Што беше тоа достоинство?

Достоинство е зборот што деновиве ми е во фокусот. Почнувам од Денот на македонското новинарство, 17 февруари, кога новинарите маршираа за сопственото достоинство, односно за да дадат гласност на своите проблеми. За жал, она што се нарекува „виша сила“ ме спречи да учествувам во маршот, но секако моето место беше таму, иако злобниците би рекле дека одамна не сум му потребен на македонското новинарство.

Има во тоа и некоја вистина. Имено, некаде од 2010 година, значи повеќе од една деценија, функционирам како „фриленсер“ (замена за терминот „новинар без работа“), а пензијата уште не ме стасала (а и кога ќе стаса, сигурно нема да ме усреќи), сепак себеси се доживувам како новинар.

Во таа смисла и можам да кажам дека, најблаго речено, сум згрозен (иако не и изненаден) од омразата кон една цела професија што по овој повод се рашири низ социјалните мрежи. Дури мислам дека не можам да ги наредам ни таксативно сите заблуди што ги испрочитав деновиве.

Но, еве, ќе се обидам. Една од најчестите грешки е поистоветувањето на новинарите со медиумите во кои работат, со газдите, па и со уредниците. Новинарите не се медиуми, ниту медиумите се новинари! Постојат низа успешни медиуми што функционираат без новинари. И врз нив никој не плука, ниту ги сатанизира. Напротив, најчесто се избираат пофални зборови за нивното функционирање.

Новинарите, за разлика од другите професии, не се премногу склони кон јавни протести, штрајкови и друг вид отпор кон (ре)пресијата што се врши врз нив. А, сепак, ја имаат најголемата стигма од јавноста

Еве, во моментов додека се пишуваат овие редови, на мојот телевизор е вклучен „Нетфликс“, а од слушалките ми доаѓа музика од едно исклучиво музичко интернет-радио. Дали станува збор за медиуми? Се разбира. Дали станува збор за добри медиуми? Според изразените вкусови, секако. Дали имаат вработено новинари? Немаат. Немаат ни потреба. Но, секако имаат вработено уредници, затоа што некој треба да ја уреди програмата.

Со други зборови, една од кардиналните грешки е поистоветувањето на новинарите со уредувачката политика на некој медиум. Можеби перцепцијата на овдешниот просек е дека новинарите се само „држачи на микрофони“ и луѓе што знаат единствено да кажат: „Ало, кој ни се јавува“, како божем самите новинари да ја правеле програмската шема и решавале што, како и кога ќе работат.

Еден мој уважен колега, токму преку социјалните мрежи,  им порача на новинарите со „навредено достоинство“ да си заминат од редакциите и да се занимаваат со што било друго, меѓу другото нека пишуваат романи, поезија или што да е. Еве му пример, не сум влегол во редакција токму од крајот на таа 2010 година. И не само што пишувам романи, поезија или што било друго (ако имам среќа), туку сум и некој вид организатор на културни настани, преведувам и работам што било друго (ако имам среќа). Зошто? Затоа што новинарите така решиле? Затоа што моја желба била да ме напушти професијата (не јас да ја напуштам неа)?

Прекрасни новинари денес продаваат акумулатори, работат како туристички водичи, во фирми за реновирање станови… Зошто? Затоа што Здружението на новинарите на Македонија или Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници не ги исчистиле своите редови? Или затоа што една држава, како што е нашата, не може, поточно не сака да ги уреди односите во општеството онака како што доликува.

Најавено е дека деновиве лекарите и медицинскиот персонал ќе протестираат за зачувување на сопственото достоинство. Луѓето не примиле плата не по нивна вина, туку затоа што некој дозволил да се хакира Фондот за здравствено осигурување. Баш ме интересира дали ќе прочитам коментари од типот: „Нека расчистат прво во сопствените редови, а потоа нека протестираат“. Или: „Ако им е навредено достоинството, нека си заминат од болниците“. Или: „Болниците се џелати што се претставуваат како жртви“. За волја на вистината, лекарите и ги напуштаат болниците. И одат за Германија!

Што се случува кога штрајкуваат просветните работници? Дали и тогаш велиме дека учителите треба да си заминат од образовните институции и да продаваат праз на пазар? Или мислиме дека има нешто гнило во уредувањето на системот?

Новинарите, за разлика од другите професии, не се премногу склони кон јавни протести, штрајкови и друг вид отпор кон (ре)пресијата што се врши врз нив. А, сепак, ја имаат најголемата стигма од јавноста.

Според моето најдлабоко убедување, новинарите не бараат ништо друго, туку да бидат во служба на јавноста. А и самиот збор јасно кажува, да ѝ служат на јавноста. Затоа што сопственоста на медиумите е приватна, ама сите медиуми се јавни.

Верувајте ми, знаат новинарите многу добро кој е кој во својата професија, како што, претпоставувам, знаат и во другите професии, но поради тоа не треба и не смее да се стигматизира цела една струка, толку важна за демократијата и слободата на една земја

Достоинството, па и новинарското, како и сечие друго, е стекнато право. Првата реченица во преамбулата на Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации (10 декември 1948 година) гласи: „Бидejќи признaвaњeтo нa врoдeнoтo дoстoинствo, и нa eднaквитe и нeoтуѓиви прaвa нa ситe члeнoви нa чoвeштвoтo сe тeмeлитe нa слoбoдaтa, прaвдaтa и мирoт вo свeтoт;“. Првиот член на истата Декларација вели: „Ситe чoвeчки суштeствa сe рaѓaaт слoбoдни и eднaкви пo дoстoинствo и прaвa. Tиe сe oбдaрeни сo рaзум и сoвeст и трeбa дa сe oднeсувaaт eдeн кoн друг вo дуxoт нa oпштoчoвeчкaтa припaднoст.“

Со други зборови, достоинството е неприкосновено право. И тоа треба да се почитува. И за него вреди човек да се бори. Па, дури и ако е новинар.

Да, знам. Сега читателот ќе го спомене Драган Павловиќ Латас и неговото спектакуларно одвратно интервју за некаков јутјуб-канал. Или оној Марјан Стаменковски од „Доказ“. Демек, еве какви ни се новинарите. Како божем во другите професии сите да се „исправни“ и „чисти“. Како да не постојат корумпирани лекари и учители силувачи. Како божем на новинарите да им е дадено да ја водат кадровската политика. Или како да им е дозволено да издаваат лиценци за тоа кој треба да биде новинар, а кој не. Или кој треба да биде уредник, а кој не. Или кој треба да биде газда, а кој не.

Верувајте ми, знаат новинарите многу добро кој е кој во својата професија, како што, претпоставувам, знаат и во другите професии, но поради тоа не треба и не смее да се стигматизира цела една струка, толку важна за демократијата и слободата на една земја.

Достоинството на новинарите е достоинство на целата држава. Како што, впрочем, е и достоинството на лекарите, учителите и на сите други.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија