Асеизмички стабилни

Балканот го тресат земјотреси. Деновиве се тресе тлото во Романија, Бугарија, Србија, Хрватска, Албанија, Грција… Поуката од страотниот земјотрес во Турција ги мобилизираше властите во соседните земји кон подготовки за „не дај Боже“. Се врши засилено набљудување на состојбите, зајакнување на контролите во градењето, постфестум проверки, повторување препораки до граѓаните како да се однесуваат во случај на земјотрес и што е неопходно да имаат подготвено во ранецот што ќе им биде при рака во таков случај.

Се разгледуваат планови за брзо организирање модуларни и други сместувачки капацитети, за тимови за брза реакција, за брз синџир во снабдување со храна и медицински материјал, се мапираат најслабите и најранливи точки (градби) при евентуален силен удар на природата… Самиот факт што властите преземаат вакви подготвителни мерки, во ситуација кога не може да се предвиди земјотрес, во голема мера влијае врз јакнењето на довербата кај граѓаните.

Кај нас, освен експертите, кои во јавноста даваат свои оценки за квалитетот и за претпоставената издржливост на нашите градби, сѐ друго е оставено на „отом потом“. А и кај нас се тресе. Со таа разлика што епицентарот на нашиот земјотрес по правило е или во подрачјето на Владата или на Собранието, а во моментов на двете.

Епицентарот секогаш е длабочина соодветна на интересите на тие што го предизвикале или тие што ги санираат неговите последици. Овој тип земјотреси не се регистрирани од Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ. Тие се бележат во граѓанската „опсерваторија“, распослана врз збир од нестабилни партиски раседи, чии активности се судираат и предизвикуваат континуирани потреси.

А и кај нас се тресе. Со таа разлика што епицентарот на нашиот земјотрес по правило е или во подрачјето на Владата или на Собранието, а во моментов на двете

Чаре се бара во реконструкција на владата, ама не во стручна и темелна, туку во стратегија „плукни-залепи“: еден разнишан столб да се замени со друг. И таа градба да биде асеизмички стабилна. Може ли? На хартија сѐ може.

И Ердоган така мислеше, кога во предизборната кампања во 2019 година си обезбеди огромен контингент на гласачи токму во регионот што денес е погоден од земјотресот. Со легализирање градби што не ги исполнуваат градежните правила, тој им ги „реши“ проблемите на граѓаните. Сите тие незаконски и нестандардно градени објекти, за една минута среќата ја претворија во несреќа. Покривите над главата станаа надгробни плочи. Стигна цехот и за пропустите во градењето, и за политичкиот ќар, овојпат изразен во огромни загуби на човечки животи, загуби за БДП на земјата, за перспективата на тој регион, кој долго ќе живее со оваа траума. 

Кај нас не се влечат поуки за приоритетите. Ајде да речеме дека ова е сензитивен момент, владата е пред реконструкција и ќе се посвети и на овие прашања откако сите пилоти во кабинетот ќе го преземат кокпитот.

Ама имаме уште еден земјотрес – од 6 февруари е хакиран Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), кој ја има најобемната база на податоци во земјава, а која до денес, 17 февруари, сѐ уште е надвор од функција. Поради тоа доцнат платите на здравствените работници, исплатата на породилни отсуства, боледувањата и рефундирањата на средства за лекови.

Се намножија бројни проблеми за осигурениците, а нивните барања рачно се процесираат, што е ужасно бавен и компликуван процес во услови на сајбер-напад. Странски експертски тим помага за да се надмине проблемот, а што правиме ние? 

Собранието, четири дена расправаше само за разрешување на министерот за здравство, Беким Сали. Колку ќе расправа за другите? Јасно е дека опозицијата користи максимално време за дискусија, ама ајде тогаш да не ламентираме околу недостигот од лекови за цистична фиброза и за нивната цена. Зашто и пратениците може да добијат непријатно прашање – извинете, а колку чини една собраниска седница?

Па, околу 20 илјади евра на ден во некои подобри времиња. Сега, веројатно чини и повеќе. Исто како што чини повеќе и надоместокот за превоз на пратениците поради растот на цената на горивото. Лани за 11 месеци, 73 пратеници наплатиле 360.000 евра за патни трошоци, а 18 од нив поседувале станови во Скопје, како лични, или имоти на брачни другари, на родители или на деца.

Во моментите на кризни состојби, општественото „огледало“ најдобро покажува кој колку конзистентно се однесува. Во политиката кај нас, конзистентноста е НУЛА. Сѐ зависи од приликата. Партиите се мајстори за брзопотезно преадаптирање на улогите, за избор на привлечна амбалажа, во која ќе ги замаскираат нивните скриени намери, за потоа да превеслаат стотици токсични содржини во лажна согласност со законитоста и (не)владеењето на правото.

Чаре се бара во реконструкција на владата, ама не во стручна и темелна, туку во стратегија „плукни-залепи“: еден разнишан столб да се замени со друг

Сето тоа се причини за мали изолирани потреси, кои латентно водат кон еден голем тектонски потрес – земјотресен или политички, сеедно, бидејќи разорната моќ и на двата може да биде голема.

Иако се верува, нема цврсти податоци дека зголемена концентрација на гасот радон, кој избива на површината кога се јавуваат пукнатини во земјата и разместување на нејзините слоеви, може да се смета за предвесник на земјотрес. Иако во неколку случаи, токму зголемената концентрација на радон претходела на земјотрес, како на пример, во италијанскиот град Аквила во 2009 година, таква концентрација може да биде и регистрирана, а да не уследи земјотрес. Значи не може да се предвиди, но може да се биде претпазлив.

Во однос на политичкиот земјотрес, има многу знаци покрај патот што укажуваат што може да се случи. „Радон“ во политиката е неединството, поларизацијата, поделбата, нешто, што ако се сака, може да спречи. Треба „само“ државните да се стават над партиските интереси. Само таква реконструкција може да обезбеди вистинска и долгорочна асеизмичка стабилност на државно ниво. Ама ако прашате кој е за тоа – ќе слушнете громогласна тишина.

Затоа луѓето ги спремаат ранците. Не за евакуација при потрес, за многу подолгорочно. Нема фајде од реконструирана влада во нереконструирана и испразнета држава. 

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија