Регион

Нема истрага против Додик за предизвикување на омраза

Обвинителството на Босна и Херцеговина, соопшти дека нема да покрене истрага против претседателот на босанскиот ентитет, Република Српска (РС), Милорад Додик, за предизвикување на национална и верска омраза, поради навреда на жртвите од Сребреница.

Адмир Муслимоќ, Сараево

Милорад Додик. Фото: СНСД

Обвинителството на БиХ, во понеделник соопшти дека нема да спроведе истрага против Милорад Додик, по кривичната пријава што против него ја поднесе Здружението на жртви и сведоци на геноцидот.

Кривичната пријава беше поднесена во јуни 2015 година, со образложение дека Додик ги омаловажил жртвите на злосторствата извршени од политичкиот и воен кадар на РС, негирајќи го геноцидот во Сребреница во 1995 година.

Во образложението на Обвинителството на БиХ, за неспроведување на истрагата, се наведува дека коментарите на Додик во интервјуто објавено во „Вечерње новости“, во мај 2015 година, имаат „навредлив карактер“.

„Сепак, фактичкиот опис на кривичното дело мора да содржи и факти, и околности, кои што се однесуваат на постоење на намера на осомниченото лице или постоење на свесност, дека со упатување на навредливи зборови, предизвикува или може да предизвика национална или верска омраза“.

„Во конкретниот предмет, врз основа на доказите, оваа намера не е утврдена“, се наведува во одлуката за неспроведување на истрагата.

Здружението на жртви и сведоци на геноцидот, најави жалба на оваа одлука.

„Во образложението се наведува дека се спроведени истражни активности, при што Милорад Додик бил сослушан, а сослушан бил и новинарот кој го правел интервјуто со него, но оти до Обвинителството на БиХ, „Вечерње новости“ и нивниот издавач, не биле во можност да го поднесат оригиналниот примерок на весник, во кој било објавено интервјуто“, вели Мурат Тахировиќ, претседател на здружението.

Обвинителството на БиХ тврди дека од овој медиум биле информирани дека архивата на весникот се уништува еден месец по денот на печатењето и дистрибуцијата на весникот.

„Колку што знам, архивата се чува од првото до последното издание во сите медиуми. Затоа ќе поднесеме жалба во законски рок“, вели Тахировиќ.

Додик во интервјуто, велат подносителите на кривичната пријава, тврди дека во Сребреница во 1995 година не бил извршен геноцид, туку злосторство, со што ги омаловажил жртвите и пресудите на Хашкиот трибунал.

Исто така, Додик нагласил дека бројот на жртви е преувеличен и дека со него се „манипулира од политичко Сараево“.