Сер Илин Пејн од Македонија

Колумна на Сашо Кокаланов

Животот е таков, неправеден – денеска Петар Аневски е претседател на Советот на јавни обвинители, утре веќе не е. Ние што бевме навлечени на ликот и делото на Аневски, сега ќе треба да се префрлиме на „Гејм оф троунс“ и кралскиот џелат Сер Илин Пејн. Иако, не е сосема исто, разликите се забележливи само за оние вистинските обожаватели на Аневски и Пејн.

За својата оставка, Аневски даде само кратко објаснување. Имал семејни причини.
Јавното обвинителство е важна алка во речиси озлогласеното македонско правосудство, спомнато во извештаите на Прибе повеќе пати отколку што Македонија е спомната во Библијата, а сите знаеме дека Македонија е доста спомнувана во Библијата, дури 33 пати.

Последниве десет години ова правосудство не само што суди криво и што е партизирано до коска, туку се унапреди дополнително, па функционираше како продолжена рака на и онака долгата рака на ВМРО.

Но, што имаат заедничко Библијата, христијанството и нашето правосудство (освен Македонија, се разбира)? Инквизицијата.

Едната го штитеше христијанството во светот, другава демохристијанството во Македонија. Под претпоставка, се разбира, ако под демохристијанство подразбираме крадење, лапање провизии, луксузирање, нарачување „шамари“ и масирање на задникот со масажери на седиштата. Едната ја сочинуваа демони скриени под мантии, другава – демони скриени под тоги.

Јавното обвинителство е важна алка во речиси озлогласеното македонско правосудство, спомнато во извештаите на Прибе повеќе пати отколку што Македонија е спомната во Библијата, а сите знаеме дека Македонија е доста спомнувана во Библијата, дури 33 пати

На денешен ден, 29 август 1289 година, основана е историската Инквизиција, суд (и обвинителство) на католичката црква за заштита на верата. Запали на клада едночудо вештерки и лиши од живот едночудо научници и прогресивни умови, но не успеа да го заштити христијанството од тоа, на пример, денес да го проповедаат разни педофили, лукративни капетани на глисери и други мали луциферчиња во човечко крзно.

Отприлика, со сличен успех и Аневски го заврши својот мандат како врховен заштитник на инквизицијата на Марко Зврлевски. Речиси до смрт се бореше за да опстане прогонот на вештерки и лишување од слобода на неистомисленици на режимот.

Многу семејства се распаѓаа благодарение на мелењето на нашите животи од македонската инквизиција, чијшто важен запчаник беше токму Аневски. Има семејства чии деца се отселија за да живеат во нормална, правна држава; има семејства чии членови гнијат во зандани поради неподобност; конечно, и најболно, има и семејства кои платија данок во крв. Така што, да, Аневски си даде оставка од семејни причини. Од повеќесемејни. Да имаше доблест, и барем малку грижа и за другите семејства, освен за своето, ќе ја дадеше оставката уште многу порано. Од семејни причини, се разбира.

Не сум верник, но ми се допаѓаат некои доблести кои христијанската догма, како и многу други религиозни догми кои си ги припишуваат како своја етика, а се всушност дел од суштината на секое свесно и совесно човечко битие. Простувањето и помирувањето се секако меѓу овие доблести. Сепак, мислам дека на Аневски не треба да му биде простено. Затоа што раката на правдата треба барем за нокот да биде подолга од раката на ВМРО, како и на партиите кои ќе сакаат да станат тоа (ВМРО) во иднина, вклучително и на СДСМ, со која веќе имаме лошо историско искуство на пуштање пипци во правосудството во некои не толку далечни времиња.

Владата покажува знаци дека полека ја пребродува фазата на бесконечно дијагностицирање, без лекување. Во првите три месеци добивме впечаток дека Владата е само служба која ќе ни сервира бизони и коњи на трпезата, без желба да ја нахрани насушната потреба за правда и за нормалност кај луѓето.

Искрено, на котлети од срна и бифтек од бизон малку ми замириса и веста во која генералниот секретар на Владата, Рашковски, фатил 600 вработени во неговиот Секретаријат кои земале плата, а не оделе на работа. Сепак, овојпат конечно има и препишана терапија, не само дијагноза – поранешниот генсек Кирил Божиновски си попи кривична. Одговорност ќе се бара и од тие што примале плата за да клатат дома врата.

Новава власт треба да ја следиме со четири отворени очи. Две да внимаваат дали правдата ќе биде задоволена или ќе биде селективна, две да внимаваат старата инквизиција да не биде заменета со нова. Прв показател за вториов пар очи ќе биде заменикот на Зврлевски

Новава власт треба да ја следиме со четири отворени очи. Две да внимаваат дали правдата ќе биде задоволена или ќе биде селективна, две да внимаваат старата инквизиција да не биде заменета со нова. Прв показател за вториов пар очи ќе биде заменикот на Зврлевски. Или ќе добиеме кадарен професионалец, кој си ја знае работата, или уште еден „последен будала на светот“ (Прчевски), кој порано или подоцна ќе стане партиски чиновник.

Инквизицијата на папата (не се мисли на Б.Ц.) е укината формално во 1834 година, но таа никогаш не е укината од главите на властодршците. Наполеон Бонапарта, на пример, ја укинал во 1808 година, за да биде возобновена после само 6 години.

Дека човештвото не завршило со оваа приказна добар доказ е веста што ни доаѓа од Русија. Руската компанија „Калашников“, најпозната по својата пушка АК-47, претстави нов производ – возило за разбивање демонстрации. Оклопниот камион „Шчит“ (штит), чија предна страна наликува на булдожер, има челичен штит, кој во зависност од теренот може да се собира или да се развлекува. На врвот од штитот има воден топ, а камионот поседува и отвори за пушки кои би стрелале солзавец и гумени куршуми (веројатно на барање на Јелена Жугиќ), потоа заслепувачки светла, звучници за мегафон, како и полициски сирени.

Ова возило не би се конструирало кога не би имало „купци“. Во битката за тронови, обично наебуваат граѓаните што протестираат. Кога власта се „брани“ од народот, тоа е инквизиција, макар и да не се вика така.

Можеби Петар Аневски не е изненадувањето што се подготвува за последната осма сезона на „Гејм оф троунс“, ама тоа сѐ уште не значи дека нема да бидеме изненадени од тронот. Затоа држ’те ги отворени сите четири очи.