На стартот, на реформаторите им беше префрлено зошто молчеле досега. Тие одговорија – за да не и` наштетат на партијата.
Лидерот не им оддаде признание за претходната лојалност кон партијата, но ги жигоса поради постизборната нелојалност. И, спротивно на нивната заложба за демократизација/реформа на партијата, уште еднаш „централистички“ си стокми нов извршен комитет, засилен со еден од идеолозите на терористичкиот напад врз Собранието.
Во меѓувреме пак се најдовме пред избори, сега локалните. Од кругот на реформаторите излезе глас во полза на предизборната логика – да не и` се наштети на партијата!
Такво евентуално позиционирање на реформаторите, нив би ги изедначило ментално со авторот на една психијатриска дијагноза на лидерот, но кој до ден-денес му останува лојален! За разлика од состојбата пред парламентарните избори, сега знаеме дека во партијата имало противници на „централизмот“, но тоа го потиснуваат или одлагаат за да не и` наштетат на партијата.
За разлика од состојбата пред парламентарните избори, сега знаеме дека во партијата имало противници на „централизмот“, но тоа го потиснуваат или одлагаат за да не ѝ наштетат на партијата
Да ја разгрнеме оваа логика. Позицијата за доброто на партијата, не е безусловна. Таа е условена со позицијата на партијата за општото добро (res publica). За жал, ВМРО-ДПМНЕ ја заглави Републиката, ја загрози нејзината евроатлатска интеграција и ги „порача“ со таквата политика Пржинскиот договор, СЈО и предвремените парламентарни избори. Процесот беше воден со стратегијата СЈО да ги санкционира „кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите“, а изборите да посредуваат реформска власт.
СЈО го осомничи извршниот комитет на партијата како „злосторничко здружение“.
Критичката јавност афирмира антиномија: или Груевски – или Македонија.
Груевски си го закрепна лидерството со реизбор на кумановскиот конгрес и сега држи во ропство педесет пратеници.
Со тој мотив, злосторниците со месеци го саботираа конституирањето на Собранието и разрешувањето на нивниот заштитник во Обвинителството. Дури прибегнаа кон терористички напад врз Собранието!
Со тој мотив тие им пристапуваат и на локалните избори, на кои „планираат“ (!) да победат, да изнудат нови предвремени парламентарни избори, и на нив да победат, па со „клоци“(!) да се пресметаат со странските непријатели и со домашните предавници.
Кога би се реализирал овој план, првата клоца би ја добиле реформаторите!
За среќа, оваа антипартиска, антидржавна, антицивилизациска мечта, не може да го надмине прагот на бладање. Реката тече кон Уставот и правдата, државата се консолидира внатрешно и во перспектива на евроатлантските интеграции. Обрачот околу злосторниците се стега .Покрај изгубената чест, тие ја губат и нивната манипулативна, медиумска и корумптивна моќ пред гласачите. Паралелно со нивното политичко и морално топење, почнат е процесот на еманципација на правосудниот систем. Над се` тече еволуцијата на граѓанството како казнена експедиција за престапите на злосторниците, но и како превенција од престапи на новата власт.
Прекрасната Декларација на Реформаторите најавува нов политички субјект, инкомпатибилен со партијата која се распаѓа како злосторничко здружение. Тоа реформаторите ги прави должни – не да не и` наштетат на партијата, туку да и` наштетат
Во такви услови нема место за дилемата да не и` се наштети на партијата. Ниту може да се зборува за устројството/статутот на партијата апстраxирајќи од злосторството. Како пожар, злосторството ги уништило и партијата, и членството преку кои тоа се извршило. За доброто на партијата можеби уште можело да се направи нешто со партиско санкционирање на злосторничкото здружение, како што постапи ХДЗ со Санадер.
За жал, во нашиот случај злосторниците ја победија партијата. Ја сведоа на револуционерна организација, инкомпатибилна со Уставот, законите и моралот. Идеолошки покриена со галиматијас од антагоностички мотиви на ВМРО, на античкиот македонизам на Каравангелис и на племенскиот македонизам на Новаковиќ/Цвијиќ, што генерира внатрешен раздор и раздор со опкружувањето. И галиматијасот со десетте пратенички групи во кои се распоредени робовите на Груавски, се изум на револуционерна организација, а не на парламентарна партија, за максимално да се опструира дејноста на Собранието.
Од друга страна, прекрасната Декларација на Реформаторите, нив ги прави соработници или конструктивни конкуренти на новата власт, зашто носи дух на натпревар по демократија. Таа декларација најавува нов политички субјект, инкомпатибилен со партијата која се распаѓа како злосторничко здружение. Тоа реформаторите ги прави должни – не да не и` наштетат на партијата, туку да и` наштетат.
Впрочем, партијата толку си наштетила самата на себе, што никој друг. од дома или од надвор, не може да и` помогне или да и` одмогне.
„Новата ера“ на Македонија претпоставува неопходна праведна судска разрешница на злосторничкото здружение, кон кое заслужија да се вбројат и правосудни инстанци и одделни обвинители и судии. Секој од нас е одговорен пред таа претпоставка – веќе со чинот на гласањето на претстојните избори, во кои злосторниците гледаат спас имено од таа судска разрешница.