За залудноста

Минатата година, некаде во ова време, канадската фирма „Мајндсет“, во соработка со јапонскиот гигант „Онкио“, на пазарот ги лансираше таканаречените паметни слушалки. Станува збор за блутут слушалки, полни со ЕЕГ сензори што ги мерат вашите мозочни бранови и пуштаат аудио сигнали кога треба да се концентрирате на задачата што ве очекува. Во рекламната кампања за овој гаџет, „Мајндсет“ тврди дека направил опсежно истражување, преку кое дошол до заклучок дека секој човек во својот живот во просек губи околу 20.000 часови за совладување помали или поголеми пречки.

Под „помали или поголеми пречки“, „Мајндсет“ ги подразбира секојдневните проблеми – треба да се слушнете со некого и токму тогаш се појавува необјаснив шум во слушалката; ви доставиле погрешна нарачка и треба да ја вратите; го отворате прозорецот, но тој не може да се отвори, па ви треба повеќе време од потребното… Ете, на овие „ситници“ се губат речиси две и пол години од животот, тврди „Мајндсет“. Се разбира, нивните слушалки, барем според промотивните најави, би требало да решат голем дел од проблемите.

Минатата година, некаде ова време, во Македонија полека, но сигурно, се подготвувавме на надојдувачкиот 27 април. Колку време изгубивме оттогаш до денес за совладување на помалите или поголемите пречки што ни беа на патот. Па, нешто повеќе од просекот,  8.000 часа или околу една година,  со кој калкулира „Мајндсет“. Колку време изгубивме од осамостојувањето до денес, слушајќи во слушалки во кои има шум, отворајќи прозорци што не се отвораат,  добивајќи погрешни продукти на нашите нарачки… Па, околу 27 години.

Основното прашање е зошто Македонија не се однесува како држава и не ги анулира  проблемите наброени и во годинашниот извештај на Стејт департментот и зошто и оваа власт не се однесува државнички и не покаже „принцип на разумна одговорност“ туку покажува апсурдна желба за самоуништување

Конечно, ако „Мајндсет“ го правеше своето истражување во Македонија, веројатно ќе бевме пресреќни ако резултатот беше дека во просек во животот користиме околу 20.000 часови во ефективно дејствување. Остатокот ни поминува во отстранување на помали или поголеми пречки. Доволно апсурдни и необјасниви, колку што е необјаснива и апсурдна, на пример, секоја постапка што ја водите пред овдешната администрација.

Српскиот режисер Горан Марковиќ во еден свој текст тврди дека залудноста на нашите напори да оствариме нешто што не може (или нема) да се оствари, всушност, е основниот мотив на секоја трагедија, но и на секоја комедија. Само што во случајот на Македонија е навистина тешко жанровски да се одреди драмата што ја живееме.

Албер Ками во својот есеј „Побунетиот човек“ вели дека „Човекот е единственото суштество што одбива да биде она што е“. Парафразирана во нашиот случај, оваа мисла би можела да гласи дека Македонија е единствената држава што одбива да биде тоа што е. Односно држава! Единственото прашање што се поставува, вели Ками, е дали ова одбивање води кон самоуништување или кон „принципот на разумна одговорност“!

Целата оваа реминисценција за залудноста, всушност, е предизвикана од годинашниот извештај на Стејт департментот за човековите права, односно на неговиот дел што се однесува на Македонија. Тука таксативно се наброени работите што и онака ги знаеме. Не од вчера туку отсекогаш.

Извештајот како проблеми ги бележи неказнивоста, односно недостиг на независност на судството, тортура по затворите, нарушување на приватноста, напади врз новинари, корупција, кршење на правата на ЛГБТ заедницата итн. Основното прашање, значи, е зошто Македонија не се однесува како држава и не ги анулира овие проблеми и зошто и оваа власт, која дојде токму на бранот на незадоволството од овие состојби, не се однесува државнички и не покаже „принцип на разумна одговорност“ туку покажува апсурдна желба за самоуништување? Првенствено на уништување на сопствената власт, а преку тоа и на дополнително еродирање на државните институции и на државата како целина.

Кога залудноста би била материјализирана, видлива, тогаш таа целосно ќе нѐ преплавеше и сосема ќе го обесмислеше нашето постоење. Од сегашен аспект излегува дека и Шарената револуција, како и сите претходни протести беа – залудни

Кога залудноста би била материјализирана, видлива, тогаш таа целосно ќе нѐ преплавеше и сосема ќе го обесмислеше нашето постоење. Од сегашен аспект излегува дека и Шарената револуција, како и сите претходни протести беа – залудни! Отворање на прозорците што останаа затворени! На крајот од краиштата, падот на една власт и нејзината замена со друга власт е само предуслов за расчистување на работите, а не (како што сега се гледа) цел самата за себе.

Кога веќе го цитираме и парафразираме Ками, тука е и неговиот неизбежен „Митот за Сизиф“. Во оваа своја есенција за залудноста, всушност на неговата филозофија на апсурдот, Ками, како и сите мислечки луѓе го поставува прашањето зошто Сизиф го прави тоа што го прави. Одговорите можат да бидат различни, но едно е сигурно – затоа што е човек! Во таа смисла борбата со апсурдот е смислата на човековото постоење. Затоа, и покрај свеста дека работите не се менуваат или многу тешко се менуваат, бунтот против постојниот ред на нештата треба да се повторува и повторува.

Битката за подобрување на нашите животи, всушност, е основата на истите тие животи. И таа не смее да прекине. Па, ако треба и да ги ставиме на уши оние паметни слушалки на „Мајндсет“, кога веќе никој не произвел паметен мозок.