Регион

Од лидерите на земјите во регионот побарано формирање на комисија за вистина

До претседателите на земјите од поранешна Југославија беше упатен повик, да го потпишат договорот за формирање на регионалната комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и другите повреди на човековите права, РЕКОМ, извршени меѓу 1991 и 2001 година.

Филип Рудиќ, Белград

Собирање на потписи во рамките на кампањата на Коалицијата за РЕКОМ. Фото: РЕКОМ

Фондот за хуманитарно право (ФХП) од Белград, член на Коалицијата за РЕКОМ, која води кампања за формирање на регионална комисија за вистината, во четвртокот објави дека потпишувањето на овој договор би значело чекор напред кон признавање на жртвите од војните, што е од суштинско значење за градење на мир и доверба во регионот.

„Обврска на претседателите и на владите на постјугословенските земји е да обезбедат траен мир во регионот, а РЕКОМ има голем потенцијал, да им помогне во извршувањето на таа обврска”, се вели во соопштението на ФХП.

Целта на оваа регионална комисија е утврдување на фактите за воените злосторства и другите тешки повреди на човековите права, извршени во поранешна Југославија, од 1991 до 2001 година.

РЕКОМ би ја поддржал работата на судските институции, особено на обвинителите, за да се обезбеди ефективна истрага за повредите на човековите права и на тој начин, да се унапреди владеењето на правото и човековите права на сите во регионот, без оглед на верската или национална припадност.

Меѓу планираните активности на РЕКОМ се мапирање на воените злосторства и нивните сторители, како и давање препораки за понатамошни истраги и кривични гонења.

Коалицијата за РЕКОМ неодамна низ Балканот повторно започна кампања за собирање на потписи за формирање на комисијата за вистина.

На самитот на лидерите на Европската унија (ЕУ) и земјите од Западен Балкан, што се одржа во јули во Трст, претседавачот на самитот изјави дека РЕКОМ е уникатен механизам, кој ги поврзува успешната регионална соработка и помирувањето.

Коалицијата за РЕКОМ е основана во 2008 година, а првата кампањата за собирање на потписи беше реализирана во 2011 година.

Иницијативата за РЕКОМ има намера да собере еден милион потписи за поддршка, а досега има добиено околу 600.000.

Објавено и на Балканска транзициска правда