Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски неколку дена го исмејува СЈО на Фејсбук зашто се распрашувало дали има авион, а дел од медиумите блиски до неговата партија пишуваат оти Специјалното обвинителство на таков начин врши притисок врз неистомислениците на СДСМ.
Овие медиуми во непотпишаните текстови коментираат дека на случајот со Милошоски се покажало оти постапките на СЈО сѐ повеќе стануваат предмет за потсмев, а неговите Фејсбук-пријатели влетуваат со досетливи предлози од типот да ги пријави авиончињата што ги купил за децата.
Милошоски на Фејсбук-профилот неделава објави два документа на Специјалното јавно обвинителство со кои Катица Јанева бара информации од Централниот регистар и од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
СЈО бара Централниот регистар да му каже дали Милошоски некогаш имал фирма или бил директор на некоја компанија, додека од агенцијата барало податок дали пратеникот некогаш бил сопственик или корисник на какво било летало.
Оттука и шегите на Милошоски за авионот.
„Колеги пратеници од Кичево, Охрид, Струга и од Вевчани. Зборно место, полетуваме за седум минути!“, напиша тој.
Самиот објави дека немал ниту фирма, ниту авион и вели дека документите му ги дал патриот „свиркач“ од Специјалното обвинителство.
Катица Јанева „жнее“ податоци
Вистина е дека СЈО барало информација дали Милошоски имал авион или какво било друго летало, меѓутоа, како што објаснуваат познавачите за БИРН, тоа не значи дека Јанева трага по „аеро-флотата“ на пратеникот или, пак, дека прави нешто невообичаено.
И двете барања на СЈО се дел од стандардната процедура кога обвинителствата спроведуваат финансиски истраги, тие буквално жнеат информации од сите институции каде што можеби е запишан некакови имот или пари.
Специјалното обвинителство веднаш, истиот ден на некој начин потврди дека Милошоски е дел од предистражна постапка и информираше дека таква има за повеќе лица.
Тоа значи дека за Милошоски и за други лица, обвинителството најверојатно испратило и барање и до други институции.
Како што велат познавачите, при вакви постапки се праќа барања и до сите банки во државава да се увиди дали човекот што го истражуваат има или нема сметки, сефови, дали е овластен да управува со туѓи сметки или дали некогаш користел сервиси за брз трансфер на пари како Western union и слични.
Барања се праќаат и до катастарот за да се види состојбата со недвижниот имот на лицето што е фокус на интерес, исто и до МВР за да се дознае дали и колку автомобили има овој човек, а токму во рамките на оваа истрага се праќаат барања и до Капетанијата во Охрид и до Агенцијата за цивилно воздухопловство да се провери дали истражуваниот евентуално поседува некакво летало или глисер, чамец или брод.
Понатаму, ваквата предистражна постапка предвидува собирање информации и од Централниот регистар за тоа дали лицето има фирми или директорувал некаде, а се алармира и Централниот депозитар за хартии од вредност да се види дали поседува акции во некоја компанија.
Финално, проверки се прават и во Царината каде што се тестира дали лицето од интерес или неговите компании увезувале или извезувале нешто.
Често пати целава процедура се спроведува посебно и за членовите на семејствата на овие лица, за да се види дали кај нив има нешто сомнително.
Всушност, Милошоски самиот обелодени дека СЈО за него води некаква финансиска истрага.
Имало ли патриот „свиркач“?
Од СЈО потврдуваат дека пратиле барања до Централниот регистар и до агенцијата за Милошоски, меѓутоа велат дека документите што тој ги објави не се излезени од нивната евиденција.
„Имаме лесен механизам да го утврдиме тоа“, велат од СЈО за БИРН.
Прашавме во Централниот регистар дали можат со сигурност да потврдат дека овој документ навистина не „протекол“ од кај нив и тие ни одговорија:
„Ве информираме дека Централниот регистар нема издадено таков документ, како што Вие тврдите дека е јавно објавен и за одговор Ве упатуваме да се обратите до изворот којшто го има објавено.“
Кој и да го доставил документот на Милошоски, направил сериозно дело, бидејќи Законот за кривична постапка вели дека е тајна секоја предистражна постапка на обвинителството и на полицијата.
Законите предвидуваат тешки казни за оние што ќе ја повредат тајноста на ваквата постапка или ќе оддадат службена тајна.