Спаваш ли мирно, Доналде Трампе

Колумна на Сашо Кокаланов
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

     1. Истрагата на ОЈО за случајот „Рекет“ се одвива според планираната брзина. По многу непотребни нервози во јавноста, како и непотребни откажувања од годишен одмор како она на претседателот Стево Пендаровски, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева влезе и излезе како сведок од кај својата колешка, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Зошто толку паника, сè си е во ред. За до крајот на оваа 2019 година не се предвидени нови активности, но затоа за во 2020 година е предвиден почетокот на вештачењето на нејзините телефони. Веќе во 2021 година, ако оди сѐ според планот, може да се очекува завршување на почетокот на истрагата каде се парите, за во 2022 година да се утврди и чии се гласовите на снимките.

Судењето за „Рекет“ ќе трае точно 13 години (на италијански – тредичи ани) и може да се очекува најдоцна во 2050 година, ако топењето на Гренланд не ги наруши плановите и не предизвика уште некоја поплава во архивите на македонските обвинителства.

     2.Кога сме веќе кај Гренланд, информацијата дека американскиот претседател Доналд Трамп размислува да ја купи оваа данска автономна покраина, покрена многу прашања – од мотивот за купување, до дебата за вредноста на суверена територија, но и за заживување на пазарите и трансакциите на такви територии во иднина,.

Купи нè човече дур не завршил мандатот на Владава, после и ние ќе те чиниме 500 евра просечна плата, па ќе ти биде криво. Да не биде дека не сме ви кажале

Геостратешките аналитичари велат дека за САД купувањето на Гренланд би било од голема стратешка вредност, бидејќи поседувањето на ледениот остров ќе обезбедело дополнително влијание на Арктикот, каде што Вашингтон се соочува со зголемена конкуренција од Русија и Кина. Освен тоа, поради климатските промени и топењето на мразот на Арктикот, сè повеќе се зборува за богатите рудни наоѓалишта на Гренланд, чие население не е далеку од идејата дека тие еден ден ќе имаат независна држава.

Македонците, пак, со право се чувствуваат изневерени. И покрај сите студии на македонските научници за космичкото значење на рудата лорандит скриен во рудникот Алшар во пазувите на Кожуф, добро чувана тајна од античка Македонија, па до денес, за која знаат само ЦИА, МИ6, КГБ и евентуално неколку луѓе во ВМРО, и покрај сите романи на Ниче Македон, и покрај тоа што беше инсталирана прозападна марионетска влада што ја симна цената на Македонија, сè уште не се најде ни еден светски тајкун, ни една факинг будала на целиов свет не даде понуда за купување на Македонија. Тажно.

Ајде, можеби тоа што Данска го одбила Трамп за Гренланд ќе го освести американскиот претседател да се сврти кон вистинските вредности и да се насочи кон недвижнини со вистински скандинавски избори, со северни според името, а медитерански според климатските услови, со славно минато и неизвесна иднина што благопријатно дејствува врз драстично снижување на цената…

      3.Друже Трамп, знаеш ли ти колку ќе те чини еден Гренланѓанец месечно? Изгор, човече, ќе се смрзнеш кога ќе чуеш, 28.741 данска круна, тоа ти е 3.820 евра во наши пари, или ако сакаш 4.240 долари во твои пари.

Купи нè човече дур не завршил мандатот на Владава, после и ние ќе те чиниме 500 евра просечна плата, па ќе ти биде криво. Да не биде дека не сме ви кажале.

     4.Нејсе, додека не го решиме ова со купопродажбата на Македонија, под претпоставка дека купецот ќе сака да нè земе топтан сосе целото население (иако, за жал во моментов не сме во можност да му ја обезбедиме таа информација, зашто сме немале попис едно седумнаесет години), во меѓувреме мора да го решиме и прашањето со животинскиот свет.

Судењето за „Рекет“ ќе трае точно 13 години (на италијански – тредичи ани) и може да се очекува најдоцна во 2050 година, ако топењето на Гренланд не ги наруши плановите и не предизвика уште некоја поплава во архивите на македонските обвинителства

Затоа, со должно внимание ја следам дебатата помеѓу Анима мунди и Ловечката федерација на Македонија. Конкретно, расправата се води како да се реши свинската чума во државава.

„Каде живееме ние, се срамиме и ни се гади! Бараме, покрај насилниците, убијците, сторителите на други кривични дела, кои се резултат на болен нагон, професионалните убијци, тореадорите, оние кои колат животни, шинтерите, оние кои поставуваат замки, џелатите, харпунистите, масовните убијци, терористите, сексуалните престапници, оние кои вршат експерименти врз животни, садистите, педофилите, постојат многу милиони болни луѓе на светот, а тоа се ловџиите…“, пишуваат од организацијата за заштита на животните, коментирајќи ја идејата да се убиваат заболените свињи.

Ловечката федерација на Македонија врати дека е згрозена од писмото на Анима мунди и ги обвини за говор на омраза и дека се крајно неинформирани за глобалниот проблем со африканската чума кај свињите, како и елементарно непознавање на ловството како значајна стопанска дејност

„Ловството пред сѐ е одгледување и заштита на дивечот, чиј резултат е неколкукратно зголемена популација на дивечот во целата држава. Оној мал процент што се отстрелува е ,,одгледувачка мерка“,со цел да не се надмине економскиот капацитет на ловиштето и да премине во биолошки капацитет, што значи класична пренаселеност, причинување штети во земјоделството, како и појава и ширење болести!“

Останатите Македонци, оние што не се ниту ловџии ниту членови на Анима мунди, туку само се заинтересирани за што поповолна купопродажба на нашата драга Татковина, разбирливо дека се загрижени за аргументите и на двете страни.

Па да, можеби затоа Трамп не нè купува! Кој сака да купи држава заразена со чума, макар била и свинска, од една страна. А од друга страна, човекот едвај со помош на километарски ѕид се спаси од професионалните убијци, тореадорите, оние кои колат животни, шинтерите, џелатите, харпунистите, масовните убијци, терористите, сексуалните престапници, садистите, педофилите и ловџиите што му влагаат од Мексико, зар да си увезе нови такви од далечната Северна Македонија.

     5.Можеби решението на овој проблем ни доаѓа од Бахамите. На Бахамите постои плажа наречена „Pig Beach“, на која може да се дружите и да пливате со свињи. Иако на многумина ова им звучи како шега, оваа плажа е голема атракција за туристи што доаѓаат од сите делови на светот.

Дајте да не бидеме стока и да смислиме нешто паметно и ние.

     6.Но, да не се лажеме дека по пописот и решавањето на свинската чума, веднаш ќе се шитнеме кај Трамп. Не е тоа толку едноставно.

Друг евентуален проблем може да биде усогласувањето на законодавството на Северна Македонија со останатите американски држави. Еве, еден прост пример, додека САД го добива првиот ресторан со марихуана во менито, нашата Единица за недозволена трговија во содејство со полициски службеници од други единици при СВР Скопје, како и полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Блаце, во атарот на с. Блаце, кај место викано „Вражји вир“, пронајдоа 180 стебла од канабис, како и опрема за одгледување: ѓубриво, канистери за наводнување и сл.

Ќе биде „вражја“ работа сево ова да се усогласи, но ние со бирократоманине од ЕУ усогласивме законодавство, не пак со прагматичните САД.

     7.Како и да е, нека си размисли Трамп уште еднаш добро. Со векови чекавме да добиеме своја држава, нема сега со векови да чекаме да ја шитнеме „испод цена“. Можеби сме на продавање, ама си имаме и ние свое достоинство.

Еве, Кочо Анѓушев, веќе им испрати прв ултиматум на Америте: Или купујте нè, или Македонија е заинтересирана за влез во нуклеарката „Белене“ заедно со Русија и Кина!

Спаваш ли мирно, Америко, спаваш ли мирно и ти Доналде Трампе…