Зошто треба да воведеме (авто)цензура

Врз партиските војници, кои лажно се претставуваат како новинари, не можат да се применат категориите цензура и автоцензура, бидејќи не се работи за новинарство туку за политичка (поточно: политикантска) пропаганда.

Актуелниот историски момент во уникатната македонска транзициска рашомонијада омеѓува една сосема нова и оригинална фаза на овдешното сеопшто бесчестие – темата повеќе не се изборни измами туку изборите како измама. Изборите, и такви какви што беа, сепак беа некаков рудиамент на нешто што требаше да наликува или барем да глуми демократија. Сега изборите се сведуваат на главно орудие за да се уништи и она малку надеж дека во оваа општествено опустошена земја може некогаш навистина да се воспостави владеење на демократскиот принцип.

Се чини дека токму сега ќе стане ужасно важна онаа чудна коалиција меѓу медиумите (ако воопшто можеме да говориме во вакви категории за носачите на политичката пропаганда што би требало да глумат некаков медиумски простор) и партиската врхушка која игра ризична покер-партија, каде што вулог повеќе не е ни демократијата, туку најбуквално човечките животи. И повторно се менува темата. Таа не е повеќе цензурата и автоцензурата, константи што најчесто се провлекуваат кога зборуваме за овдешното информирање – едноставно, нема повеќе кој и што да се цензурира. „Туѓите“ тела од моќната пропагандна машинерија одамна се доследно отстранети, или се сосема маргинализирани, или се удавени во комнформизмот на глобалниот куплерај.

Сега изборите се сведуваат на главно орудие за да се уништи и она малку надеж дека во оваа општествено опустошена земја може некогаш навистина да се воспостави владеење на демократскиот принцип

Со автоцензурата работата е уште полоша. Имено, за да постои автоцензура неопходно е постоење на став и свест што ќе бидат поништени со интелектуална и морална самодеструкција, односно со автоцензура. За постоење на автоцензура нужно е да знаете и да чувствувате што е исправно (или барем да верувате во тоа), па да решите тоа да не го правите од страв од последици, а тоа значи дека во македонскиот медиумски простор реално има сѐ помалку автоцензура. Се разбира, не затоа што одеднаш се зголемила храброста на овдешните „извршувачи на медиумските работи“, туку поради раширената морална и професионална ретардација, реферирана од степенот на болката што тукашниот медиумски мејнстрим ја чувствува во однос на содржините што ѝ ги испорачува на јавноста.
Со други зборови, долгогодишната негативна селекција, обилното перење мозок и социјалната безнадежност создадоа милје во кое професијата е целосно руинирана и претворена во чудна услужна дејност. Новинарските услуги се продаваат како сапун со мирис по желба или како тоалетна хартија за забришување по потреба. А често е тоа и евтин стриптиз со повремено „играње во скут“, а во некои случаи и тешка, перверзна порнографија.

И иако станува збор за ординарна трговија, погрешно е да се мисли дека финансискиот елемент е најважниот во проституирањето на професијата. Не! Медиумските макроа сето тоа го покриваат лажниот плашт на уште полажното „патриотско новинарство“, една од најмонструозните верзии на ординарниот партиски Пи-Ар.

Во суштина станува збор за партиски војници, политички комесари кои себеси лажно се претставуваат како новинари. Врз нив не можат да се применат категориите цензура и автоцензура, бидејќи не се работи за новинарство туку за политичка (поточно: политикантска) пропаганда, која најчесто е мотивирана со самозалажувањето или автохипнозата за исправноста на Целта: Македонија вечна (се разбира, само ако е една и единствена партија на власт). Во случајов новинарската форма само се користи како најдобар испраќач на одредени пораки, односно како најефикасно средство за перење мозоци.

Долгогодишната негативна селекција, обилното перење мозок и социјалната безнадежност создадоа милје во кое професијата е целосно руинирана и претворена во чудна услужна дејност

Затоа е и ужасно погрешна поделбата на провладини и опозициони медиуми, бидејќи такви едноставно – нема. Едните, оние што сее нарекуваат провладини, всушност се само пропагандни алатки кои треба да ја фалат партијата на власт (не Владата, а тоа најмногу се гледа кога сио имаме технички премиер и технички министри) и да ги демонизираат неистомислениците на владејачката партија. Другите, оние наводно опозициски, всушност се критички кон Владата и кон партијата на власт, но не се навивачки кон опозициските партии, што значи дека не може и не смее да се става знак на еднаквост меѓу нив.
Особено ако се знае кој е несразмерот на моќта меѓу „провладините“ и „опозициските“ медиуми. Во ред, има некои полувидливи или слабо видливи интернетски сајтови кои функционираат навивачки кон опозициските партии, но тие се толку маргинални и полуаматерски што навистина не се вредни за споменување во овој контекст, иако се и тие типичен доказ за непостоење на цензура и автоцензура во овој миг на македонското новинарство.

Значи, без оглед на евентуалното чувство на просечниот консзумент на овдешните медиумски содржини дека македонскиот медиумски простор ги постигнува истите ефекти како врз него да се применуваат (авто)цензорските методи, проблемот не само што е посложен, туку неговото решение, треба да се бара во една сосема спротивна насока – во некакво воведување на цензура и стимулирање автоцензура. Тоа е можеби најефикасниот начин овој купо-продажен новинарски куплерај барем малку да се упристои и да успее да избега од инцестуозниот алниот брак со партискиот агит-проп.

Замислете колку би бил почист воздухот кога „извршителите на медиумските услуги“ од еден „Курир“, „Инфомакс“, „Сител“, „Канал 5“… би имале соодветен степен на автоцензура на нивните пропагандистички сочиненија. Или барем еден просветителски цензор над нив!