Регион

Куќен притвор за двајца обвинети во случајот Ќурувија

Судот ослободи од затворски притвор двајца поранешни официјални службеници на Државната безбедност (ДБ) на Србија, обвинети дека во 1999 година, учествувале во убиството на опозицискиот новинар, Славко Ќурувија, и им изрече мерка, домашен притвор.

Пишува: Филип Рудиќ, Белград

Славко Ќурувија. Фото: Фондација „Славко Ќурувија“

Специјалниот суд во Белград, во четврток ги ослободи од затворски притвор, поранешните службеници на ДБ, Милан Радоњиќ и Ратко Ромиќ. Им беше одредена мерка домашен притвор, која ќе трае до крајот на нивниот судски процес, во кој тие се обвинети за вмешаност во убиството на опозицискиот новинар, Славко Ќурувија, извршено во 1999 година.

Одлуката да им се одреди мерката домашен притвор, судот ја донесе поради должината на времето што тие го поминале во затворскиот притвор.

Адвокатот на оштетените, Слободан Ружиќ, рече дека објективно, притворот траел долго и дека не е изненаден од одлуката, објави Н1 телевизија.

„Не сум изненаден, бидејќи веќе некое време очекував да биде укинат“, рече Ружиќ.

Во четврток почна и нова фаза од судскиот процес. Имено, во средата се појави последниот сведок на обвинителството и од денеска пред судот ќе бидат сослушувани сведоците на одбраната.

Новинарот и уредник, Ќурувија, беше убиен на 11 април 1999 година, пред неговиот стан во Белград, поради, како што верува неговото семејство, неговиот опозициски став кон режимот на Слободан Милошевиќ.

Според обвинението, во случајот Ќурувија, „непознато лице“ го наредило убиството, Радомир Марковиќ, поранешен началник на ДБ го поддржал злосторството, додека тројца припадници на ДБ, Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организацијата и извршувањето на убиството.

Обвинителството тврди дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник.

Тројцата обвинети изјавија дека не се виновни, додека обвинетиот Курак е во бегство и нему му се суди во отсуство.

Марковиќ моментно отслужува казна од 40 години затвор за убиство на поранешниот српски претседател Иван Стамболиќ и за други кривични дела, а Ромиќ и Радоњиќ минатата година беа ослободени од обвинението за обид за убиство на Вук Драшковиќ, лидер на опозициска партија.