Регион

Ќурувија бил следен „цела седмица пред убиството“

Двајца пензионирани службеници на Државната безбедност (ДБ) на Србија, пред Специјалниот суд во Белград сведочеа дека оваа служба го следела опозицискиот новинар, Славко Ќурувија, цела седмица пред тој да биде убиен во 1999 година.

Филип Рудиќ, Белград

Славко Ќурувија. Фото: Фондација „Славко Ќурувија“

Двајца службеници на ДБ, во понеделникот пред Специјалниот суд во Белград, на судењето на наводните убијци на Славко Ќурувија, изјавија дека овој новинар, неколку дена пред неговото убиство во април 1999 година, пред зградата во која што живеел во Белград, бил постојано следен.

Александар Гак и Радиша Роскиќ, пред судот изјавија дека во рамките на работната група, ги испитувале работниците на ДБ кои учествувале во следењето на Ќурувија на денот на убиството, објави новинската агенција Бета.

Гак и Роскиќ потврдија дека извештајот за Ќурувија, кој по неговото убиство се појави во медиумите, бил автентичен.

Во извештајот се вели дека Ќурувија бил следен 24 часа дневно, седум дена пред убиството.

Гак е поранешен шеф на центарот на ДБ во Нови Сад.

Според Зоран Стијовиќ, поранешен помошник началник на белградскиот центар на ДБ, кој претходно сведочеше во овој судски процес, Гак ја одбил наредбата на тогашниот шеф на ДБ, Радомир Марковиќ, да ги уништи инкриминирачките документи на оваа служба.

Роскиќ бил началник на Десеттата управа, која вршела контраразузнавачка заштита на функционери и дипломати.

Судењето за убиството на Ќурувија, започна во 2015 година, пред Специјалниот суд во Белград, 16 години по убиството на овој новинар. Тој, наводно, бил убиен бидејќи му бил опонент на тогашниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ.

Според обвинението, во случајот Ќурувија, „непознато лице“ го наредило убиството, Радомир Марковиќ, поранешен началник на ДБ го поддржал злосторството, додека тројца припадници на ДБ, Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организацијата и извршувањето на убиството.

Обвинителството тврди дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник.

Тројцата обвинети изјавија дека не се виновни, додека обвинетиот Курак е во бегство и нему му се суди во отсуство.

Марковиќ моментно отслужува казна од 40 години затвор за убиство на поранешниот српски претседател Иван Стамболиќ и за други кривични дела, а Ромиќ и Радоњиќ минатата година беа ослободени од обвинението за обид за убиство на Вук Драшковиќ, лидер на опозициска партија.