Вести

Март и април – клучни за Мијалков

7 март и 21 април. На овие два датума, ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков пред апелационите судии на јавни седници, заедно со останатите обвинети ќе ги објаснува жалбите за двете пресуди со кои лани беше неправосилно осуден.

Пресудата за прислушувањето „Таргет-тврдина“ и за набавката на софтверот во полицијата во предметот на СЈО со кодно име „Трезор“.

Од скопска Апелација за БИРН потврдија дека се закажани јавните седници за двата предмета.

Првата, се одржува точно една година по објавата на првостепената пресуда со масовното прислушување. Во случајот „Трезор“, Мијалков беше првостепено осуден во април 2021.

Сега пресудата од 481 страница ќе биде предмет на анализа на повисоките судии. Со неа, Мијалков доби 12 години затворска казна.

Во неа се потврдува дека прислушувањето во земјава било правено во поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, УБК.

Мијалков „искористувајќи ја својата реална моќ во општеството заедно со своите непосредно подредени соработници Горан Грујевски и Надица Николиќ создале група што има за цел вршење кривични дела против службената должност…“ се вели во пресудата за „Таргет“.

Ако првостепената пресуда биде потврдена, тоа значи дека долгата листа со оштетени од прислушувањето, новинари, бизнисмени, адвокати, политичари ќе може да бараат отштета во граѓанска постапка.

Во случајот „Трезор“ Мијалков е првостепено осуден на осум години затвор за набавка на опрема за следење на електронска комуникација за УБК. Со него се осудени и Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски.

Судот утврди  дека обвинетите се договориле да купат опрема за потребите на МВР од британската компанија „Гама интернешнл“, но тоа не го направиле директно, туку преку контроверзната фирма „Финзи“ како посредник.

Со тоа го оштетиле буџетот, а „Финзи“ во меѓувреме е избришана од Централниот регистар се стекнала со незаконска корист.

Ако пак бидат потврдени и двете пресуди, на Мијалков треба да му биде утврдена единствена казна затвор од двете на кои што неправосилно е осуден.