Затворено одделение

Не си бегаат младите од овде само затоа што земјава не е членка на ЕУ и не сѐ знае кога ќе биде, туку затоа што имаат изгубено надеж дека некогаш навистина ќе биде во вистинска смисла на зборот. Бугарските условувања вметнати во преговарачката рамка се само еден аспект на (не)предвидливоста на тој процес.

Но, впечатокот дека тоа ќе биде незавршена приказна, најмногу се темели врз внатрешни показатели, врз она што е видливо и предвидливо:  годините поминуваат, властите се менуваат, но лошите домашни практики остануваат. И што е најлошо – се надградуваат и прошируваат.

Генерациите родени по независноста на Македонија израснаа под македонското небо и во „едното општество за сите“, со зацементирано сознание дека сите немаат исти шанси. И не е само тоа во прашање.

Зошто толкава армија млади заминуваат да келнерисуваат, готват или чистат во Хрватска, Австрија, Германија, САД или на прекуокеански бродови? Не затоа што немаат дипломи. И не секогаш затоа што овде не можат да најдат работа.

Затоа што им е преку глава да гледаат како деца на матни бизнисмени и (о)судени политичари се фотографираат на јахти, во скапи возила и луксузни објекти во егзотични дестинации, со парите кои нивните родители ги исцицале и цицаат од ресурсите на државата, како во лице им се потсмеваат на „неуспешните“ во генерацијата и на нивните „неснаодливи“ родители кои наивно верувале  дека овде еднаш ќе профункционира правдата и правната држава.

Додека непрекинато фрчат ем фотографии ем видеа од такви одмори во Малдиви, Дубаи, Маурициус, илјадници млади не можат ни викенд во Охрид да си дозволат, ако тоа не е субвенционирано со конзервирана храна понесена од дома.

Генерациите родени по независноста на Македонија израснаа под македонското небо и во „едното општество за сите“, со зацементирано сознание дека сите немаат исти шанси

Да не бидам погрешно разбрана. Не говорам за лица кои на чесен начин заработиле и кои не треба на никаков начин да се чувствуваат непријатно што си дозволиле лускузна одишка од макотрпната работа. Тие може да бидат само позитивен модел.

Говорам за трансмандантни политички профитери, кои стекнале богатства на криминален начин со злоупотреба на политички позиции или блискост со разни центри на моќ. Говорам за луѓе, чии судски процеси не само што не не ги оправдале ветувањата за правда, туку тие надежи ги направиле уште покарикатурални.

Млада девојка со факултетска диплома деновиве си замина од моето соседство за да работи во дом за стари лица во Германија. Последното нешто што го кажа пред заминување беше ова: „Полесно ќе ми биде да менувам по**ани пелени на стари и непознати лица, отколку да гледам како криминални г*мна и нивните семејства ми ја крадат иднината, стануваат посакуван ’модел’ на однесување, живеат како ѕвезди, им се потсмеваат на останатите и ништо не им фали. Одам и не се враќам сѐ додека оваа земја е резервирана за такви профили“.

Не е единствената. Многу родители кои ги испратиле децата во странство, и до денес чувствуваат вина што не успеале овде да им обезбедат подобра стратна основа, со своите две (пот)просечни плати, а во некои случаи ни толку – и тоа за цел работен век!

А земете го, на пример, Мијалков. Да не беше неговата спогодба со Обвинителство, не ќе знаевме дека за шест-седум години на власт може да се стигне до имот од 36 милиони евра. Земјишта, деловни простори, апартмани…

Ако имал толку да даде за спогодување, колку ли уште има? Зошто улицата каде што биле начичкани најмалку 30-тина негови апартмани сѐ уште се вика „Славејко Арсов“, а не според тој што е стопан де факто?

Можеби, за да не се сетат граѓаните дека „за идеали гинат будали“. За што се борел Славејко Арсов, родум од штипско Ново село, револуционер и војвода, борец во Илинденското востание, кој во 1904 година сам се застрелал само за да не падне во рацете на турскиот аскер?

Веројатно за да може на улицата именувана во негова чест, „патриоти“ да си го распостелат пленот од политичкото пљачкосување на „саканата и единствена мајка Македонија“? Ете затоа гинел Салвејко Арсов и други знајни и незнајни борци.

Примеров е синоним за плејада такви ликови (од сите елити -власт/опозиција) кои мува не ги лази ни кога ќе се смени власта – затоа што преку парите многу добро се разбираат со опонентите. На такви елити, секогаш им е битно граѓаните да се што повеќе поделени по партиски линии, бидејќи тоа им ја јакне поделба на улогите на – спасители и предавници, и ја прави поуверлива нивната наводна „жртва и борба“.

Во изминативе 30 години, сите улоги – и главни и споредни, веќе се одиграни и сите можни рокади се направени. Веќе нема претстава што може да нѐ изненади. Дури ни сегашната.

Дури и да била обезбедена најдобра преговарачка рамка, дури и под претпоставка дека нема да добиеме ниедно вето заради билатерални прашања, патот кон ЕУ повторно ќе зависи од одлуката дали сме решени да градиме функционална држава или нејзин привид. Дали искрено ќе се оправаме или ќе се распаднеме однатре, како резултат на голема имплозија од сеопшто незадволство.

Властите опиени од „успехот“ во Брисел, не забележуваат дека покрај патот веќе се видливи сите знаци на надоаѓачка анархија. Еден ден се палат возила, друг ден се кршат, трет ден нешто друго…

Кога нештата пукаат по сите рабови, на површина излегува едно потиснувано незадволство, за кое тригер може да биде  сѐ: стагнацијата, незивесноста, документарен филм за работата на „Клиничката болница Жан Митрев“, изјавата на министерот за здравство – „да беше хемофилтрацијата 500 денари, немаше да се жалите“ и сета таа невидена дезориентација и бесчувствителност околу сите аспектите на случајот.

Во изминативе 30 години, сите улоги – и главни и споредни, веќе се одиграни и сите можни рокади се направени. Веќе нема претстава што може да нѐ изненади

Овде се заборава дека образот е поважен од финансиите. Ако тргнеме по обратната „логика“ утре некој ќе праша – а колку чинел „кабелот“ заради кои животот го изгубија толку луѓе во модуларната болница? Ништо. Двеста денари.

Кога би знаел министерот колку семејства што изгубија блиски во пандемијата, до ден денес се обвинуваат што не платиле поскап третман ако тоа можело да ги спаси, а  не платиле заради немаштија, неможноста да земат кредит или што немале од каде да позајмат.

Сега, и тие што имале да платат, и тие што немале, денес се со исто чувство на загуба и иста грутка. Да, здравјето не познава финансии, но тешко на оној што ги нема, и казниво и срамно за оној што криминално профитира во име на здравјето.

Се додека работите и одговорноста не се мерат низ призмата на етиката, професионалноста, отчетноста и ефикасноста, туку сѐ се сведува на трка за моќ, брзи пари, богат плен, аматеризам и дилентантизам, луѓето ќе си одат, без да се свртат назад кон земјата каде се брише границата меѓу живот и вегетирање, награда и казна, притвор и слобода.

Но, со оглед дека ние секој ден во секој поглед „напредуваме“, ете стигнавме и до еден неверојатен успех: оние што се слободни да живуркаат во затвореното одделение на узурпираната држава, а оние што треба да се во затвор слободно да парадираат низ отвореното одделение на нашата искривоколчена стварност.  

Ќе биде ли приреден коктел и за ова значајно достигнување?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија