Вести

Македонија бира меѓу 260 кандидати за градоначалници

На шестите локални избори денеска 1.814.644 граѓани на Македонија имаат право да избираат градоначалници на општините и членови на советите. Во тринеделната кампања кандидатите ветуваа канализации, нови градинки, гасификација, почист воздух, решавање на проблемите со паркинзите, подобри услови за живот, повисоки плати… Ветувањата се движеа од локални теми, па се до теми кои ја опфаќаа интеграцијата на Македонија во ЕУ и во НАТО, како и решавање на проблемот со мигрантите.

Најмногу кандидати има за градоначалничкото место во градот Скопје, каде ќе се избира меѓу 8 кандидати. Во Град Скопје, своето право на глас можат да го искористат 461.321 граѓани запишани во избирачкиот список на 675 избирачки места.

Финансиските извештаи на политичките партии покажаа дека најмногу пари од парите од донации и членарини се давале за реклами и пропаганда, односно за банери, реклами на телевизиите и на интернет порталите, печатење програми и флаери, што впрочем и не беше тешко да се забележи бидејќи ветувањата на кандидатите можеа да се видат на секој чекор на билбордите, на социјалните мрежи, интернет порталите како и во ударните термини на телевизиите. 

На овие локални избори учествуваат кандидати за градоначалници и за советници од 19 партии и коалиции како и 64 групи избирачи. Пријавени се вкупно 260 кандидати за градоначалници и 6.627 кандидати за членови на советници. Голем број реакции имаше за тоа дека овие избори изобилуват со родова нееднаквост, бидејќи само 15 од кандидатите се жени, додека останатите 94 отсто се мажи.

Вчера, ден пред изборите, гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лицата што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Локалните избори во Македонија ќе ги следат 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи, како и шест странски новинари.

Канцелариите на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип денеска ќе бидат отворени за граѓаните од 7 до 19 часот, за да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните права.

Државната изборна комисија првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Вториот круг од изборите е закажан две недели, на 29 октомври.

Првите локални избори во Македонија се одржаа во 1996, потоа во 2000, 2005, 2009 и последните во 2013 година.