. Има можност да промовира нови модели на однесување, да направи дисконтинуитет со лошите практики и континуитет со добрите, дури и кога е тешко тие да се избројат на прстите од едната рака.

Има можност да ја стопира праксата во која секоја пропуштена можност води кон неприлика. Да докаже дека Денот на независноста и сите светли датуми од македонската историја обврзуваат на континуирана сеидба: одговорно да го жнееме тоа што го сееле нашите предци и квалитетно да сееме за да има што да ожнеат и нашите потомци.

Честит Осми септември!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија