Спуштете ги штитовите!

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Часот е 20. Денешниот протест е веќе започнат. Дали да поминеш низ него, или да одиш право дома? Изгубен си, исто колку што беше изгубен и кога те приведоа. Сè што се случи во изминатите 26 часа повторно ти поминува низ главата, во некој недефиниран калеидоскоп. Сепак, од сите тие слики, една ти се издвојува.

Police is arresting protesters in the center of Skopje on April 13, 2016.They are protesting because of President Ivanov's decision to cease all investigations and criminal proceedings against politicians./ AFP / Robert ATANASOVSKI

Отсекогаш сум се прашувал какво изгледа да поминеш една ноќ во ќелија. Дали ќелиите навистина се такви мали, темни, влажни, студени, полни со лебарки? Дали ѕидовите навистина им се ронат? Дали навистина се испишани со разни имиња? На што ли мислат луѓето кога се таму? Како се чувствуваат?

Целото искуство, всушност, е надреално. Првото што ти поминува низ глава кога ќе влезеш во ќелијата е дека таа воопшто не е онаква каква што си ја замислувал. Не е толку мала. Има два кревета и доволно слободен простор за да можеш да правиш склекови или некоја друга вежба. Ѕидовите не ѝ се ронат, а на нив има испишано само неколку имиња (Didi, Xhuhxe, Стоју, AHDREJA, Family Aerodrom, K4…) и еден крст. Нема лебарки и на прв поглед изгледа зачудувачки чиста. Толку чиста, што не ти е лесно да избереш на кој од креветите ќе легнеш. А, откако ќе легнеш, ти почнуваат флешовите.

Зошто полицаецот се затрча кон тебе и се обиде да те клоцне, иако ти стоеше мирно и рацете ти беа кренати горе? Дали ова го побива твоето верување дека луѓето се добри, или можеби полицаецот само беше толку многу исплашен, па реагираше агресивно, како што кучињата почнуваат да лаат кога ќе се почувствуваат загрозени

Зошто полицаецот се затрча кон тебе и се обиде да те клоцне, иако ти стоеше мирно и рацете ти беа кренати горе? Дали ова го побива твоето верување дека луѓето се добри, или можеби полицаецот само беше толку многу исплашен, па реагираше агресивно, како што кучињата почнуваат да лаат кога ќе се почувствуваат загрозени? Или пак, можеби, полицаецот тргна на тебе токму затоа што ти беше мирен, затоа што знаеше дека тебе ќе те ослободат? Можеби затоа и не беше насилен кога те фати. Да, ти ја свитка раката и ти ја турна главата кон земја, ама тоа не болеше толку.

Зошто ти, кога ги виде полицајците како тргнуваат кон тебе, не побегна, туку само ги крена рацете? Дали затоа што сакаше да покажеш дека немаш причина за бегање, зашто ништо лошо не направи на протестот? Или пак, затоа што сакаше да покажеш дека не се плашиш? Или пак, затоа што сакаше да те приведат тебе, наместо некој од твоите другарки и другари?

Дали е снимено како те приведуваат? Какви ли се тие снимки? Дали ќе излезат во јавноста? Што ли ќе помислат луѓето кога ќе ги видат? Дали е снимено како ти ги ставаат лисиците, а ти прашуваш – „можам ли само да ѝ се јавам на жена ми, за да не ме чека“? Дали е снимено како те ставаат во колата и како полицаецот кој ти ја зема ќесата што ја носеше, ја проверува и ти вика – „Ауу, па ти имаш едно јајце тука, ти си фрлал“? Дали е снимено како ти му одговараш – „Друже, да фрлав, јајцето немаше да биде тука, ќе беше на зградата“, и како неговиот колега се насмевнува гласно?

И тогаш, ја забележуваш камерата која стои во аголот на плафонот на ќелијата. Ти текнува дека сè се снима. Ти текнува дека е снимено и она кога те прашува полицајката – дали сакаш да известиш член на семејството, а ти ѝ кажуваш – „да, јавете ѝ се на жена ми, кажете ѝ дека сум добро и дека ништо лошо не сум правел. И, кажете ѝ дека ја сакам“. Сите во собата се смејат, а полицајката ти одговора – тоа вие утре ќе ѝ го кажете.

Како ли ѝ е нејзе? Дали веќе разбрала? Дали плаче? На што ли мисли? Нејзе всушност ѝ е многу потешко отколку тебе. Зарем не е тоа неправедно? Зарем не е неправедно тоа што сите мислат на тебе, а ретко кој помислува на неа? Ти, всушност и ќе заспиеш наскоро, креветот во ќелијата воопшто не е неудобен, таа сигурно нема да спие цела ноќ.

Тоа и се случува. Мислите почнуваат да се преплетуваат и те фаќа дремка. По некое време, те буди чуварот. Треба да дадеш изјава. Двајцата инспектори (или што и да се) сосема пријателски ти кажуваат дека нив не ги интересира идеологија, верувања, политички ставови и слично, туку ги интересира вистината. Им забележуваш дека мора да се филозофи, штом ги интересира вистината, и дека сакаш филозофи. Тогаш едниот од нив се коригира и кажува дека ги интересираат фактите. Почнуваш. Околу 17:45 излегов од дома за да се приклучам на мирниот протест кој беше закажан за тој ден пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство. Протестот имаше за цел да ја поддржи работата на СЈО и да побара оставка од Претседателот Ѓорге Иванов, суспендирање на започнатиот процес за избори и избирање на експертска влада, која ќе го подготви теренот за одржување фер избори. Протестот беше мирен, се скандираа пароли како „Поддршка за СЈО“. Не видов никакви полициски сили.

По некое време, веројатно околу 19 часот, почнавме да се движиме накај канцеларијата на Претседателот, кај Рекорд. Таму имаше 5-6 полицајци. Се скандираа пароли, како „Оставка, оставка“ и „Нема правда, нема мир“. По некое време некои од луѓето почнаа да фрлаат јајца по канцеларијата. Сепак, протестот беше главо мирен и немаше поголеми инциденти.

Потоа, веројатно околу 20 часот, се упативме накај Собранието. Полицискиот кордон што го блокираше патот натаму многу лесно нè пушти да поминеме. Пред Собранието немаше луѓе, освен малубројните полициски сили. Другиот протест очигледно беше завршил. Немаше никакви особени случувања. По одредено време решивме да тргнеме накај зградата на ВМРО-ДПМНЕ. Кога тргнавме натаму, по улицата што е зад Собранието, веднаш се направи силен полициски кордон.

Јас некако се најдов во првите редови на протестната маса. Се обидовме неколку пати да го турнеме кордонот. Безуспешно. Иако имаше туркање со полицајците, немаше некое особено насилство. Единствено видов дека еден протестирач имаше раскрвавена глава, веројатно од удар со пендрек. Зад кордонот се гледаа оклопни возила. Стана јасно дека тешко ќе успееме да дојдеме до зградата на ВМРО, па масата почна да се разидува.

Нема да помине многу време до оној миг кога полицајците ќе нè послушаат, ќе ги спуштат штитовите, и ќе ни се придружат во борбата против неправдата, криминалите, кражбите и корупцијата

Околу 21:15 ми се јави жена ми, да ме праша како сум и дали брзо ќе си дојдам. Ѝ кажав дека протестот завршува и дека си тргнувам накај дома. Си тргнав, по патот по кој дојдов. Кај канцеларијата на Претседателот, забележав врева. Видов дека канцеларијата е демолирана. Се прибилижив, за да видам што се случува. Забележав дека немаше никакво полициско обезбедување.
Продолжив да се движам бавно накај дома. Забележав дека почна да се демолира и зградата на Министерството за правда. Подзастанав за да видам што се случува. Веднаш се појавија бројни полициски сили. Се поставија во формација за напад и почнаа да се движат кон нас, од неколку страни. Луѓето почнаа да бегаат. Јас ги кренав рацете горе и почнав полека да одам наназад. Тогаш ме приведоа.

Едниот од инспекторите ме праша – Добро, ама дали знаеш дека има многу камери и дека сè се снима? Да не си испуштил да кажеш нешто? Одговорив – Да, знам дека сè се снима. Не фрлив ниедно јајце, ниеден камен, ниту каков било предмет, ни кон зградите, ни кон полицајците. Не удрив ниеден полицаец, освен што бев принуден со рацете да се бранам од нивните штитови за време на туркањето.

Тогаш другиот инспектор ме замоли да го повторам ова, за да може да го запише. Повторував, реченица по реченица, а тој пишуваше, со рака.

Ме вратија во ќелијата. Ми текна дека би било многу згодно да имав и јас лист хартија и пенкало, како инспекторот, за да можам да ги запишам мислите кои ми се мотаа низ глава. Ми текна дека многу книги се напишани во затворски ќелии. Дали ќе успеам да ги запомнам мисливе, дали ќе успеам да ги запишам сите?

Почна да ми станува студено. Се покрив со ќебето. Заспав. Повторно ме разбуди чуварот, за да ми каже дека дошла мојата адвокатка. Каква адвокатка? Па јас не повикав адвокатка. Се запознавме. Натали Петровска, ја известиле моите другари од Коалицијата Сите за правично судење. Ѝ кажав дека веќе дадов изјава.

Ме праша што сум кажал. Ѝ ја повторив изјавата. Ми кажа дека е во ред. Ми кажа дека можат да ме држат тука максимум 24 часа, дека потоа мораат или да ме пуштат, или да ме изведат пред истражен орган. Дека најверојатно ќе ме пуштат, но дека постои и шанса да ми одредат притвор, заради сомнение за повторување на делото на протестите закажани зо наредните денови. Ме праша дали ми треба нешто. Ѝ кажав, ако може, да ѝ се јави на жена ми, да проба да ја смири. Ми кажа дека ќе го направи тоа. Ми кажа да јадам и да пијам вода. Ми кажа да ѝ се јавам кога ќе ме пуштаат или изведуваат пред извршен орган. Се поздравивме. Ѝ се заблагодарив и ѝ кажав дека ми е жал што морала да доаѓа овде во ниедно време. Ми се насмеа, со насмевка што кажуваше – „Ма, што зборуваш…“.

Се вратив во ќелијата, оставајќи ги патиките пред ќелијата, како и секогаш. Иако светлото постојано светеше, а вентилаторот брмчеше, заспав. Спиев мирно, долго време. Кога се разбудив, дневна светлина влегуваше низ прозорчето. Станав, отидов до тоалетот. Забележав дека сега и пред другите ќелии има чевли.

По некое време ме изнесоа надвор, за да ми земат отпечатоци. Грееше сонце. „Што убав ден“, забележав. „Убав ден за протести?“, ме праша полицаецот што ме придружуваше. Ме однесоа во просторијата за отпечатоци. Ми земаат отпечатоци неколку пати, од сите прсти. Домалиот прст е најтежок. Службеникот што ги зема отпечатоците го забележа тоа и кажа – Моцарт забележал дека со домалиот прст многу слабо свирел, па почнал да го врзува за другите прсти, ама тоа уште повеќе му го умртвило прстот. Ти текнува на онаа изрека од Грамши – „Во секое човечко битие лежи по еден интелектуалец“.

Те враќаат во ќелијата. Денот бавно одминува. Ти текнува на онаа книга – „Годината поминува, денот никако“. Зошто не дозволуваат да читаш книги во полициската станица? Зошто не ти даваат лист и пенкало, да можеш да го запишеш она на што мислиш сето време? Веројатно во притворот, ако те стават таму, ќе ти дозволат да земеш и книги и лаптоп. Ќе читаш и ќе пишуваш по цели денови. Ќе работиш на твоите истражувања. Имаш толку трудови кои треба да ги довршиш. Тогаш конечно ќе имаш време. Само, како ли ќе ги потпишеш трудовите? Бранимир Јовановиќ од Казнено-поправниот дом „Идризово“?

Го гледаш прозорчето од ќелијата, сакаш да видиш дали е уште ден или веќе се стемнува. Таа неизвесност – до кога ќе те држат, дали ќе те пуштат да си одиш дома или ќе задржат во притвор – убива. Тропаш на вратата. Го прашуваш чуварот колку е часот. 16. Па 17. Па 18…

Тогаш, влегува еден полицаец, веројатно управник на станицата, и ти кажува дека ќе те пуштат. Ти олеснува. Немаш кривична пријава. Те тераат да потпишеш некаква изјава дека не си слушал наредби од полициски службеник. Не ја потпишуваш. Никаква наредба не си добил, дури и сам ги крена рацете, па сепак беше приведен.

Ти ги даваат предметите што ги остави при влегување во ќелијата. Гордо го закачуваш беџот со пречкртаниот Груевски, на левата страна од телото, кај срцето. Полицаецот те прашува од кај ти е беџот. „Од движењето Протестирам“, му кажуваш, „да не сакаш еден?“. Ти се насмевнува и те замолува да го извадиш сега, а да го ставиш откако ќе излезеш од станицата.

Излегуваш надвор. Палиш цигара. Го палиш телефонот. Имаш 30 нови СМС пораки, уште толку пропуштени повици и 500 нотификации од социјалните мрежи.

Ѝ се јавуваш на жена ти. Добро звучи. Ти кажува дека многу се зборувало за тебе и твоето приведување. Дека сите медиуми известиле за тоа. Додека си одиш по улицата, те среќаваат луѓе и те прашуваат – те пуштија? Им се насмевнуваш и кратко одговараш – Да, сега пред малку, сè е во ред.

Часот е 20. Денешниот протест е веќе започнат. Дали да поминеш низ него, или да одиш право дома? Изгубен си, исто колку што беше изгубен и кога те приведоа. Сè што се случи изминатите 26 часа повторно ти поминува низ главата, во некој недефиниран калеидоскоп. Сепак, од сите тие слики, една ти се издвојува. Онаа кога еден полицаец од кордонот кај Собранието ти пружи тупаница за да се поздравите, по едно од туркањата. Не можеше да му го видиш убаво лицето, заради маската, но убаво му ја виде пријателската насмевка.

Онаа насмевка која кажува дека се борите за истото. Онаа насмевка која кажува дека нема да помине многу време до оној миг кога полицајците ќе нè послушаат, ќе ги спуштат штитовите, и ќе ни се придружат во борбата против неправдата, криминалите, кражбите и корупцијата.

cover-new2