Флеш Вести24/10/2018 18:10

Обвинителството испитува дали некој го рекетирал газдата на „Секјуриком“

Новинарот на БИРН, Владо Апостолов, денеска беше повикан во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал откако вчера објави интервју со сопственикот на фирмата „Секјуриком“, Волфанг Гампер кој се наоѓа во бегство откако се соочи со обвинение во врска со десет милионскиот тендер за чистење на владините простории од 2015 година.

Овој случај БИРН го отвори уште пред три години, меѓутоа во вчерашното интервју Гампер зборува и за тоа дека актуелната македонска власт му изнудувала пари во замена за слобода.

„Ми ветија дека ќе го запрат судскиот процес, ќе ми го вратат пасошот и нема да ме уапсат. Исто така рекоа дека може да учествувам на новиот тендер“, изјави тој во вчерашното интервју.

Тој откри и кому ги давал изнудените пари, но БИРН, не можејќи да ги утврди овие наводи, реши да не ги обелодени имињата.

По објавувањето на интервјуто, новинарот Апостолов беше повикан во ОЈО да даде исказ во однос на наводите, при што му беше посочено дека обвинителството е подготвено да ги испита сите тврдења на Гампер за наводен рекет, доколку тој достави докази или посочи конкретни имиња .

Во соопштението на обвинителството се вели дека „обвинителот ја запознал одбраната на обвинетиот со содржината на интервјуто и побара да достави докази и информации што ќе помогнат во утврдување на вистинитоста на наводите“.

„Адвокатите на обвинетото лице потенцираа дека се запознаени со тврдењето на обвинетиот, но конкретни имиња не биле посочени од страна на обвинетиот во ниту еден момент додека престојувал во Македонија“, се вели во соопштението на ОЈО.