Во првиот круг на македонските претседателски избори, електоратот повторно гласаше „против“, а не „за“. Овој заклучок го влечам од мојата перцепција дека меѓу претседателските претенденти не се појави кандидат со јасна визија за политиките што земјата треба да ги спроведува во блиската иднина.
На пример, повеќето кандидати воопшто не беа во состојба барем да ги навестат своите економски платформи. Без оглед на конкретните овластувања, претседателската функција е и формално и суштински кровна институција на сите начелни и конкретни политики на земјата.
Економијата е во врвот на општествените и политичките приоритети, но наспроти тоа, темите на предизборната кампања се сведоа на вообичаените утописки нонсенси, на некаква квазиетика и во банализирање на јавниот дискурс.
(Без)лични кандидати
Во ситуација кога сѐ уште актуелната влада за време на целиот свој мандат не успеа да направи ниту една структурна реформа во ниту една битна општествена област и без оглед што кандидатите немаа или не искажуваа никакво мислење, на пример, за потребата од медиумски или образовни реформи, освен стандардните флоскули дека (ќе) се залагаат за „квалитетно образование“ или за „слободата на изразување“, казната мораше да дојде.
Дека не се избираше личност со идеја и со политичка програма, покажува токму убедливото водство на популистичката кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова, која со истата реторика со која сега освои огромен број гласови, ги загуби претходните претседателски избори. Што во меѓувреме толку ги зголеми политичките перформанси на Давкова? Созреа ли како политичарка? Внесе нови квалитети во својот „модус операнди“?
Проблемот е во тоа што популистите тврдат дека само тие го претставуваат „вистинскиот народ“. Тоа имплицира, не само дека останатите „играчи“ што се борат за власт се корумпирани и немаат легитимитет
Се разбира дека овие дилеми можат да се постават и во обратната насока. Што се случи со Стево Пендаровски, кој на минатите избори ја победи токму Давкова? Што во меѓувреме толку ги снижи неговите политички перформанси? Го смени ли човекот својот политички светоглед? Не. Преку неговиот грб, всушност, беше казнет СДСМ, поточно партијата што го номинираше. Ваквиот развој на македонската политичка сцена ме потсети на нечија мисла што своевремено некаде ја прочитав, а таа вели дека популизмот секогаш победува, дури и тогаш кога губи.
Според германскиот политички филозоф Јан-Вернер Милер, проблемот на популизмот не е во тоа што им се додворува на широките маси и што се обидува да се претстави како заштитник на нивните интереси. Тоа го прават и другите политички опции. Впрочем, суштината на демократски избори е токму тоа – да се избере оној што ќе го претставува народот и ќе носи одлуки во негов интерес.
Друго прашање е кои се приоритетите на некоја политичка опција. Ако ви се приоритетни идентитетските и колективните права, тогаш ќе изберете некоја популистичка опција. Ако, пак, ви се приоритетни индивидуалните, „класните“ или работничките права, тогаш ќе изберете некоја опција за која ќе мислите дека тие права ќе ви ги унапреди.
Вистински и невистински народ
Милер вели дека не е проблем ниту во критикувањето на елитите (една од главните карактеристики на популизмот). Критикувањето на центрите на моќта е „здраво“ за едно демократско општество.
Проблемот е во тоа што популистите тврдат дека само тие го претставуваат „вистинскиот народ“. Тоа имплицира, не само дека останатите „играчи“ што се борат за власт се корумпирани и немаат легитимитет, туку дека и граѓаните што гласале за некоја друга опција не се „вистински народ“. Тие се, најблаго речено, заблудени и/или излажани, а почесто „предавници“ и „странски платеници“ (кај нас „соросоиди“ и „слуги на Западот“).
Кога ќе констатира дека „народот не си ги знае сопствените интереси“, популизмот по дефиниција прибегнува кон „воспитни мерки“. Најчесто станува збор за хибридни диктатури, разни видови репресија, медиумска и останата пропаганда, суспендирање на некои слободи… што би требало народот да го „убеди“ во тоа што е негов интерес.
Кога, пак, ќе ги изгуби изборите (или власта, како што беше во нашиот случај со смената на ВМРО-ДПМНЕ), тој резултат по правило се оспорува. Затоа што тоа наводно не е „волја на народот“, туку е резултат на странски мешања, корумпираност и незнаење.
Белградскиот професор Воин Димитриевиќ уште во 90-тите години на минатиот век рече: „Кога радикалите ќе дојдат на власт, ќе нема повеќе избори“
Популизмот, вели Милер, е убеден дека е единствен застапник на интересите на таканареченото „тивко мнозинство“ (silent majority). Тоа значи дека секогаш кога на „тивкото мнозинство“ ќе му се овозможи да го каже својот став, тогаш популистите ја добиваат власта. Оној момент кога ќе ја загубат, тогаш тоа не е резултат на промена на приоритетите кај „тивкото мнозинство“ или на некои погрешни политики, туку резултат на таканареченото „замолченото мнозинство“ (silenced majority).
Ваквото убедување е вистински инкубатор на теории на заговор, напаѓања на изборниот процес, создавање клима на поделби меѓу луѓето… Со еден збор атак на демократијата.
Имавме ние низа изборни процеси во времето на Никола Груевски. Претпоставка е дека и ова сега гласно, а не тивко мнозинство ги помни капиларните гласови, уценувањата со работните места, гласачите од Пустец, нападот на Општина Центар, заглавувањата лифтови во посебно маркирани „комуњарски“ згради, смртта на Мартин Нешкоски, обидот за државен удар на оној 27 април и низа други аномалии.
Едноставно е, ако популистите ги изгубат изборите, според нив, ќе нема кој да ги застапува интересите на народот. Ќе ни ја продадат државата итн.
Оваа година е изборна во повеќе од половина во светот. Јас од некои причини ги следам актуелните избори во Србија, каде што повеќе или помалку се случуваат истите оние изборни агонии што ние со низа лузни ги преживеавме во она време. Српскиот претседател Александар Вучиќ, се чини, ги користи сите дозволени и недозволени средства за да ја обезличи демократијата и да ги сатанизира конкурентите.
Тоа ме потсети на белградскиот професор Воин Димитриевиќ, кој уште во 90-тите години на минатиот век рече: „Кога радикалите ќе дојдат на власт, ќе нема повеќе избори“. Некогашниот радикал Вучиќ сега го докажува ова тврдење.
Да се надеваме дека ваквите пророштва нема да се остварат кај нас.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија