Регион

Косово: Чување на предметите на жртвите од војната

Облеката која им припаѓала на жртвите од војната и нивните други лични предмети, кои од 2003 година, се чуваат во Институтот за судска медицина, по притисокот овие предмети да бидат сочувани, се префрлаат на подобра локација.

Дие Морина, Приштина

[cincopa AwPAzGe_iSaJ]

Илјадници предмети, во сопственост на жртвите од војната во Косово, чии тела по конфликтот беа пронајдени во масовни и индивидуални гробници, се префрлаат на подобра локација, по неколку години чување во лоши услови.

Овој потег доаѓа како резултат на притисокот на директорот на Институтот, Арсим Герџалиу и семејствата на жртвите.

Од 2003 година, Герџалиу и неговите колеги од Институтот за судска медицина, доброволно се грижат за предметите. Тие ја менувале амбалажата во која предметите се чувале и поставиле полици во шаторот каде што стоеле.

„Во текот на сите овие години, заедно со нашите вработени, купувавме дрвени штици и касети, направивме полици, а секоја пролет и секоја есен ја менувавме хартиената амбалажа, во обид да ги зачуваме овие артефакти од уништување”, вели Герџалиу за БИРН.

Министерството за јавна управа најде место со подобри услови за чувaње нa овие предмети, во зградата на владата во Приштина.

„Оваа локација е многу подобрa, бидејќи нема влага како во шатор каде што артефактите се чуваат со години”, вели Герџалиу.

Процесот е поддржан и од Меѓународниот црвен крст, кој ангажирал две лица за да ги исчистат и правилно да ги спакуваат предметите.

Бидејќи има илјадници предмети, процесот на префрлање, кој започна во октомври, ќе продолжи и следната година.

„Ги има илјадници, но пред почетокот на зимата ќе бидат префрлени околу 700-800 пакети, а останатите десет полни контејнери ќе бидат вклучени во проектот за следната година”, додаде тој.

Нагласи дека поради важноста на артефактите, би било идеално во иднина да се изгради музеј на жртвите, како што е музејот на холокаустот.

„Артефактите се мостови помеѓу жртвите и семејствата … ова е доказ, кој не треба да го заборавиме”, рече тој.

„Велам ‘мостови’, бидејќи тоа е она што жртвите го имале до денот кога биле убиени, до последниот момент од нивниот живот. Така, имаме часовници, чешли, огледала, пенкала, очила, клучеви и слично. Работи што обично луѓето ги имаат“, додаде Герџалиу.

Овие предмети кои им припаѓаат на жртвите ќе бидат чувани во зградата „Рилиндја”, каде што се сместени неколку владини министерства.